Педесетница – Духовден
Благодатта на Пресветиот Дух нѐ удостојува денес да ја празнуваме Светата Педесетница – Неговото чудесно Слегување на земјата, како што ни вети Господ. Тоа ветување и величието на тој дар ги надминува можностите на нашиот ограничен ум. Зашто Господ вети дека ќе испрати не човек, не Ангел, туку Самиот Единосуштен Дух. Исполнувајќи го делото за кое беше дојден на земјата, Единородниот Син Божји се искачи на небесата, а сега Светиот Дух слегувајќи, станува наш Утешител. За каков неспоредлив дар се удостоивме денес! Горе на Небесата, Единородниот Син за нас пред Отецот посредува, а долу на земјата, Духот Свети со благодатта Своја нѐ утешува. Имајќи таков Утешител, срцата наши со храброст се исполнуваат и без страв на силите на злото се спротивставуваат.
Молитвено отворајќи ги своите срца за Светиот Дух да се всели во нив, Бигорските браќа и големото мнозинство верни, кои пристигнаа од сите страни за во Бигорски да ја најдат Горната одаја, духовно се преселија во Ерусалим и подобно на Апостолите, низ сеноќна молитва Го призиваа благиот Утешител, смирено и трпеливо барајќи ја посетата на Неговата благодат. Необично украсениот храм со бујното и раскошно зеленило, кое вистински ја доловуваше рајската убавина, уште повеќе ги оддалечуваше присутните од секојдневните грижи, и ги насочуваше сите нивни мисли кон таинството на тоа славно собитие, сликовито прикажано низ Богослужбените стихири. Но она што најсилно им го отвори патот кон духовно созерцавање на големиот и неспоредлив дар со кој се удостои човечкиот род на Педесетница, беше особено длабокото и вдахновено размислување кое нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, го сподели со нив во својата духољубива беседа.
Слово на Архимандритот Партениј изговорено на празникот Педесетница
„Денес, мили мои, е роденден на Светата Црква, како што велат Светите Отци. И тоа е за нас најзначајниот роденден, оти нема поубаво и повозвишено нешто што Господ го создал од Неговата Света заедница – Црквата. На овој ден Он не само што ја создаде, туку и ѝ вдахна сила одозгора, излевајќи Го на неа Својот Свет Дух. И потоа ја испрати во светот за да им го пренесе на народите словото Божјо и да ги просветли со светлината на Воскресението. За да се исполни она што нашиот благ Христос го рекол: Кој верува во Мене…, од неговата утроба ќе потечат реки на жива вода (Јн. 7, 38). Со ова нашиот Господ само го потврди старозаветното пророштво дека кога ќе се исполни времето, Он ќе Го испрати Светиот Дух и сите оние кои веруваат во Него, ќе се наречат синови Божји и Бог ќе се всели во нивната утроба. И вети дека Троичниот Бог, преку несоздадените благодатни енергии на Светиот Дух, ќе пребива постојано во луѓето, во срцата нивни. Оваа ноќ, на почетокот на бдението, на Вечерната Богослужба, се потсетивме на некои текстови од Стариот Завет, во кои се опишува како Светиот Дух слегол над седумдесет мажи, избрани од пророкот Мојсеј. Всушност, Господ ја услишил молитвата на овој голем Пророк и праведник, кој како водач на Израилскиот народ во пустината, немал доволно сили и му било многу тешко сам да го доведе тој народ до ветената земја, па побарал од Бога да му одреди помошници. И така, Господ зел од Светиот Дух Кој бил во Мојсеј, и им Го дал на Мојсеевите избраници (в. 4 Мој. 11, 16-17, 24-29). Гледате ли колку било важно водачите на народот да Го имаат во себе Светиот Дух и Неговото просветление? Дури откако им бил даден Светиот Дух, овие избрани седумдесетмина станале водачи на народот.
Почнавме со Стариот Завет за да покажеме дека Духот Божји уште од самиот почеток бил со луѓето, уште од Адама, преку сите пророци, па сѐ до доаѓањето на Христос. Но, во Стариот Завет Светиот Дух Го имале само одредени луѓе, кои биле избрани од Бога за особена служба, како што, видовме, беше Пророкот Мојсеј и неговите помошници, кои требало да го водат народот Божји и со пророштва да го утврдуваат во верата во Единиот Бог. Тоа не значи дека силата на Светиот Дух не била иста од почетокот – Он отсекогаш дејствувал заедно со Отецот и Синот – но во Стариот Завет Неговата пројава во светот била како сонце во зима, не во сета Своја полнота, туку некако оддалеку. Дури со доаѓањето на Синот Божји, благодатта на Светиот Дух во полнота се излева на секој крстен во Името на Светата Троица. И зарем тоа не е исполнување на пророштвото на Спасителот дека од секого што верува во Него, ќе потечат реки на жива вода? Тоа е онаа жива вода, за која Господ Христос ѝ зборуваше на Самарјанката: Кој пие од водата што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен (Јн. 4, 14). Таа жива вода е благодатта на Духот, која сите нас нѐ преведува во живот вечен. И навистина. Доколку искрено и од срце го побараме тоа, благодатта на Светиот Дух слегува на нас. Он постојано пребива во Црквата, и на секоја Литургија можеме да дојдеме во непосреден допир со Него, зашто Он е Тој Кој ги осветува Даровите, а преку нив нѐ осветува и нас, и нѐ соединува со нашиот Спасител Господ Исус Христос.
Слегувајќи на денешниот ден, во вид на огнени јазици над Апостолите, Тој не само што ги просвети овие прости рибари, туку и ги исполни со Божествена сила и храброст за големото дело што им претстоеше. Оти како што пишува во Евангелието, тие претходно се криеле поради страв од Јудеите. Сепак, послушни на зборовите Христови: Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот што сте го слушале од Мене (Дела, 1, 4), тие, после светлото Воскресение и сеславното Вознесение, биле еднодушни и постојано пребивале во молитва, очекувајќи го ветеното – да дојде на нив Светиот Дух, Духот на вистината, Кој ќе ги научи на сѐ. И се исполни времето: Ненадејно се создаде шум од небото… и ја исполни целата куќа каде што седеа. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат (Дела 2, 2-4). Значи, слезе Светиот Дух на нив и тие почнаа бестрашно да проповедаат за славните дела што ги изврши Синот Божји на земјата. Истиот Оној Кој некогаш во Вавилон ги измеша јазиците и го растури соборот на народите во злото, сега преку Светиот Дух и дарот на јазиците повторно ги соединува и собира во доброто сите народи.
Во тропарот на Педесетница Му благодариме на Христос, пеејќи: ‘Благословен си, Христе Боже наш, Кој ги направи премудри риболовците, испраќајќи им Го Светиот Дух, и со нив ја улови вселената, Човекољупче, слава Ти’. Навистина е достојно да Му благодариме и да Го славиме, бидејќи во Своето снисходење Он го обдари светот со голем дар. Зашто ако не слезеше при нас втората Ипостас на Света Троица – Синот Божји, испратен од Отецот, не ќе можевме ни да Го примиме Светиот Дух. Тоа и Самиот Христос го посведочува кога на Апостолите им вели: Ако не си отидам, Утешителот нема да дојде кај вас; ако пак, заминам, ќе ви Го пратам. И вели: Подобро е за вас Јас да си отидам (Јн. 16, 7). А беше потребно Светиот Дух да слезе за повторно да се возобнови онаа хармонија за која Бог го создаде човекот. Имено, човекот беше создаден за да пребива во заедница со Бога, да биде во една прекрасна хармонија со Него и со сѐ што е создадено, да биде дел од таа Божествена симфонија, наречена космос. Бог, Кој е најголем Уметник, пречудесен Поет, ја сотвори вселената како едно прекрасно созвучие, во кое човекот е најубавиот украс. И сега, со Слегувањето на Светиот Дух, одново се слуша таа хармонична композиција, зашто човечката душа повторно влезе во заедница со Бога. А неговото срце бескрајно се радува, зашто Троичниот Бог човекољубиво го избра за Свое најсакано живеалиште.
Тоа е реалност којашто може секој да ја живее во Црквата. Рековме дека во Стариот Завет Светиот Дух можеле да Го имаат само избраните. Сега, пак, Светиот Дух му се дава на секој што е крстен и што на правилен начин ја исповеда верата во Господа Исуса Христа. А во што е суштината на нашата вера? Господ сака да веруваме во Него, не како во еден од Божјите пратеници, или Божјите пророци, ниту како во втор Илија. Не! Туку да веруваме дека Господ Исус Христос е Синот Божји, Кој е рамен на Бога Отецот и на Светиот Дух, и Кој дојде да го спаси светот. Но, оваа наша вера е можна само преку Светиот Дух. Затоа кога Апостол Петар јавно Го исповеда Христа за Син на живиот Бог, и тоа уште пред да слезе Светиот Дух на Апостолите, Господ му рече: Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата (Мт. 16, 17), а преку Светиот Дух. Секој што верува дека Исус е Син Божји и дека Он е Спасителот на светот, Го има во себе и Светиот Дух, но само ако со искрена молитва Го бара. Господ им рече на Апостолите: Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори (Мт. 7, 7). И ете, тие пребиваа постојано во молитва, трпеливо очекуваа и најпосле Светиот Дух се всели во нив и од обични и прости рибари, ги направи ловци на целата вселена. Доколку сите ние усрдно и смирено Го бараме, Господ ќе ни ја даде благодатта на Светиот Дух и ќе се всели во нас, бидејќи, кажавме, човечкото срце е Негово најмило живеалиште.
Да се помолиме за сите кои денес ги обвинуваат оние што Го примиле Светиот Дух, што Го сакаат Бога и зборуваат за Неговите славни и чудесни дела, нарекувајќи ги заблудени, назадни и безумни. Тие постапуваат исто како Евреите, кои, врзани за овој свет и помрачени, не можеле да ја видат вистинската преобразба што се случила со Светите Апостоли на Педесетница, па кога Апостолите почнале да зборуваат на разни јазици, вдахновени од Светиот Дух, на нив им изгледало како да се опиени од слатко вино. Затоа да се обратиме за нив кон Бога со молитвата на големиот Атонскиот Старец од минатиот век, Св. Силуан: ‘Те молам, милостив Господи, преку Светиот Дух, да Те познаат сите народи на земјата’. Оти тој ја имал благодатта на Светиот Дух и знаел колку е убаво и радосно да се биде постојано со Бога. Нема ништо поубаво за човекот од тоа да Го најде вистинскиот Бог. Зашто секоја човечка душа жеднее за Бога, и тешко е за неа кога не може да ја задоволи таа жед. Има една приказна за некој Арап, кој страшно ожеднел во пустината, оти се нашол во безводно место, без извори, и почнал очајнички да бара вода. Барајќи така, наишол на вреќа преполна со злато и скапоцени камења, но само ја погледнал и незаинтересирано ја одминал, продолжувајќи да трага по вода. Ништо не му значеле во тој момент скапоценостите што ги нашол. Исто е и со жедта за Бога. Кога човекот е жеден за Бога, ништо не може да му ја угаси таа жед, освен радоста кога ќе го најде вистинскиот Бог. Затоа и Христос во Евангелието вели: Кој е жеден, нека дојде при Мене и да пие (Јн. 7, 37). И затоа Старец Силуан Го молел Бога да направи преку Светиот Дух сите народи да Го познаат Него, Семилостивиот. Да се придружиме и ние на оваа молитва за сите кои жеднеат по Бога, да Го најдат и да бидат радосни во Духот Свети. Амин!“