Ако за некои од луѓето би можеле без и најмала трошка сомнеж да кажеме дека се олицетворение на Божествените добродетели: љубовта, милосрдието и смирението – тоа се бездруго Светиите Божји, Пријателите Христови. И, ете, паметењето на Црквата, тоа живо предание на Телото Христово, со посебно благоговение ни ја истакнува личноста на Божјиот угодник, Светителот Николај Мирликиски Чудотворец, како особено „правило на верата, пример во кротоста, учител на воздржаноста“. Нашиот спомен за Св. Николај е толку жив, што ние секојдневно му се обраќаме со молитва, барајќи ја неговата помош во нашиот живот. А неговото присуство во нашиот живот е силно и живо. Тој е вселенски, сесветски Светител, на целиот свет му е добро познат и може секаде да се сретне. Светител кој ни небото, ни едно парче од земјата не го оставил недопрено и неосенето од неговите чудеса. Присутен е насекаде како гласник на љубовта, милоста, силата, славата Божја. Неговото живо присуство во нашиот живот се гледа, меѓу другото, и од тоа што речиси и да нема православен храм каде што не е изобразен благиот и кроток лик на Светителот. Присутен е тој и преку неговите чудотворни и мироточиви мошти, кои го облагородуваат воздухот со прекрасно благоухание.
Бигорската Обител, пак, го има тој предрагоцен благослов да им честица од тие преславни мошти, а заедно со тој благослов, ја има и преголемата љубов и благодарност кон Светителот, но и желбата што подостојно, што порадосно да го прослави неговиот спомен. И како порадосно би можело тоа да стане, отколку да се отслужи Света Литургија и во неговиот нов параклис во источната палатка на Бигорското Светилиште?! Таму, навистина, подготвена беше денес пребогата трпеза: домаќин беше самиот Светија, храната беше Телото Христово, питието – Крвта Негова, служител на трпезата – нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, гости – присутните браќа и верници, меѓу кои немаше очи што не го забележаа духовниот восторг на Старецот. Служеше тој со сето свое битие, сиот внесен во големото таинство; служеше и му благодареше на великиот Светилник Божји, што некогаш го удостоил да живее во неговиот Манастир на Света Гора, што му помогнал да му изгради параклис и да му отслужи служба Божествена.
Затоа неговата молитва денес кон Светителот и Чудотворец Николај беше тој да ни ги подари и нам духовните дарови на љубовта, милосрдието и смирението.
Благиот Бог, по молитвите на Св. Николај, и нас нека нè устои на радоста од тие најпосакувани дарови! Амин.