Протоѓакон д-р Р. Грозданоски награден со „Св. Климент Охридски“

По повод споменот на Св. Климент Охридски Чудотворец, небесниот покровител на нашата света Црква и Татковината, во свечената сала на Собранието на Р. Македонија, вчера достоинствено беше доделена високата државна награда “Св. Климент Охридски”. Помеѓу удостоените со ова престижно признание беше и ценетиот професор на Православниот богословски факултет “Св. Климент Охридски”, протоѓакон д-р Ратомир Грозданоски, кој е еден од нашите најпознати научни работници во и надвор од државата. Но она што ја прави нашата радост уште поголема е фактот што за прв пат во историјата оваа државна награда му се доделува на клирик на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Професорот Грозданоски ја заслужи оваа награда со својот долгогодишен и макотрпен труд на полето на теолошката наука, библистиката, филологијата и образованието. Во официјалното образложение за доделувањето на наградата од страна на државниот одбор, меѓу другото се вели: “Професор д-р Ратомир Грозданоски, паралелно со образовно-воспитната работа, во овие години се разви во една од најпознатите творечки личности, како научник, теолог, библист и како филолог. Автор е на дваесетина книги и повеќе статии, кои се значајни за теолошките прашања, за толкувањето на Библијата, за Евангелијата, за делата посветени на Св. Климент Охридски, за православното Христијанство. Неговите трудови се високо вреднувани како од страна на рецензентите, така и од страна на читателите и придонесуваат за разбирањето на Христијанството. Во овој период тој се појави како ангажирана личност во црковниот живот. Учесник е и дава значаен придонес во разни дела, промоции, во кои се расправа за суштинските прашања за Православието и за Македонската православна црква. Професорот Ратомир Грозданоски беше и декан на Православниот богословски факултет во Скопје и постигна забележителни резултати во развојот на оваа мошне значајна институција”.

Уредувачкиот одбор на нашата интернет страница срдечно му честита на протоѓакон д-р Ратомир Грозданоски за заслужената државна награда која го носи големото и славно име на нашиот огнен молитвеник и заштитник, Св. Климент Охридски, и му посакува добро здравје, преуспевање во подвигот и трудовите заради Христа и уште многу вакви високи признанија и награди!