Спомен на Св. Климент во Бигорски

Кога децата, свесни за преголемата вредност на она што им е оставено во наследство, ги величаат своите родители, тоа се претвора во една прекрасна химна на благодарност, љубов и почит. А колку повеќе почит и љубов и благодарност треба да чуваме во срцето ние, Славјаните, што сме потомци на нашиот толку славен и богопрославен Архипастир и учител, Светиот Климент Охридски. И зарем треба да чуди тоа што чествувањето на неговиот свет спомен во Бигорската обител се претвори во една силна, еднодушна и умилна, благодарна молитва, источена од срцата на оние кои и денес се хранат од обилната духовна трпеза што тој им ја постави уште пред многу векови. Истакнувајќи ја пред браќата и присутните верници оваа голема придобивка, нашиот Старец, Архимандрит Партениј низ своето кратко слово искажа една срдечна пофалба кон таткото на славјанскиот род:

„Голема е славата на денешниот ден, мили мои, и радоста негова е полна. Зашто се радуваме за Светителот и Чудотворец Охридски, нашиот Архипастир, родоначалник и татко, рамноапостолниот Климент. Ете, си спомнуваме денес за оној кој на земјата поживеал повеќе како ангел, отколку како човек, за оној кој се јавил во нашата средина како небесен пратеник на Христовиот есхатон; за новозаветниот Авраам на множеството славјанско, за патријархот сесловенски, за праотецот наш кој роди духовни синови и ќерки повеќе отколку што има ѕвезди на небесниот свод; за новиот Мојсеј кој го преведе нашиот народ од пустината на идолопоклонството кон ветената земја на богопознанието; за Претечата на Христовата слава среде Славјаните…

Со самото тоа што потекнува од еден народ, кој всушност тогаш бил крајно варварски и неблагороден, неговата светост сјае уште повеќе и зраците од неа допираат до сите краишта на веселената. Навистина делото на Св. Климент достигна планетарни размери. Зашто тој не ‘соѕида градба на туѓ темел’, туку од почеток го положи своето дело на непоколебливиот и вечен темел – Христос. А покрај сиот труд и сета борба за ѕидањето на таа словесна градба, тој мораше да се соочи и со студенилото на презирот и потсмевот од страна на во тоа време облагородените народи, кои со векови наназад беа стекнувале општествени и цивилизациски придобивки. Мораше новородената славјанска култура, за најбрзо време да ја воздигне до рамништето на останатите, за и таа да влезе во современиот цивилизациски тек. И не само што успеа во тоа, туку заедно со другите синови по дух на Божествените Кирил и Методиј, тие нови Апостоли, ја охристови словенската опшност, ја направи род избран, царско свештенство, народ свет (1 Петар 2, 9). И како што добро кажа еден наш книжевен деец од минатиот век: „На оние што го напаѓаа словенскиот јазик тој им одговори пред сè со тоа што на словенски напиша работи какви што тие самите не беа способни да напишат на грчки или латински јазик.“ Ми се чини дека нема душа славјанска што не се возвишила, озарена од Климентовите слова, нема православен Христијанин што не ги почувствувал благодетите од љубовта на Климента кон своите Учители и од титанскиот подвиг што тој го направил за да го возвеличи нивниот култ, да го продолжи нивното дело и преку благодатта на Светиот Дух, да го направи навистина бесмртно. Поради добриот подвиг на Охридскиот Архипастир, милиони и милиони души до денес во Христа се радуваат. Затоа, без никаков сомнеж, можеме и ние заедно со Св. Ап. Павле да заклучиме: Браќа, таков првосвештеник и ни требаше, свет, незлоблив, непорочен…(Евр. 7, 26) кој се моли и принесува жртви за нас во небесната Скинија, која што ја воздигна Господ, а не човек (Евр. 8, 2).

Овој гласник на слободата, милоста, радоста, љубовта, славата Божја, како најдобар пастир не го остави своето стадо ни после своето блажено успение. Напротив, како наш застапник и молитвеник пред тронот на Триличносниот Бог, тој е сега поблиску до нас, бидејќи достигнал полно обожение на душата и се сродил со Христа. Верувам дека по неговите молитви, Бог ќе го сочува православниот род наш, и нема да дозволи Светиклиментовиот посев некогаш да свене.

Благословот на Св. Климент и љубовта негова нека бидат со нас. Амин!