Кедар ливански си се покажал, од мачеништво не си побегнал и си победил, триблажени Јакове. Преку плотта смртта ја погази, смирувајќи ги сите страсти телесни и како кадило благомирисно изгоре, ти кој сега Го молиш Христа за нас.
Тропар на Св. Јаков Хаматурски, глас 3-ти
Мачеништвото за Христа е навистина една неиспитлива свештена тајна, тајна на преголемиот копнеж и љубов кон Бога, нивно запечатување со страдање и крв. Тоа е голем дар на благодатта Божја, како жива пројава на Неговата моќ која ја укрепува човечката немоќ, како чест и слава покажана кон човекот од страна на неизмерното човекољубие Божјо, како можност за славно преминување од пропадливост во вечност и бесмртност. Душата којашто ја стекнала таа маченичка благодат е нераскинливо врзана за својот Младоженец Христа, и никаква сила од овој свет не е во можност да ја оддели од Него, според зборовите на Св. Ап. Павле: Сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нè оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ (Рим. 8, 38-39)
Еден прекрасен пример за оваа Божествена љубов е страдањето на Светата Великомаченица Злата Мегленска, која и покрај сите навалувања на нејзините родители, сестрите и роднините, останала до крај верна на својот небесен Жених – Христос нашиот Бог, изговарајќи ги оние бесмртни зборови: „Штом ме советувате да се одречам од Христа, Кој е вистински Бог, не сте ми повеќе родители и сестри; Татко ми е Господ Исус Христос, Мајка – Богородица, а браќа и сестри – Светителите и Светителките”.
Нејзиниот витешки и страдалнички подвиг нашата Обител со посебна чест и љубов го слави секоја година на денот на нејзиното заминување од овој свет и преселувањето во рајските населби. Но оваа година, заедно со нејзиниот празник, бигорското братство за прв пат го прослави споменот и на уште еден херој на верата Христова – Светиот Преподобномаченик Јаков Хаматурски, игуменот на Манастирот Успение на Пресвета Богородица во Хаматура, Либан, кој пострадал во XIV век од страна на мамелуците мухамедани. Браќата, заедно со присутните верници, утрово со љубов и благопочитание се поклонија на светите мошти на овој голем либански Светија, кои пристигнаа во нашиот Манастир на 11 јануари оваа година, како благослов на нашиот драг отец, Хаматурскиот старец и игумен, Високопреподобниот Архимандрит Пантелејмон. Имено, Старец Пантелејмон, како вистински слуга на Христовото Евангелие, му го испрати тој бесценет дар на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, посведочувајќи ја братската љубов на нашите Манастири.
По молитвите на Светата Великомаченица Злата Мегленска и на Светиот Преподобномаченик Јаков Хаматурски, милостивиот Христос и нас нека нè помилува и спаси.