„Кога нашиот Избавител се крштеваше од Својот слуга, а Светиот Дух сведочеше, од таа глетка ангелските војски се исплашија; се слушна и гласот од Отецот на небесата: Овој Кој Претечата Го крштева со својата рака е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја. Христе, Боже наш, слава ти!“
Оваа црковна химна денес особено силно ни зборува нам, во Христа крстените. Напомнувајќи ни за Крштението Господово, таа нѐ посетува дека и ние некогаш сме се потопиле во крштелните води, и нам ни се отвориле небесата, и над нас слегол Светиот Дух, испратен од Отецот небесен, според ветувањето и искупителната заслуга на Синот Божји. И во тој миг на крштението наше во името на Света Троица, и нашето срце го примило благословот преку гласот на Отецот, Кој ни вели: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“. Да, преку крштението ние станавме деца и синови на Бога, Негово посиновение, според Неговата голема милост. И затоа со дерзновение во молитва Му велиме: „Отче наш, Кој си на небесата…“ И како да го слушаме гласот на евангелистот Јован: „А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји“. (Јн. 1:12).
Затоа да се зарадуваме сите на безмерната добрина на Оној Кој чудесно го устрои нашето обновување, потопувајќи се во водите Јордански, осветувајќи ги и давајќи им сила и благодат за наше таинствено преродување. На овој пресветол празник, ден на светлините, ден на преславното, таинствено Крштение на Господа, на Кого Му го должиме нашето пакибитие (пресоздавање), Бигорското духовно семејство, очекувајќи го чудесното осветување на водите, низ бдението спроти Водокрст молитвено се подготвуваше за мигот кога душата ќе се потопи во живата вода на Божјата благодат што страстите ги победува и гревовите ги брише. Оваа сеноќна молитва според една древна востановена традиција, ги собира во Бигорскиот храм кумовите на крстот од околните мијачки села, запазувајќи ја така жива и до ден денешен верата на народот во силата на крстот Христов.
Вдахновен од благодатта што како вода се излева од суштината на овој празник, нашиот возљубен старец, своето вдахновение го преточи во една прекрасна беседа, зборувајќи за тоа какво значење за целата мијачка околина имал денешниот ден, колку силна била верата на нашиот предци, кои ја користеле секоја можност уште повеќе да се утврдат во таа вера:
„Возљубени браќа и сестри монаси, браќа и сестри христијани!
Вечерва нѐ собра овде на молитва желбата да се подготвиме за еден многу значаен настан од животот на нашиот Спасител – Неговото крштение од раката на св. Јован, и затоа оваа богослужба според црковниот устав се нарекува претпразненство, а еве годинава таа падна во недела, па затоа воедно ќе отслужиме и воскресна богослужба. Но она што му дава еден посебен белег на ова бдение е еден древен мијачки обичај на т.н. врзување на крстовите, којшто христијаните, особено од овие краишта на Македонија, стотици години наназад го практикуваат, и кој се појавил во времето на османлиското ропство. Било тоа многу тешко време за нашиот народ. Иноверните власти сурово наметнувале разни тешки даноци, па дури и озлогласениот данок во крв, и вршеле секакви притисоци само за да го принудат православното население да се потурчи, како што се велело тогаш, односно да прими ислам. Ова особено важело за Западна Македонија, каде Османлиите сакале да создадат бедем од муслиманско население за полесна контрола над ова гранично подрачје. Исправени пред вакви страшни искушенија од една, и ветувања за привилегии и ослободување од даноците од друга страна, некои христијани попуштале и ја оставале својата прадедовска вера. Но оние што останале утврдени и непоколебливи во верата, изнаоѓале начини, преку разни обичаи, уште повеќе да го одржат своето единство и да ја засилат својата света вера. Кумството на крстот е најсилен израз на тој нивен стремеж. А зошто токму крстот? Бидејќи крстот е најверниот пријател на секој православен христијанин, од моментот на раѓањето па до смртта. Без него не може ни да се замисли Црквата на Распнатиот Христос. Крстот Христов е средство преку коешто Христос го спаси светот. Знаејќи го тоа, нашите предци, покрај светото крштение со кое што се облекувале во Христовата вера, чувствувале потреба и на друг начин да ја потврдат и засилат таа вера. Затоа, преку Крстот, тие сакале да уште еднаш да го запечатат својот завет со Бога, заветувајќи се дека ќе бидат врзани со крстот до крајот на нивните животи, во добро и во зло, во радост и во жалост.
Според овој обичај, секоја година на денот спроти Водопост стариот кум поставувал во својот дом вечера за своите роднини и соселани. Притоа, пеејќи побожни песни со коишто ја призивале молитвената помош на светиот Јован Претеча, домашните сучеле конец, составен од две врвки: бела и црвена. Белата боја го симболизирала Христовото Воскресение, како најрадосен и најсветол настан за секој христијанин, а истовремено таа покажувала дека крстот е нивната радост, нивната светлина, нивната надеж. Црвената, пак, означувала дека верата Христова треба да се брани до смрт, т.е. до пролевање на маченичка крв со надеж во Воскресението. Со тој конец потоа се опкружувала собата во којашто биле собрани верните, за да потсети дека православните се нераскинливо поврзани помеѓу себе и со Бога, преку Телото и Крвта Христови. Потоа кумот, заедно со крстот и конецот намотан во клопче, доаѓал во нашиот свет манастир. Имено, овој наш манастир отсекогаш имал многу значајна улога во животот на околните села – тој бил големо светилиште и упориште за народот, од каде што сѐ почнувало и завршувало. Тука, во храмот, на сеноќното бдение, свештеникот го врзувал крстот за босилек со конецот и на тој начин го потврдувал заветот на кумот и неговото семејство со Бога, со верата Христова и Крстот Христов. Цела ноќ верниците ја поминувале заедно со монасите на молитва, а по осветувањето на водата, попрскувале со неа по целото село и во своите домови. На самиот ден Богојавление, пак, по фрлањето на крстот, се враќале во црквата, каде што свештеникот го разврзувал крстот, па, прво на кумот, а потоа и на сите верници им делел гранче од царското цвеќе (босилек), што израснало за прв пат на Голгота, а и од врвките, за да ги потсетува на заветот со Бога и Крстот. Тогаш се одредувал и кумот за идната година, и му се предавал крстот на чување.
Силната вера во Спасителот со векови ја одржала оваа традиција кај православните од блиските села. Па така, и ден денес тие, избирајќи кумови меѓу себе, доаѓаат на Водопост во манастирот, ги носат крстовите од селото и остануваат тука цела ноќ на молитва, просејќи го Божјиот благослов за себе, за своите семејства и за целата наша татковина, за потоа со крстовите, осветени од духовниот оган на благодатта, и со светата богојавленска вода да однесат мир, љубов и радост во своите домови. Навистина е чудесно и воодушевувачки како тој обичај опстанал и до ден денес кај овие луѓе, и покрај сите искушенија и противења, како во времето на Отоманската империја, така и подоцна во времето на комунизмот. Затоа да се молиме овој обичај, како сведоштво дека, сепак, христијаните од овие краишта останале верни на крстот Господов, да продолжи и понатаму. Годинава особено сме радосни што и жителите на с. Јанче му се вратија на преданието (традицијата) да доаѓаат со крстот во манастирот, бидејќи едно извесно време христијаните отаму, можеби малку расколебани, престанаа да го носат крстот. Но, еве, слава на Бога, и таму пак заживеа овој убав обичај. Нека Бог го одржи до крајот на вековите, нека сегашните православни го пренесат овој обичај и на своите идни поколенија, па и тие, како своите богољубиви предци, да ја чувствуваат силата на Крстот Господов, Кој секогаш, високо воздигнат, победувал низ историјата на нашиот народ. Поради ова толку многу би сакал и околните христијани коишто на овој ден доаѓаат во манастирот повеќе да испитуваат, подобро да ја запознаат суштината на својата вистинска, Божествена и спасоносна вера, за да можат да ја пренесат на своите поколенија и така и тие да бидат духовно силни, да можат да опстојат и да битисуваат на овој свет. Кога тие би знаеле што значи тоа да се биде христијанин, да се биде нова твар во Христос, да се има живот вечен во Христа! Зашто Христос е единствената Вистина, единствената Светлина на секој човек кој доаѓа во светот. На светото крштение свештеникот кажува една молитва која гласи: „Благословен е Бог, Кој го просветува и осветува секој човек што доаѓа на светот“. Значи само во Христа човекот може да достигне спасение, да живее во просветеност, во мир и љубов со сета твар. Христос единствено ја возобнови заедницата на човекот со Бога, заедницата што ја имале првите луѓе во рајот, пред нивниот престап. Па затоа само христијанинот, и тоа вистинскиот христијанин може да биде во хармонија со сите созданија. Ја имаме таа привилегија, како христијани, со благословот Божји постојано духовно да преуспеавме, да напредуваме во секој поглед.
Наместо тоа, за жал, како последица на нашето недолично и недостоинствено однесување на празниците, секоја година сме сѐ помалку и помалку. Помалку деца се раѓаат кај нас, луѓето си заминуваат од татковината, полека исчезнуваме. Ова што сега ни се случува е навистина моќна поука дека за нас воопшто ќе нема иднина доколку не се вратиме на верата во крстот и Воскресението на Христа. Но ако се покаеме и вратиме при Него Бог е силен да направи чудо и да нѐ умножи. Како што во времето на отоманската империја, нашите предци опстојале цели пет века ропство, од кои првите три со страшен шеријатски закон, затоа што имале силна вера во крстот Господов, така и сега доколку ја запазиме верата Господ ќе нѐ запази и ќе ни ја чува слободата што ни е дадена на дар.
Претстојниот празник со причина се нарекува Просвештение. Да се помолиме оваа ноќ Господ да нѐ просветли сите и да ни даде духовно обновување и нови сили за со нашите животи да можеме да Го проповедаме Христа и да бидеме вистински просветлувачи на нашите ближни. Да се помолиме кон Бога Кој прави чудеса, надевајќи се дека Он и нашите скаменети срца ќе ги преобрази да станат онакви како срцата на нашите предци, на кои нека им е секоја чест и нека имаат Царство Небесно и имињата секогаш да им се спомнуваат. Зашто и ние, како нивни духовни потомци ја имаме за света должност заповедта од нашиот Господ Исус Христос да бидеме светлина и и сол на светот. Затоа да ја испросиме од Бога Божествената благодат на Духот Кој ни се објави на овој празник, за да можеме да бидеме вистински просветители на светот! Амин.“