Еордија во Струга
Светлата Седмица, Седмицата на радоста и светлината од Христовото Воскресение, Седмица која е предобраз на невечерниот ден на Царството Божјо, оваа година, по Божја промисла, заврши со едно големо, несекојдневно, духовно торжество – со свечената Еордија во Струга, посветена на Светиот Великомаченик Георгиј, великиот сведок на Воскресението Христово. Возобновена пред седум години со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тимотеј, а по заедничка иницијатива и заложби на јерејот Васко Голабовски и на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, како и во содејство со богољубивото свештенство при храмот на Св. Георгиј во Струга, еордијата денес прерасна во една огромна духовна и културна манифестација, онаква каква што несомнено ѝ доликува на древната и преубава Струга. Годинава, нејзиниот блесок беше, можеби, најсјаен. Најпрвин тој благодатен блесок засветли на празничната ктиторска вечерна богослужба со која началствуваше нашиот надлежен Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, во сослужение со Митрополитот Тетовско-Гостиварски, г. Јосиф и бројното свештенство од нашата епархија. Литијата, пак, што започна веднаш после вечерната, беше навистина одраз на триумфот на светлината, мирот и љубовта. И сè беше во духот на тој триумф, па дури и првиот редар и најавувач на литијата, кој беше облечен во римска воена облека, онаква како од времето на Св. Георгиј, кој и самиот бил воен трибун во римската војска. Звуците на оркестарот од град Скопје и гласовите на псалтите ја надополнуваа таа сеопшта симфонија на радоста, која низ главните струшки улици беше пречекувана со цвеќиња, насмевки и развеани знаменца од страна на најмладите стружанчиња, облечени во народни носии. И секако, главниот украс на молитвената поворка и овој пат беа чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј донесени од неговиот манастир во Рајчица. Положени во цветниот и раскошен епитаф, и опкружени од верна гарда од славниот мијачки крај, тие го излеаја својот благослов врз целата Струга. Годинава, пак, со посебен благослов да го носат епитафот со моштите беа удостоени четворицата стружани: Стефчо Рафтоски, Перо Русески, Христијан Ковачески и Мики Кукунешоски. Недогледната река народ што ги следеше благоуханите мошти и чудотворната икона на Победоносецот сведочеше за неговата небесна слава и молитвена сила, зашто тој има посебна слобода пред Бога да измоли благослов за сите оние што со љубов го слават неговиот сечесен спомен.
Свој придонес за благолепието на денешната поворка на единството, мирот и сплотеноста дадоа и нашите пријатели и соработници: Општина Струга, ОУ „Ј. Б. Тито“, СУ „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо“, оркестар „Град Скопје“, КУД „Илинден“ од Струга и КУД „Илинден“ од Битола, за што има ја изразуваме нашата длабока благодарност.