Таворската светлина од славното Преображение Христово денес со посебен сјај заблеска на врвот Голем Крчин, каде се случи еден навистина несекојдневен и преблагодатен настан. Таму, на самиот срт, на висина од 2341 метри, со благослов на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, беше отслужена Света Златоустова Литургија, во непосредна близина на остатоците од некогашниот храм посветен на Преображението Господово. На Литургијата, која на ова чудесно место се отслужи за прв пат после осумдесетина години, молитвено учество зеде голем дел од нашето братство и сестринство, како и околу четириесетина планинари, што радосно притекнаа да го соединат својот восхит од природните Божји убавини со духовната наслада од Божествената Евхаристија. И несомнено, беше тоа едно длабоко благодарење кон најголемиот Уметник и Творец, и небесен Татко, Кој изобилно ги дарува Своите верни деца со секакви убавини, и вештествени, и духовни. А тоа силно благодарење беше истовремено и молитвен спомен и големо признание за верата на нашите предци, што од љубов кон Бога граделе храмови на најнепристапни места, за и таму да се слави името Негово.
Благиот и човекољубив Бог нека го прими денешниот скромен подвиг за благослов на целата наша Татковина, и по молитвите на Својата Пречиста Мајка и на нашите богољубиви предци, да ги преобрази помрачените и несреќни души со светлината на Неговата љубов. Амин.