Илинден

Светлиот спомен на големиот ревнител за Божјата вистина и правда, Свети Пророк Илија, и на Пречистанските Преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, кој со својата крв ја посведочиле таа вистина и правда, и оваа година ни донесе голем благослов и обилна благодат. Нашето братство ги прослави овие служители Христови со повеќечасовно молитвено бдение и Света Евхаристија. Според обичај, нашиот родољубив Старец, Архимандрит Партениј, и овој пат на Илинден служеше во славното мијачко село Лазарополе, во прекрасниот храм на Светиот Великомаченик Георгиј. Вдахновен од чудесниот подвиг на старозаветниот Пророк и Пречистанските новомаченици, тој им се обрати на присутните со поучително слово:

Возљубени лазарополци, нека ни биде на здравје и спасение отслужената Света Литургија! Ви благодарам на сите што со внимание и побожност го следевте богослужението и молитвено учествувате во него. Светиот славен и сефален Пророк Илија, чиј спомен денес празнуваме, заедно со Светите Пречистански Преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј – монаси од нашиот род, кои во подвигот биле многу слични на Свети Илија и во време на Отоманската Империја со својата крв ја посведочиле вистинската вера – нека се молат за сите нас, за ова прочуено село и за Татковината наша!

Да се молиме и ние да има што повеќе вакви сведоци со маченичка совест во родот наш, та да можеме да си обезбедиме светла и благословена иднина. Оти, сè што имаме денес – оваа наша мала и многу сакана држава и Татковина и слободата што ја живееме – е завештание на нашите самопожртвувани предци кои се давале себеси како принос за да ги придобијат за нас тие свештени дарови од Бога. Тие навистина биле слични на старозаветните пророци, биле слични на Апостолите, слични на Мачениците, кои со крвта своја го сведочеле Божјото откровение и со љубов и самопожртвуваност го освоиле светот за вистината Христова. Велам да се молиме да имаме што повеќе такви Божји сведоци, зашто знам дека низ историјата сме имале многумина. Од ова село, на пример, како и од овој мијачки крај воопшто, произлегле многу такви духовни великани, и тоа во нашата блиска историја – можеби не постара од две столетија. Историјата непобитно сведочи за тие великани кои нè задолжиле премногу со делата што ги направиле во слава Божја и за доброто на родот наш. Денес, за жал, нивните села се речиси празни. Меѓутоа, јас сепак се радувам што не се заборавени докрај. Ете вие и денес доаѓате тука, барем во лето, при темелите на вашите предци, со надеж дека никогаш нема да загине споменот за славното минато на овие села. А нема да загине само доколку и ние, подобно на нив, се вратиме на основните начела на нашата спасоносна вера.

Впрочем, да се запрашаме што е тоа што ги поттикнало нив и им помогнало да истраат во тие тешки времиња на Отоманската империја, кога владееле суровите шеријатски закони? И не само да истраат, туку и да остават зад себе едно непропадливо бесценето духовно богатство за идните поколенија? Се разбира, тоа е единствено верата во вистински Троичен Бог, Творец и Седржител; во нашиот преблаг Спасител, Господ Исус Христос, Кој проповеда само љубов, и во Духот Свети, Животодавецот и Утешителот. Ете таа вера е сигурноста за нашата светла иднина. Имајќи ја неа, ние не ќе се двоумиме, доколку е тоа потребно, и да се жртвуваме за другите. Зашто Христијанинот за идеал Го има Христос, Кој се распна на крстот, ги рашири Своите раце во љубовна прегратка за целото човештво, а ги прегрна дури и оние што Го распнуваа. Љубовта и саможртвата се единственото оружје со кое нашиот човекољубив Господ, преку Своите ученици, го освои светот. Читаме од Евангелието, кога Он требало да биде предаден во рацете на беззакониците, некои од Неговите следбеници сакале да Го бранат со оружје – имено, апостолот Петар извадил нож во Гетсиманската градина, но Господ му рекол: Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат (Матеј 26,52). Гледате: Христос и во последните мигови од Својот живот нè поучи дека не со оружје, ами со вистина и љубов ќе победуваме. Он дури ни на Крстот не покажа никаква злоба и желба за одмазда кон оние што Му правеа зло, туку со љубов  молеше од Својот Отец за нив прошка и спасение.

Таа е верата со која биле задоени нашите предци. Би ги истакнал овде славните лазарополци: Ѓурчин Кокале, кој го изградил овој голем и прекрасен храм, и особено Архимандритот Анатолиј Зографски, кој со своето смирение и светост толку многу направил за нашиот народ… Пред некој ден додека бевме на трпеза – а знаете дека според манастирскиот ред на редовните трпези секогаш се чита некое поучително слово – слушнав за еден прекрасен настан од животот на големиот египетски пустиножител, Авва Памво. Имено, еднаш тој со своите монаси патувал по Египет, кој тогаш бил оаза на Христијанството и монаштвото. Кога поминувале покрај нeкoи луѓе, коишто сeдeлe додека монасите врвеле покрај нив, Авва Памвo ги повикал и им рeкoл: „Станeтe и пoздравeтe ги монасите, од нив благослов да примите, oти тие нeпрeстајнo бeсeдат сo Бога и устите нивни се свети“. Овој пример ме охрабри повеќе да ги фалам монасите. И иако секогаш внимавам во тоа за да не бидам погрешно сфатен, сега сепак ќе ги пофалам. Се разбира не и себеси, бидејќи јас не сум достоен за тој превозвишен призив, но за моите браќа можам да кажам дека тие се новите Илиевци, новите Анатолиевци, новите Евнувиевци, Пајсиевци, Аверкиевци… Еве, меѓу нас денес има и еден брат кој се вика Анатолиј, токму според името на великиот Анатолиј Зографски. Сите тие монаси се, всушност, новите сведоци Христови, кои за Него храбро сведочат. Да се запрашаме што би бил Бигорскиот Манастир без монаси? Еден куп камења и ништо друго. Истото би било и со ова село кога вие не би доаѓале често тука. Така што, и наши старославни манастири и храмови би изгубиле секакво значење, доколку ние самите не постанеме живи храмови, не станеме Божја Црква, собор свештен во Христа Исуса. Затоа, да го помолиме огненосниот и Свет Пророк Илија да ни ја испрати својата огнена ревност да бидеме дејствителни Христијани. За тоа, секако, потребно е чудо: Бог  да го отвори нашето срце со Својата милост и добрина за да би можеле да Го примиме во него. Оти, ние имаме слободна волја и без наша согласност, без наша синергија, Бог не сака да се всели во нас. Следствено, нашата денешна молитва бара од Него чудо; да го просветли разумот на што повеќе луѓе, та сите тие да ги отворат своите срца за вечната Вистина и Убавина и да го збогатат светот со неовоземна љубов и добрина. Немојте да мислите дека такво нешто е невозможно за обичниот човек. Сетете се дека некогаш и Апостолите биле обични луѓе, но имајќи Го Христа во себе – како што сведочи Свети Апостол Павле: не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене (Гал. 2,20) – со љубов го освоиле целиот свет и го преобразиле. Замислете само каква била Римската империја – една неверојатно моќна воена и административна машинерија којашто го покорила скоро целиот тогаш познат свет. И ден денес, на сета онаа развиена технологија што ја имаме, кога ги гледаме тие градби што ги правеле пред повеќе од две илјади години, просто занемуваме пред нивната импозантност. Меѓутоа, таа Империја била духовно гнила и во мрак. И она што не можеле да го направаат бројните освојувачи од овој свет, кои немоќно запирале пред неосвоивите римски бедеми, успеале да го постигнат кротките и невооружени Апостоли Христови, победувајќи го мракот и освојувајќи го Рим со својата победоносна вера и љубов во Христа. Така, вистинската Светлина засветли од Исток, од Израил, и, преку гонетите Апостоли Христови, се распространи насекаде. После три века гоненија и мачеништво, Христијаните, со љубов и саможртва, најпосле го победија и преобразија светот. Зошто ви го зборувам ова? Затоа што и денес на светот му е потребна една таква преобразба, му е потребна Христовата светлина. Ако во наше време ги нема тие материјални идоли на кои се поклонувале Римјаните; на кои, во времето на Свети Порок Илија, се поклонувале и богоотпаднатите Израилци на чело со царот Ахав и царицата Језавела, сепак, и ние имаме идоли, можеби уште поголеми од нивните. Мислам дека најстрашни идоли денес се среброљубието и егоистичната желба за себеугодување. За жал, многумина се оние кои, свесно или несвесно, им се поклонуваат на овие идоли. Денешниот човек трча по материјални богатства и угодности и подготвен е заради среброљубието да ги жртвува и најсветите нешта, како што се верата и Татковината…

По молитвите на Свети Илија и на Светите Пречистански Преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, Бог на сите да ни дава сили да одолееме на соблазните од современите идоли и непоколебливо да ја сведочиме вистината Христова. Накрај би ве замолил да се молите секогаш и за монасите и монахињите од нашите четири манастири: Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино. Ги набројувам овие манастири, бидејќи на почетокот, кога ја започнавме нашата духовна преродба, беше само еден манастир – Бигорски, а сега се веќе четири светилници што сведочат во нашата епархија и во западниот крај на Македонија. Монасите и монахињите ги напуштиле своите домови и семејства и сега живеат во овие обители, каде постојано бдеат, жестоко се борат со своите желби и страсти, а особено со светот кој е посилен од кога и да било. Господ да ги утврди нив, а и сите нас што повеќе да сведочиме за Вистината и за љубовта Божја!

За многу години нека ни е големиот христијански и национален празник и Бог да ни ја сочува Татковината вечна!“

Попладнето, пак, во Бигорски беше отслужен чинот на Доксологија – молитвен спомен за душите „на отците и браќата наши, кои јуначки се бореле и славно паднале во светите борби за нашата вера и Татковина, или биле измачувани и убиени од непријателските војски, или паднале во заробеништво…“ Нашит Старец и игумен, низ солзи, ги сподели со сите присутни своите размисли за денешниот голем ден:

„Мили мои, нека ни е на помош големиот Божји ревнител, Светиот Пророк Илија, чиј спомен празнуваме, заедно со Светите Пречистански Новомаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, кои, исто така направиле достоен за восхит подвиг и со својата маченичка крв, во суровото време на Отоманската империја, ја посведочиле вистината Христова.

Кога пред малку ја читав молитвата за благослов на нашата Татковина и за покој на сите херои што паднале на браникот нејзин, толку силно ми затрепери срцето што, веројатно забележавте, не можев да изустам ни збор. Си спомнуваме за сите тие великани, од кои некои ги знаеме по име, но за многумина не ни знаеме… Македонија е земја маченица. Овој народ е, можеби, најстрадалниот народ на Балканот. Доколку ја погледнеме добро историјата, особено во последните две столетија, ќе препознаеме една огромна самопожртвуваност на македонските синови и ќерки, од копнеж за слобода на ова парче земја. Безбројни се таквите примери!

Меѓутоа, срцето ми затрепери уште повеќе кога ги видов монасите, собрани на певница од мојата десна страна. Гледајќи ги како со жар се молат за паднатите борци за верата и Татковината, се присетив на една случка од нашето минато – кога неколку комити, семејни, оженети луѓе, што се бореле за слободата на Македонија, после неуспехот на ослободителната борба, решиле да го напуштат светот и со молитви да ѝ послужат на својата поробена земја. Па така, накрај комитите заминале во Рилскиот Манастир, а нивните сопруги во познатиот Беровски Манастир на Свети Архангел Михаил. Погледнете: не можеле да ја ослободат земјата по физички пат, но знаеле дека духовно можат да го постигнат тоа, доколку продолжат со саможртвата!

И еве, денес Господ повторно ни дава такви духовни комити. Монасите се токму тоа – борци што водат духовна војна. Оставиле многу нешта во светот и дошле во овој Свештен Манастир, на првата борбена линија за сите нас. Можеби некој ќе праша: „Каква е таа прва борбена линија? Гледаме Манастирот им е многу убав, богат…“ Вчера, пак, кога го објавивме наш став за Договорот за пријателство помеѓу Р. Македонија и Р. Бугарија, со нашиот најбратски сосед, некои веднаш вербално нè нападнаа. Бев известен дека, меѓу другото, во коментарите имало и такви што велеле дека ние сме најголемите предавници и расипници; дека манастирот е мислиш најубавата приватна куќа во Македонија; дека, ете, бил многу скапо направен и дека со средствата дадени за изградба би можеле да се нахранат многу сиромашни… Немаме било каква потреба да се оправдуваме: самиот македонскиот народ сведочи колку сиромашни се хранат овде. Очигледно коментарите од таков вид се злонамерни. Секако, овде не ги имам предвид пристојните забелешки на оние што не се согласуваат со нашиот став – секој има право на свое мислење – туку оние што навредливо и зајадливо нè осудуваат. Она што сакав да го кажам е тоа дека сè што е направено во овој манастир е од благоверниот македонски народ за слава Божја и повторно за народот. Веројатно некој се соблазнил од просторијата наречена ’велик синодикон‘, или можеби од библиотеката. Но зарем не ги направивме тие простории, и тоа најмногу со свои сопствени раце, да бидат украс на Светилиштето на Светиот Претеча и на нашиот народ? А што се однесува до монасите, сведочам пред Бога дека тие живеат во малечки и скромни одаи, наречени ќелии, во кои од материјален имот имаат само еден кревет, плакар, работна масичка, икони и книги. Во тие ќелии тие се молат не само за својата Татковина, туку и за сиот свет… Немам намера повеќе да објаснувам – секој си има слобода да коментира што сака, само треба да бидеме свесни дека на крајот според зборовите свои ќе бидеме оправдани или осудени (Сп. Матеј 12,37).

Голем благослов Божји за секоја личност е нејзината слобода. Истото важи и за сенародната слобода. Денес, фала Му на Бога, ние како народ и држава живееме во богодаруваната ни слобода. Господ нека ни ја чува до крај! А верувам дека ќе ни ја чува, затоа што сè уште имаме добри и посветени Христијани кои се борат со гревовите, страстите и злото. Тие луѓе се вистински слободни и како такви можат да се изборат и за слободата на другите. Само оној што се бори против својот егоизам и гревовните желби, знае да покаже саможртва за ближните околу себе. Таквиот знае да се жртвува и за Татковината. Оние, пак, што се оддаваат на страстите, особено на најстрашните денес – себеугодувањето и среброљубието – тие не гледаат ни на најблиските да им помогнат во основите потреби, а камоли, пак, да допринесат за општото добро на целиот народ и на Татковината. Сведоци сме дека честопати се случува таквите страшно острастени личности да се докоснат до владеачки позиции, несомнено, по Божјо допуштение. Тогаш неминовно страда целиот народ…

Ќе повторам пак: вистински слободен е само оној што се бори со страстите и злото во себеси. Монасите, се разбира, оние пожртвуваните и посветените, се најдобар пример за слободни личности… Нив треба да ги почитуваме. Не сакам да го сфатите ова како самопофалба, бидејќи јас, иако монах, сум многу грешен и не заслужувам никој да ме почитува, но сигурен сум дека овие браќа заслужуваат. Бидејќи јас сум нивен духовник, знам колку се борат, колку духовни рани претрпуваат за своето лично, но и за спасението на мнозина. Доаѓаат кај мене и ми велат: „Оче, имав помисли да го направам тоа и тоа, но со Божја помош се изборив“. Светот денес му предлага многу нешта на монахот, тој е страшно силен. Деновиве разговарав со едно мое духовно чедо од Англија и бидејќи не знам многу добро да ракувам со мобилен телефон на допир, на несакање ми се вклучила камерата. Го гледам ликот на духовното чедо и се чудам… Се гледаме меѓу себе и разговараме. Со ова сакам да кажам колку светот денес е соблазнителен за еден млад монах – насекаде искушенија. А овде в манастир не на секого му е благословено да има мобилен телефон. И оние што имаат, го користат само по потреба и со благослов. Го зедов телефонот како најпрост пример; што останува, пак, со останатите нешта?!

Па така, монасите се нашите нови херои кои ја бранат Татковината на првата линија од духовното борбено поле. Следствено, и ние имаме слобода да искажеме некогаш наше мислење за некои важни случувања од политичкиот живот во Македонија, за нешто што го засега обичниот верник и современиот граѓанин. Токму затоа вчера излеговме со наш став и поддршка за договорот со братска Бугарија. На тие што нè навредуваат и осудуваат, најдобронамерно им посакам Господ да ги просветли да разберат дека Договорот што се потпиша вчера е еден голем историски чин што ќе ѝ донесе добро на Република Македонија. После Илинденското востание, АСНОМ и осамостојувањето на Македонија, ова е Четврт Илинден. Се надеваме и веруваме дека од денес ќе започне една подобра иднина за нашата напатена, многустрадална Татковина, на која и треба поддршка не само од еден соседен народ и земја, туку од сите народи и земји што нè опкружуваат, за еднаш засекогаш да се стави крај на омразата меѓу братските балкански народи. Нашите надежи ги полагаме во милоста и правдата Божја, како и во молитвите на нашите предци, на нашите многубројни Светии. Чувте пред малку како се кажува во молитвата дека Бог покажал од нашиот народ „велики црковни отци и учители“, како, на пример: Светите Браќа Кирил и Методиј, и нивните Свети ученици Климент, Наум, Сава, Горазд, Ангелариј, кои во тоа време со евангелската светлина го просветлиле не само огромниот словенски народ, туку половина Европа, делови на Азија и многу други народи. Тие Свети Христови Рамноапостоли направиле огромно цивилизациско дело и го задолжија светот, а особено нас, со непроценливо духовно богатство. И денешните Христијани што се трудат во подвигот за доброто, прават не помало дело за добробит на општеството. Тие наликуваат на светите Маченици, бидејќи, иако од нив не се бара со својата крв да сведочат за Христа, сепак тие пролеваат духовна крв, борејќи се со многу силниот световен дух; дух кој сака да разори сè што има вистинска морална вредност. Гледаме како во модерното општество владее една страшна тенденција насочена против сите традиционални христијански вредности. Нејзе треба сите да ѝ се спротивставиме. Постојано слушаме како многумина наши сожители копнеат да бидат европски граѓани, да бидеме дел од Европа… Да, но треба да размислуваме и со свој ум што од тие европски вредности ќе прифатиме, а што не. Да не дозволиме да биде исто како во времето на социјалистичкото едноумие. Многумина тогаш без расудување го прифаќаа она што им го сервираше партиското раководство. Духовната штета што произлезе од тоа се чувствува и до ден денес. Останаа здрави само оние семејства каде што се спомнуваше и славеше Бог. Се сеќавате вие повозрасните, како нашите побожни баби и дедовци нè советуваа: „Иако на училиште ви зборуваат дека Бог не постои, сепак вие верувајте во Него и почитувајте Го“. Така и сега – оние семејства што ќе се држат до Евангелието и до неговите единствено вистински вредности, ќе одгледаат здрави и богоугодни личности.

Бог да го испрати Своето просветление, та што повеќе луѓе да се озарат од Неговата убавина и да Му ја предадат Својата слободна волја за Он да може повеќе да дејствува.  Амин!“