Радуј се, Ти, која го просветуваш умот на верните; Радуј се, Божјо благоволение кон смртните; Радуј се, за смртните смелост пред Бога; Радуј се, рано најстрашна за демоните, Радуј се Невесто неневесна!
Безброј се причините поради кои светата Црква Христова непрестајно ја воспева, слави и ѝ благодари на Мајката на нашиот Бог, но овие особено благодатни и боговдахновени пофалби кон Пресвета Богородица изникнале од едно чудесно сведоштво за нејзината небесна помош и будна мајчинска грижа, со која во последен миг беше спасена царската престолнина, богочуваниот град Константинопол. Оти во тешките години на варварски нашествија во VII век градот, немилосрдно нападнат и сардисан од две непријателски војски, беше на работ на погибел, а помош од никаде: царската војска беше веќе далеку и војуваше со персискиот цар Хозрој. Оставен на себе, и притеснет од оваа страшна неволја, благоверниот народ цариградски со молба и нескриена надеж го упати погледот кон својата единствена помошничка и чуварка, а просветлениот Патријарх Сергеј во свечена литија го осени градот со неракотворниот Богородичен образ „Одигитрија“ и со крајот на нејзината света риза ги допре морските води. Во тој миг небесната Владичица со својата сила ги раздвижи водите, ги потопи непријателските бродови и внесе страв и смут кај многубројните војски. Така, со нејзиното моќно посредништво градот Божји беше спасен, а народот во умиление од своите благодарни срца вакво сеноќно пофално пеење ѝ принесе, и ни ги остави во завештание овие прекрасни стихови што во петоците на Великиот пост молитвено се вознесуваат.
И никогаш толку како сега не ни биле потребни овие силни молитвени воздишки кон Богомајката, бидејќи и сега, како тогаш, опасноста надвиснува над нашите глави и ние немаме никој друг што би нѐ спасил, освен онаа која некогаш мајчински ги заштити од опасност своите верни деца и го запази од пропаст Константинопол. Затоа со таков молитвен жар браќата и сестрите на нашите манастири ги пееја пофалните восклици на Акатистната химна, чувствувајќи ги како небаре излеани од нивните сопствени срца. Знаеја тие добро дека небесната Застапничка нема да ги презре молбите на срцата во неволја, кои со скрушена болка, но и незгасната надеж ги упатуваат своите молитви кон неа, горејќи од копнеж таа да го слушне нивниот крик и да ги вразуми македонските водачи, та тие да ги заборават своите лични интереси и да си ја сочуваат Татковината која ни е скапоцен дар од Бога, даруван поради љубовта, надежта и пожртвуваноста на нашите предци. Но нашите молитви не се доволни во овој миг, потребно е сите ние како народ да Му докажеме на Бога дека навистина ја сакаме својата земја. Затоа, апелираме до сите оние во чиишто раце денес се наоѓа судбината на оваа земја, да направат сѐ што е според нивните сили непријателството и омразата да се оддалечат, да преовладее благоразумието и братољубието, и така да се скршат сите непријателски планови за разнебитување на овој свет удел на нашите предци. Апелираме до сите граѓани на оваа наша заедничка Татковина, која во себе ги соединува и православните и иноверните и која е унитарна држава на разни националности, да не бидеме алчни и да не ја градиме среќата на сметка на Државата, бидејќи оваа наша убава земја на сите им дава права и на сите им овозможува достојно да го живеат својот живот.
Возљубени наши браќа, ние немаме друга земја, освен оваа што сме ја добиле незаслужено и на дар, и можеби затоа не ја цениме доволно. За жал, како и обично, вредноста на она што го имаме ни се открива кога веќе е доцна. Но еве сѐ уште сме во единаесеттиот час, започна благопријатното време на постот и Господ го чека нашето обраќање и покајание, за да нѐ поштеди од страшната гибел. Да се обратиме сега, во овој миг, и да Му ги принесеме нашите плодови на покајанието, нашето благочестие, верност кон идеалите, нашето братољубие по кое ќе нѐ познаат дека сме Христови. Да си ја спасиме Државата и да ја зачуваме неподелена за нашите потомци. А Милостивиот Господ кога ќе ја види нашата сплотеност во љубовта и верноста кон Татковината, ќе ги отстрани од нас сите искушенија и ќе го раскине синџирот на сите сплетки однадвор, со коишто сакаат да ни го одземат она најсветото што го имаме: единството, мирот, верата, слободата и љубовта.