Завршувајќи ја, со Божја помош, првата седмина од поприштето на добродетелите, го прославивме споменот на чудото на славниот помеѓу мачениците, Теодор Тирон, чудесен и чудотворец, кој е живо сведоштво за слободата што им е дадена на мачениците: да се грижат за верните и скоро да доаѓаат напомош на секое место каде што се повикувани.
Кога Јулијан Отстапникот сакаше да го оскверни постот на Христијаните преку попрскување на сета храна по пазарите со крв од идолски жртви, светиот маченик ги запази од таква скверна цариградските жители, предлагајќи им за храна коливо – вариво од пченица со мед – како што било обичај да се јаде во неговиот крај. Ние пак, кои го јадеме коливото во спомен на тоа чудо, јадејќи се потсетуваме повторно дека треба да се пазиме од сѐ она што за нас претставува жртва на идолите. А, идоли на денешниот човек му се: стомакот, парите, прекумерната грижа за телото, за социјалниот статус, за личното спокојство и безгрижност, за леснотија во животот…
Молитвите на светиот Теодор нека ни помогнат во текот на овој пост да го земеме врз себе благиот Христов јарем и, налевајќи сомилост и сострадание за ближните во светилките на своите души, да се ослободиме од животните грижи и да чекориме лесно кон светата Пасха, за која да нѐ удостои Човекољубецот Господ да ја дочекаме неосквернети.