Водокрст
Во навечерието на Светото Богојавление и на Крштението на Господа Бога и Спасителот наш Исус Христос, во Бигорската Света Обител се отслужи традиционалното бдение спроти Водокрст, на кое и оваа година, на наша голема радост, молитвено присуствуваа и кумовите на крстот од соседните села: Ростуше, Велебрдо, Битуше, Требиште и Јанче.
Ноќта помината во молитва, содржината на празничните читања и песнопенија на Царските Часови и Вечерната, причестувањето со Светите Христови Тајни на Василиевата Литургија, благодатта и избликот на радост од Богојавленскиот водосвет во манастирската фијала – сето тоа духовно ги подготви нашите души за вистинско доживување на празникот на Светлините… А, секако, тука беше и созерцателната беседа на нашиот мил Старец, Архимандрит Партениј, со која уште од почеток го разгоре жарчето на нашата вера:
Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено во храмот пред почетокот на сеноќното бдение за Водокрст
Возљубени верници, браќа и сестри, добро ни дојдовте вечерва во нашата Света Обител, за да се помолиме заедно на ова карактеристично за нас бдение во навечерието на големиот Господов празник, Богојавление. Особено им се заблагодарувам и им посакувам голем Божји благослов на кумовите на крстот од околните села! Јас навистина усрдно се молам, оваа прекрасна и исклучително значајна традицијата со кумувањето на крстот никогаш да не згасне; но, напротив, Христијаните од реканскиов крај да станат уште посилни во верата, така што да не дозволат овие села некогаш да бидат избришани од споменот на нашата христијанска историја. Зашто, овој Манастир, заедно со жителите на околните села, придонеле несомнено многу за духовното издигнување на нашиот народ. Благодарение токму на нив, и пред сè, на монасите будителите – кои, се разбира, во најголем дел потекнувале од овие села – ние ја имаме и денес се гордееме со т.н. Преродба од 19 век, кога славјаномакедонскиот народ доживеал потполна црковна и народна еманципација.
А до тоа дошло најмногу поради фактот што овие наши предци имале силна вера во Господа; нивна пофалба бил единствено Крстот Господов (сп. Галат. 5,14). Тоа се гледа особено на овој празник на светото Просвештение, празник што со посебно торжество го славеле. Токму на овој ден тие пред сите решително покажувале дека ќе останат верни на Крстот Христов и на вистинската прадедовска вера. Пред сите јавно исповедале дека со крстот ќе живеат, со крстот и ќе умрат. Ете, тоа е значењето на кумството на крстот кое и до ден денес, покрај сите искушенија и страданија што како народ сме ги претрпеле во текот на последново столетие, сепак, преживеало како обичај. Се радувам што и оваа година гледам како Христијаните од околниве сила со искрена ревност се држат до обичајот со кумството на крстот, празнувајќи го молитвено и големиот празник на Крштението Христово.
Празникот Водици има навистина огромно значение, не само за луѓето, туку и за целата природа, зашто и таа се обновува и осветува преку Јорданската теофанија на Триипостасниот Бог. На овој празник, имено, кога на реката Јордан се крштеваше Второто Лице од Божествената Тријада од страна на великиот Пророк и Претеча, Св. Јован Крстител, Троичниот Бог се објави Себеси толку отворено и јасно како никогаш дотогаш. Додека Христос, воплотеното Слово и Син Божји, како човек се крштеваше во водите на Јордан, Бог Светиот Дух застана над него во вид на гулаб, и Бог Отецот се јави преку Својот Божествен глас, сведочејќи: Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! (Матеј 3,17)
На што нè поучува Христовото Крштевање? Истото на што нè поучи и Неговото Рождество. Впрочем, две чудесни добродетели постојано го пратат Христа во Неговиот живот на земјата: крајното смирение и целосното послушание. На Божик видовме дека Синот Божји во крајно смирение и послушание се роди заради нашето спасение, станувајќи и Син Човечки. На денот, пак, на Светото Крштение, Он необлечен влегува во Јорданските води, за да му даде нова духовна облека на човештвото, повторно преку послушание и смирение. На тој начин Он ни постана совршен пример за тоа како можеме да се спасиме и да го достигнеме обожението и соединување со Бога, што е и крајната цел на нашето суштествување; значи, преку смирение и послушание кон Божјата волја, откриена во Неговата света Црква. Ако првиот човек Адам, преку непослушание кон Божјата заповед, отстапи од заедницата со Него и беше соголен од духовната облека со која Господ го беше украсил, тогаш, преку Синот Божји, Кој облекувајќи се во човечко тело ја обожи човечката природа, ние одново се облекуваме во облеката на Божеството. Тоа е и смислата на светата тајна крштение: кога некој се крштева, било дете, или, пак, возрасен кој ја спознал вистинитоста на христијанската вера, па посакал да се крсти и станал огласен, на него, преку крстителната вода, слегува благодатта на Светиот Дух – истата онаа благодат од Крштението Христово што ги осветила Јорданските води. Затоа на големата ектенија при оваа света тајна, ние се молиме: „да се освети оваа вода со силата, дејството и слегувањето на Светиот Дух…, да ѝ се испрати благодатта на избавувањето и благословението Јорданово…, да дојде на оваа вода очистителното дејство на предвечната Троица…, да му биде оваа вода бања на повторното раѓање, за прошка на гревовите и облека на нетление…“ Следствено, на светата тајна крштение, врз крштеваниот слегува благодатта на Светиот Дух, се осветува човечкото тело, се погазува стариот гревовен човек по Адама, а се раѓа нов, внатрешен човек во нашиот Спасител Христос, облечен во нетлена облека. Така, нашиот живот добива духовна смисла на постоењето и предназначение за вечниот живот. Со крштението во Христа ние едноставно се облекуваме во Него, како што и пееме после трикратното потопување: „Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте“.
Ова суштинско сотериолошко и обожувачко својство на христијанската вера добро го знаеле нашите предци од овие секогаш несигурни предели, и точно поради тоа успеале да се одржат и во најтешки времиња. Нераскинливо сродени со оваа голема наша Светиња, со овој свет Манастир, тие оставиле богато наследство од нивата високиздигната духовна и културна свест. Показател за тоа се и денешните нивни чеда, коишто, иако не така силно и огнено, сепак, како мали жарчиња во пепелта сведочат за некогаш големиот пламен на верата на нивните претходници. Некои од кумовите што вечерва се тука, можеби и не ја знаат точно духовната содржина на овој древен обичај, ама поради огнената вера на предците, тие денес светат како жарчиња. Потребно е сега жарчињата повторно да се разгорат во силен оган, доколку сакаме добра иднина. Зашто без Христа нема ни добро минато, ни среќна сегашност, ни светла иднина. Он е единственото добро и Творец на доброто; Единствениот Кој почуваше на совршена љубов и ја докажа неа, умирајќи на Крстот од љубов кон човекот. Со Неговото сеславно Воскресение, пак, ѝ ја даде крајната смисла на апсолутната љубов, а со тоа и на човечкиот живот.
Господ да ни ги отвори духовните очи за да го разбереме сето она што Он го направи и секојдневно го прави за нашето спасение, бдеејќи постојано над нас и закрилувајќи нè кога ние не сме ни свесни за тоа! Да упатиме вечерва молитва кон Него, што повеќе луѓе да се просветат со благодатта од сегашниов празник и огнот на верата да се разгори во срцето на нашиот народ, за да имаме подобра иднина и накрај да станеме наследници на спасението.
Деновиве еден човек што неодамна ја посетил Света Гора ми раскажуваше како, кога во манастирот Ватопед запрашал некој монах дали и кога ќе има трета светска војна, монахот мудро му одговорил: „Поважно е прашањето зошто, отколку кога… Затоа што денес не е толку голем проблем гревот во човештвото – него отсекогаш го имало – но, проблем е тоа што луѓето денес го величаат гревот и злото го претставуваат како добро“. И навистина, современата пропаганда и концепт на живеење не ни оставаат простор да си го подобруваме ни сопствениот карактер, сопствената личност, а камоли нашето опкружување. И така, светот станува сè полош и полош. Во минатото, кога во светот и кај нас преовладувала христијанската философија на живот, луѓето, особено Христијаните, знаеле дека треба да се борат со своите страсти и гревовите. Не дека биле безгрешни – човек безгрешен нема – но, знаеле да различат што е добро а што зло, што праведно а што неправедно. Кога ќе паднеле во грев, тие го осудувале гревот во себеси, оттргнувајќи се од злото и стремејќи кон доброто, според зборовите на Божествениот Павле, кој поучува: отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто (Рим. 12,9). А денес, за жал, гледаме дека мнозинството луѓе го практикуваат токму обратното: за нив злото станало добро и нешто што заслужува пофалба! Ете, тоа е најстрашниот проблем на нашето совремие и затоа монахот кажал дека тоа е причината што ќе донесе војна во светот.
Меѓутоа, ние Христијаните не смееме да губиме надеж, па макар и во колку тешки неприлики да живееме; напротив, треба да се бориме со сите свои сили за доброто да преовладее, а најнапред, како што советува Апостолот, да отфрлиме од себеси секакво бреме и грев, што лесно нè окружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата – Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји (Евр. 12,1-2). Во Господа Христа ние имаме таков совршен пример на послушание и смирение, што немаме изговор да не ја исполнуваме волјата Божја. Крајно послушен на Својот Отец, Самиот сакајќи го истото што и Отецот го сака, Синот Божји се понизи Себеси и во неискажливо смирение дојде во светот „заради нас и заради нашето спасение“ (Символ на верата). Да се потрудиме да Го последуваме Христа, исполнувајќи ја Божјата волја и тогаш светот сигурно ќе биде подобар и помирен, затоа што ќе знаеме да се жртвуваме едни за други. Љубовта ќе ни биде водилка, а радоста награда.
Да сте живи, здрави и благословени! Добро бдение и просвештение на сите!