Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш? Крајот се приближува, ќе се збуниш; затоа вразуми се, за да те помилува Христос Бог, Кој е насекаде и сѐ исполнува
Кондак од Големиот покаен канон на Св. Андреј Критски
Во тивката, темникава и покајничка атмосфера на Бигорскиот католикон, кој облечен во црно како и самиот да воздивнува со нас, одекнуваше покајниот повик и длабоките воздишки на стариот паднат човек во секого од нас, плачот на првиот Адам за загубениот Рај, за првобитната Татковина, за близината Божја.
Потопени во мистичните одаи на душата запустена од гревот, тивко, со умиление и срдечни солзи ја миевме душата, извалкана и умртвена од неизбројните престапи против љубовта Божја.
Прекрасниот химнограф од VII век, Божествениот Андреј Критски, познавајќи ја до најдлабоките места огревовената душа и нејзината најосновна и насушна потреба – покајанието, како некое чудесно лекарство, низ стихови ни ги испишува лековитите покајнички повици, кои раѓаат вистинско умиление и ја омекнуваат гордата и скаменета душа, за да измоли милост од Бога.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме! Образот Твој го погребав и заповедта Твоја ја нарушив, сета убавина се помрачи и од страстите, Спасителу, светилникот згасна, но смилувај се и, како што пее Давид, врати ми ја радоста
Која е таа радост? – Вистинската радост е Христос нашиот Бог, љубовта Црковна, Младоженецот на душата. Единствената радост која го воскреснува и храни човекот, сѐ додека не го направи дете на Царството Небесно и наследник на вечната радост.
Христољубивиот наш Старец и Игумен, Епископот г. Партениј, нашата монашка пофалба и радост, ни го предочи со својот исконски глас Житието на Преподобната мајка наша Марија Египетска, еден од најубавите и најблагомирисни пустински цветови на покајанието, изникнати по застапништвото на Пресветата Богородица Марија, Мајката на сите Христијани.
Просветлувајќи те, Мајката на Светлината незалезна од раните на страстите те ослободи. Затоа, откако ја прими благодатта на Духот, просветли ги, Марие, оние што верно те величаат.