Благодатта на неискажливите Божји Таинства е таа која ги обновува Христовите луѓе и им дава да го победуваат овој свет. Без благодатта никој не би се спасил. Светиот Апостол Павле вели: „Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – Божји дар е“ (Ефес. 2,9). А пак, за да дојде благодатта во нашиот живот и во нас, потребно е наше содејство, наша соработка, та да направиме од себеси сад кој ќе може да ја задржи благодатта. Најдостојнот, најчистиот, најприемчивиот сад кој се удостои во себе да го смести целото Божествено Битие е Пресветата Дева Богородица Марија. Тој најголем настан во историјата се случи со посредство на Великиот Архистратиг, Архангел Гавриил, чијшто Собор денес го прославуваме. Светиот Архангел Гавриил кој многупати се јавувал во историјата, секогаш носејќи блага вест од Бога, и денес ни донесе благовест и благодат, да се израдуваме на заживувањето на неговиот некогаш славен Манастир.
Имено, во негова чест е изграден древниот Долнодримколски Манастир, за чиешто оживување, по желбата и молитвите на нашиот почитуван архипастир, Митрополитот г. Тимотеј, нашите монашки заедници, на чело со возљубениот ни Старец, Епископот г. Партениј, со особена љубов и жртва се посветија за негово заживување. Имено, денес, по цели осумдесет години запустеност, манастирот на Светиот Архангел Гавриил во Долни Дримкол заживеа со Света и Божествена Литургија, на која чиноначалствуваше нашиот Преосветениот Антаниски. Нему му сослужуваа браќата архимандрити, јеромонаси и јероѓакони од Бигорски и на нашата голема радост и благоговејните свештеници: о. Ристе Наумоски од Враништа, о. Миле Ангелковски од Дебар, о. Павел Крцоски од Охрид, како и почитуваниот протоѓакон на нашиот драг Митрополит, г. Николче Ѓурѓиноски.
Пред почетокот на Божествената Литургијата, на нашиот Старец му беше подарен надбедреник со претстава на Светиот Архангел Гавриил од страна на г. Томе Пеев, во знак на благодарност за неговите заложби за Манастирот и во спомен на првата богослужба по 80 години. Историската богослужба во тој храм воскресна во душите наши спомен за славните предци со голема вера и љубов за Бога.
По читањето на Светото Евангелие, Преосветениот Епископ г. Партениј, им се обрати на присутните со душеполезна беседа која всади благодарност и љубов кон бестелесните Божји служители.
Денешната Божествена Литургија отслужена во Долнодримколскиот беше навистина како една песна на благодарност и славословие, подигната до небесата од нашите срца, заради тоа што нашиот Господ ги отвори небесните двери и ја излеа Својата благодат врз нас, дозволувајќи ни да се собереме во овој свештен храм, посветен на Светиот Архангел Гавриил, по цели осум десетлетија. Се радуваме за воскреснувањето на оваа Светиња, сведок на нашата историја и нашата душевна врска со Бога. Нека ова свето место, кое повторно оживува, биде наше прибежиште и извор на духовна сила. Нека ни служи како потсетник дека, со Божја милост, секоја разрушена душа може повторно да се обнови и секое срце, со вера и покајание, може да се наполни со Божествена светлина.