Веќе седма година по ред, откако со благослов на нашиот Старец, Епископот г. Партениј, беше возобновена традицијата за служење на Света Евхаристија на планинскиот врв Голем Крчин, нашиот Тавор на Преображението, нашиот рид на радоста, дел од браќата монаси и сестрите монахињи зедоа подвиг на восходење и на молитвено учествување во Божествената служба, на која ѝ се приклучија и четириесетина духовни чеда на нашите манастири.
„Се појавуваат пасишта по пустините и ритчињата се исполнуваат со радост“ (Пс. 65,12), бидејќи каде што е Бог, таму се случува преображение, таму е и радоста. А нашиот Старец, кој е учител на љубовта и радоста, повторно ни го подари својот благослов да се радуваме на возвишението на Крчин, да вкусиме од убавината на Божјата величественост и гледајќи ги создадените од Бога прекрасни висини и пространства, да ги созерцаваме несоздадените, вечни, духовни висини и пространства. Силното Божјо присуство, особено преку Светата Литургија, ги исполни душите на присутните со вистинска радост, светлина и благодарност. Тоа ретко искуство беше прекрасна оддишка за душата и непроценлив и исклучителен благослов, на кој присутните се удостоија, по молитвената сила испросена од Старецот и по неуморното застапништво на Пресветата Богородица и на Свети Јован Претеча.