Незапирлив е копнежот по подвигот за светост и за внатрешна чистота на душата којашто со сите сили ја возљубила Мајката на Светлината, најчистата Богоотроковица, Која на светот му Го подари Спасителот Христос. Таквиот копнеж ги краси и одмара душите на верните кои го прегрнуваат благословеното време на чесниот Богородичен пост, трудејќи се да ја радуваат најдобрата Мајка со своите добри дела и молитви. А како поткрепа во овој богоугоден подвиг што претстои до сечесното Успение на Мајката на Животот, тие го имаат најмоќното духовно оружје и знамето на вечната победа – чесниот и животворен Крст Господов, кого Црквата Божја денес триумфално го изнесува за поклонение и прославување.
Големиот триумф на Крстот Христов, како и споменот на Седумте Маченици Макавеи, кои на почетокот од постот нè вдахновуваат со ревност за правата вера, Светата Бигорска Обител го прослави со благодарност и со прозби за благодатни сили за претстојниот пост. Така, победоносно издигнувајќи го Светото Дрво во своите раце на средината од храмот, нашиот старец и владика, Епископот Антаниски г. Партениј, ги благослови верните со знамението на Христовата љубовна прегратка, а во продолжение ни отслужи Божествена Евхаристија. По завршетокот на Литургијата, согласно црковното предание, Старецот освети вода во манастирската фијала, благословувајќи им на сите добар и богоугоден пост. Навистина, според неговите зборови, „влеговме во денови во кои, иако сме многу грешни, ни се дава благодатна можност да стоиме сосема блиску до Божјата Мајка, да најдеме спокој за нашите души под Нејзиниот мајчински покров и да се удостоиме преку смирена молитва, воздржание во чистота и дела на милосрдие, да станеме сопричесници на Царството во коешто Таа влегла на денот на Своето блажено Успение“.
Нека ни е благословен почетокот на светиот Богородичен пост и по молитвите на славната Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, да се удостоиме сите, во радост и чистота, да се поклониме на нејзиното сечесно Успение!