Христос, Создателот на сè, слезе долу на Земјата како роса, Го познаа како извор, се разлеа како река и беше крстен во водите Јордански. Оти слушнавте како Христос дојде кај Јована и беше крстен од него на Јордан. О, чудни нешта, несфатливи за умот! Како може бескрајната Река што го радува градот Божји да се потопи во едно ограничено водено пространство?! Како безграничниот Источник Кој дава живот на сите луѓе, беше покриен од привремени води?! Оној Кој е присутен насекаде, Кој е несфатлив за ангелите и невидлив за луѓето – доброволно доаѓа на крштение. Кога ќе ги слушнете овие нешта, возљубени, примете ги со силна вера и восхит. Оти Оној Кој беше незабележан од луѓето, не можеше да остане незабележан од водите. Го видоа водите и се уплашија, излегоа од своите речни токови. Затоа и Пророкот, гледајќи Го со духовни очи овој иден настан, таинствено прашува: Што ти стана тебе, море, па бегаш, и тебе, Јордане, па назад се враќаш? А тие му одговорија: Го видовме Творецот на сета твар, како во вид на Слуга прима крштение во знак на смирение и откуп на човечките гревови, и се ужаснавме.
Свети Иполит Римски
Како што Синот Божји слезе во светот преку Своето раѓање, Он сега слегува во речните води за да ги освети, да го излее Својот благослов и полнота на светот што го создаде. Бидејќи целиот свет беше подложен на распаѓање, поради побуната на нашите прародители, како што и самиот Апостол Павле им напиша на Римјаните: Сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат… со надеж дека и тие сами ќе се ослободат од ропството на распаѓањето при славното ослободување на синовите Божји (Рим. 8,21-22). Сега во водите Јордански, Синот Божји, Кој со Своето раѓање го освети нашето тело, во крштението ги осветува водите и го отвара небото за нас.
Очекувајќи го, со молитвена подготвеност, мигот на Светото Просвештение, нашите свети Обители заедно со присутните верни ја принесоа својата сеноќна молитва кон Себлагиот Бог, Кој денес смирено слегува во Јордан, за да ја освети сета твар преку Своето Божествено присуство. И одново кумовите од соседните села ги донесоа своите крстови во знак на верност кон прадедовската вера, подготвени на ближните да им го пренесат благословот на осветените води. Заедно со монасите, и тие се потопија во бескрајниот Источник на Божјата љубов, која денес се излева, за да го исцели светот од сета нечистотија и да го обнови животот. Осветувајќи ги водите, Он нѐ повикува да го осветиме и секој дел од нашиот живот, да умреме за гревот и повторно да се родиме во Неговата светост. Патот за тоа наше осветување ни го подготви созерцателното слово на возљубениот наш старец и владика, Епископот г. Партениј Антаниски, изговорено по читањето на светото Евангелие на светата Литургија и кое таинствено ни ја отвори ризницата на тајната за ова чудесно Крштение на Спасителот:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мили мои, денешниот чудесен празник, наречен Богојавление и Просвештение, е неизмерно голем и испраќа многу силна порака до сите нас. Се нарекува најнапред Богојавление, затоа што за прв пат во историјата на човечкиот род Триединиот Бог се открива толку отворено и јасно. Имено, Синот Божји како Човек се крштава во струите Јордански од Свети Јован Крстител; Гласот на Отецот громогласно и пред сите присутни Го посведочува како Свој Син, како што чувме од Евангелието според Матеј: Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! (Матеј 3,17); Светиот Дух, пак, се јавува во вид на гулаб над Христовата глава, пополнувајќи го Троичното сведоштво – нешто што било пророкувано и што било знак за Свети Јован Крстител, дека Крштеваниот е, всушност, Синот Божји. На реката Јордан, значи, денес на светот му се откри и посведочи Светата Троица, триединиот вистински Бог, Кој бил долго и во праслики најавуван од старозаветните пророци.
Просвештение, пак, се нарекува овој празник, затоа што со зраците на Јорданската теофанија го просветлува човештвото со вистинското и спасително богопознание. Секоја година ова празненство ни напоменува дека ние, како православни Христијани, е неопходно да знаеме дека нашиот вистински, чудесен, надразумен, неискажлив, недостижен Бог е триедин, триличносен, троичен и тоа богооткриено знаење треба свето да го чуваме помеѓу нас и да го сведочиме на другите.
Во поново време има една сесветска тенденција, едно глобално движење, наречено синкретизам, коешто, преку наводното обединување на сите вери во екуменизам, заговара една општа религија, еден Бог, за кого, меѓутоа, не знаме каде припаѓа и како се опишува. Бог на будистите? На хиндуистите? На Мухамед? Јахве? Алах? Колку често денес слушаме – за жал, дури и од православни Христијани – дека не е важно на која религија припаѓаме, туку е важно само тоа дека Бог е еден. „Бог е еден“, велат, „па дали си Христијанин, евреин, муслиман, будист – не е важно. Ист е Бог за сите и исти се неговите заповеди кај сите вери“. Колку погрешно! Од тоа површно сфаќање, придружено со големо незнаење, заедничка е само фразата „Еден е Бог“. Но, во никој случај тој Бог не е ист кај различните вероисповеданија. Затоа, неопходно е да знаеме дека вистинскиот, посведочен, самооткриен Бог е триедин, троичен, триличносен: Отецот, Синот и Светиот Дух. Тоа е Бог откриен и јавен денес на Јордан. Само доколку го знаеме тоа ќе бидеме заштитени од лукавите замки на синкретизмот и лажниот екуменизам. Велам лажен, затоа што добро е и должност ни е нам коишто Бог нѐ удостоил да бидеме во Неговото просвештение, да се молиме и да се бориме за обединување на сите, но во Вистината, а не за сметка на неа и надвор од неа. Го кажувам ова затоа што денес по социјалните мрежи може да се сретнат многу самоповикани „зилоти“ коишто со леснотија и неумесно, на многумина им ја прилепуваат етикетата „екуменисти“, без притоа да знаат точно што е тоа. Самиот термин екуменизам доаѓа од грчкиот збор οἰκουμένη, што во буквален превод значи ‘вселена, севкупност’. Под изговор дека работат за обединувањето на сите, но не во Вистината, туку преку синкретизам, заговорниците на оваа идеја пропагираат создавање на една општа религија којашто ќе ги вклучува во себе различните исповеданија на Бога. Меѓутоа, „вистината Господова останува вечно“ и Бог нема да дозволи Христијаните коишто правилно веруваат во вистинскиот Троичен Бог и живеат согласно таа вера, да бидат измамени и изгубени. Затоа Христос во Евангелието вели дека при крајот на времето, кога светот ќе го снајдат многу маки, Господ ќе ги скрати тие дни само заради избраните (сп. Матеј 24,22 и Марко 13,20). А кои ќе бидат избраните? Оние коишто на правилен начин ќе веруваат во Троичниот Бог и ќе останат верни до Христовото второ, славно и страшно пришествие. Залуден е високо моралниот и етички живот без правилното исповедание на Бога.
Деновиве на богослужбите во периодот на претпразненството на Богојавление пеевме еден прекрасен тропар, кој гласи:
„Подготви се, Завулоне и украси се, Нефталиме! Застани, реко Јордане, прими Го со радост Господа, Кој доаѓа да се крсти. Весели се, Адаме, со прамајката, не скривајте се, како порано во Рајот, зашто Господ, гледајќи ве голи, се јави за да ве облече во првобитната одежда. Христос се јави, сакајќи да го обнови сето создание“.
„Подготви се, Завулоне и украси се, Нефталиме!“ Ова се предели коишто се наоѓале во Јудеја. Имено, Завулон и Нефталим биле двајца од дванаесетте синови на Јаков и родоначалници на истоимените племиња. Кога Евреите влегле во Ветената Земја, одделни територии почнале да се нарекуваат според имињата на племињата што ги запоседнале и нивните родоначалници. Уште долго пред времето на Христа пределите на Завулон и Нефталим биле веќе населени со незнабошци, па затоа во пророштвата на Исаија се вели: Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја (сп. Иса. 9,1; Матеј 4,15). Земајќи ги овие имиња, свештениот химнограф сака да каже дека сиот свет, вклучително и незнабожечкиот, треба да се подготви и украси за доаѓањето на Избавителот, за вистинскиот Просветител кој ќе ги просветли со светост душите помрачени од темнината на идолослужението и на незнаењето, повторно според зборовите на старозаветниот евангелист Исаија: Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот на смртна сенка, им изгреа светлина (сп. Иса. 9,2; Матеј 4,16). Троичниот Бог се јави на реката Јордан, за да ги осветли со вистина и богопознание сите народи.
„Застани, реко Јордане, прими Го со радост Господа, Кој доаѓа да се крсти“. Еден псаломски стих што го слушнавме пред малку на прокименот пред читањето на Апостолот, вели: Морето виде и избега; Јордан се врати назад… Што ти стана тебе, море, па бегаш, и тебе, Јордане, па назад се враќаш? (Псал. 113:3,5) Тоа е, всушност, старозаветно пророштво за Крштението на Господа. Морето и Јордан се повлекуваат назад пред големото Таинство: Создателот доаѓа да се крсти во созданието и од созданието, за да го измие човештвото од гревовите. Праобраз за светото крштение наоѓаме и во настанот кога Израилот, бегајќи од војската на фараонот, се затекнал пред Црвеното Море. Тогаш големиот пророк и водач Мојсеј го подигнал својот жезол и преку благодатното Божјо присуство го разделил морето, така што избраниот народ поминал низ него како по суво. Исто така, пред Евреите да влезат во Ветената Земја, требало да ја преминат реката Јордан. Таа не била, а и денес не е многу голема река, но сепак, еден цел народ не може пешки да ја помине, не е лесно преминлива. Тогаш, наследникот на Мојсеј, Исус Навин, добил откровение од Бога: свештениците да го кренат Ковчегот на Заветот – кој бил најголемата светиња во Стариот Завет и го означувал благодатното присуство на Бога – да влезат во Јорданските води и нивното течение ќе престане. Така и се случило. Реката Јордан престанала да тече, а народот преминал од другата страна (види: Исус Навин, глава 3).
Некој можеби ќе рече: но, во Евангелието никаде не пишува дека Јордан престанал со своето течение кога Христос влегол во него. Да, водата не престанала како при подигнувањето на ковчегот, но Бог не сакал да ја пројави одеднаш Својата Божествена семоќ, туку оставил да дојде повеќе до израз верата на луѓето, којашто за нас е спасителна добродетел. Всушност, Господ Христос дејствувал на смирен начин. Уште од самото Негово доаѓање на Земјата: смирено се родил во Витлеемската пештера; Неговото Раѓање изгледало природно за очите на светот – единствено пастирите и мудреците добиле откровение одозгора за тоа дека се родил Месијата. Луѓето кои немаат вера, ни денес не можат да ја откријат и сфатат тајната на Рождеството. Господ смирено се родил и смирено им се открил на отворените срца; Он смирено влегол во Јорданските водотеци, со наведната глава, да прими крштение од Својот слуга и Претеча, Свети Јован Крстител. За наше очистување, за наше просветление и спасение. Сепак, според Божјата благодат и согласно старозаветните пророштва, при влегувањето на Христа во водата, Јордан го променил своето течение во обратна насока. Симболиката на ова е чудесна: како што се промени течението на реката, така се промени и историјата на светот и нејзиното течение со доаѓањето на Христос Бог.
„Весели се, Адаме, со прамајката, не скривајте се, како порано во Рајот“. Химнографот ги повикува Адам и Ева, а преку и нив и сиот човечки род, да се радуваат, зашто сега во полнота се објавува радосната вест. Христовото учење се нарекува Евангелие, што во превод од грчки значи ‘радосна вест’. Некогаш во Рајот, откако не ја послушале Божјата заповед и погрешиле, Адам и Ева се посрамиле и се сокриле од Бога. Сега Бог дојде во човечко тело, за во водата да ја разруши клетвата на Адама и Ева, велејќи им: радувајте се! Повеќе нема потреба човештвото да се сокрива од Бога, зашто Рајот е отворен и преку Христа, преку Неговото телесно воплотување, крштение, распнување и воскресение, влегуваме во него. Видовме како Евреите во Стариот Завет, преку ковчегот на Заветот ја преминале реката Јордан; сиот народ поминал под него, бивајќи благословен. Нели ве потсетува ова на Велики Петок, кога ја издигнуваме Плаштаницата над вратата од црковниот храм и тогаш сите врвиме под неа? Тоа симболично означува дека преку Христовото тело преминуваме од смрт кон живот, од земјата кон небото.
„Зашто Господ, гледајќи ве голи, се јави за да ве облече во првобитната одежда“. Каква била првобитната одежда? Сигурно не вештествена, туку нематеријална, духовна, со Божествено достоинство. На почетокот од Библијата читаме како кога Бог го барал Адама во Рајот, го прашал: „Адаме, каде си?“ А тој одговори: „Го чув одењето Твое низ рајот, па се уплашив, бидејќи сум гол, и се сокрив“. И Бог рече: „Кој ти кажа дека си гол?“ (Битие 3,9-11) Гледате: кога Адам ја прекршил Божјата заповест, го нарушил својот однос со Бога и повеќе немал слобода да се појави пред Него. Оттогаш нашите прародители биле облечени во облека од кожа: А Господ Бог им направи на Адам и на неговата жена облеки од кожа и ги облече во нив (Битие 3,21). Замислете, оние кои до пред скоро слободно разговараа со Бога и беа во честа заедница со Него, одеднаш се облекуваат во кожна облека, налик на животните! Таа облека им стана симбол за нивната неразумност. На грчки за бесловесните животни се вели ἄλογα, т.е. бессловесни, нелогични. Така, и првосоздадените со својот нелогичен престап се изгубија себеси, ја изгубија смислата на своето постоење, станаа нелогични. Но, сега, со јавувањето на Синот Божји на Земјата, со Неговото крштение и со сиот Домострој што Бог го устроил уште во предвечниот Совет на Света Троица, на сите нас ни се дава можност, преку правото вероисповедание и правото делување, да ја сочуваме нашата првобитна духовна облека којашто повторно ја стекнуваме со светото крштение. Имено, на светата тајна крштение, ние се облекуваме во таква духовна облека којашто ќе засветли во Божјото Царство, кога еден ден ќе бидеме во полнота со Бога, после воскресението на нашите тела. Затоа и во параболата, ако се присетите, за блудниот син, кога тој покајан доаѓа при својот татко, овој им наредува на слугите да го облечат во најубавата облека. Во грчкиот оригинал на Евангелието стои: ἐξενέγκατε τὴν στολὴν τὴν πρώτην καὶ ἐνδύσατε αὐτόν – исто како во црковнословенскиот превод: изнесите одежду первую и облецыте его, што во буквален превод на македонски доаѓа: изнесете ја првата одежда и облечете го. Значи, првобитната облека, којашто тој по своја вина ја извалкал и соблекол, а потоа, со покајанието и враќањето при својот небесен Татко, бил повторно облечен во таа чудесна благодатна одежда. Токму затоа денес, на Светата Литургија, пред да го прочитаме Апостолот, наместо вообичаената химна „Свети Боже“, испеавме: „Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте“. Христос е нашата духовна облека, бидејќи преку Неговото тело му се дава спасение на секое човечко тело и станувајќи Првороден меѓу мртвите, Он постана живот наш.
„Христос се јави, сакајќи да го обнови сето создание“. Празникот Просвештение подразбира обновување не само на човекот, ами и на целата природа, зашто Христос влегува и ги осветува водите, а преку нив, како основна стихија, и сето создание. Сѐ што Бог создал е добро и затоа Он нема да дозволи да пропадне Неговото создание, туку ќе го преобрази, како што се вели во Откровението, во ново небо и нова земја (Откр. 21,1).
Да Му дозволиме, мили мои, на Христос Бог да ги допре нашите срца, та да продрат во него зраците од просвештението од Триединиот Бог, да нѐ просветли, да станеме Негови проповедници и благовесници. Како удостоени да бидеме родени и крстени во Вистината, имаме голема одговорност правилно да сведочиме за неа. Да ја чуваме, со знаење и со дела, нашата богооткриена вера во триединиот Бог како најсвето нешто, бидејќи таа ни е одежда за влез во Царството Небесно.
За многу години! Добро просвештение на сите!