Четвртиот по ред великопосен петок. Четири седмици од светата и велика Четириесетница се зад нас. Четири статии од величествениот Акатист на победоносната Војвотка. И вечерва – последната, завршната, круната. Целиот Акатист, од првото „Радувај се“ на Ангелот до последното „Алилуја“ на Црквата, е сега завршен. Останува повторно да го испееме целиот на бдението на Акатистот следниот петок. И додека го пеевме во овие изминати четири петоци, и ние самите, заедно со постот, минувавме: од почетниот трепет на Чистата седмица до денешната тивка сигурност дека Мајката е со нас и дека на патот кон Светата Пасха не сме сами.
Нашиот сакан Старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, вечерва со таков восторг ѝ ја изговори на Царицата Мајка оваа последна статија, што зборовите како да не излегуваа од книга, туку од самото срце, како молитва и благодарност кои одамна живеат внатре и само чекаат да биде изречени. А оваа особено благодатна богослужба беше збогатена и со пеењето на познатиот професор по источно православно пеење, г. Константин Ангелидис, хорархот на „Тропос“, чиј глас ги исполни сите катчиња на храмот со оној сјај што му приличи на восфалението кон Царицата на Ангелите. Множество народ имаа можност да ја слушнат оваа прекрасна пофалбена симфонија вознесена кон небесната Мајка. И навистина, вечерва бигорскиот католикон не беше само храм, туку двор небесен, во кој земните и небесните пееја заедно.
Четвртата статија почнува со исповедание на Богородичната моќ и на нејзината величина: „Стена си на девствените, Богородице Дево, и на сите што приоѓаат кон тебе“, пее десеттиот икос. Стена како заслон, како прибежиште, како заштита. Бедем што чува и обновува. И поздравите се нижат како камења во тој бедем: „Радувај се, столбе на девството. Радувај се, врато на спасението.“ Врата преку која влегуваме ние додека патуваме низ постот. Четири седмици чекоревме, и еве, вратата е тука. Таа е вратата. „Радувај се, ти ги обнови срамно зачнатите. Радувај се, ти ги упати умно ограбените.“ И ние, ограбени од страстите и обновени од постот, стоиме пред неа и тропаме.
А потоа доаѓа единаесеттиот кондак кој нè обезоружува: „Поразена е секоја песна која брза да се простре на мноштвото од штедротите Твои, зашто и да Ти принесеме истобројни со песокот песни, Царе свет, не правиме ништо достојно на она што си ни го дал.“ Поразена е секоја песна! Четири петоци пеевме „Радувај се“, и на крајот, химнографот самиот признава дека сите тие „Радувај се“ не се доволни. Дека и да собереме песни колку зрната песок, ништо достојно не можеме да принесеме. И токму ова признание на немоќ е најсилната молитва. Оти Бог не бара совршени химни, туку сокрушени срца.
Единаесеттиот икос ја нарекува Богородица „светоприемна свеќа, која им се јави на оние во мракот.“ А ние, среде великопосниот полумрак, ја гледаме таа свеќа. „Радувај се, зраку на разумното Сонце. Радувај се, сјају на незаодната светлост.“ Зрак и сјај; Таа не е Сонцето, но Таа е зракот што нè води кон Него. „Радувај се, молњо што ги просветуваш душите. „Радувај се, бањо што ја измиваш совеста. Радувај се, чашо што ни црпеш од радоста.“ Бања и чаша, очистување и напојување, токму она што постот го прави со нас: нè мие и нè пои, нè празни и нè полни.
Дванаесеттиот кондак ни ја открива смислата на целото спасение: „Сакајќи да даде благодат за древните долгови, Разрешителот на сите долгови човечки Самиот дојде при оние што ја напуштија Неговата благодат и, раскинувајќи го списокот, слуша од сите вака: Алилуја.“ Раскинат е списокот на нашите долгови! Тоа е целото Евангелие во само еден кондак. Крстот, Воскресението, Причесната, Постот – сè во едно: Бог дојде, го раскина списокот, и ние сме слободни.
А последниот икос, дванаесеттиот, ја воспева Богородица како храм: „Пеејќи ѝ на твојата Рожба, те воспеваме сите како одушевен храм, Богородице, зашто во твојата утроба се всели Господ, Кој сè држи во Својата рака.“ Одушевен храм, жив храм, храм што дише, што љуби, што се моли. И поздравите на овој последен икос се круна на целиот Акатист: „Радувај се, скинијо на Бога и Словото. Радувај се, поголема од Светињата на светињите.“ Поголема од Светињата на светињите! „Радувај се, на Црквата непоколеблива куло. Радувај се, на царството неразрушлива стено.“ Кула и стена, во кои не сме безбедни и возљубени. „Радувај се, на моето тело исцеление. Радувај се, на мојата душа спасение.“ И телото и душата – целиот човек, исцелен и спасен.
И накрај, тринаесеттиот кондак, последниот, кој се пее трипати, како тројно запечатување: „О, севоспеана Мајко, родителке на посветото од сите светии Слово, примајќи го сегашниов принос, избави ги сите од секаква напаст и од идните маки искупи ги тие што пеат: Алилуја.“ Примајќи го сегашниов принос, нашиот песнен принос, не злато, не темјан, не смирна – туку четири петоци „Радувај се,“ изговорени со несовршени усни и со скрушени срца. И таа ги прима. Секогаш ги прима.
На крајот од Повечерието, пак, Старецот го закити целиот овој свештен миг со свое вдахновено слово, зборувајќи за тоа дека Акатистот не треба да заврши вечерва, во храмот, туку да продолжи во нашиот секојдневен живот, во секое „Радувај се“ што ќе го изговориме пред иконата на Богородица, во секоја солза на покајание, во секоја милостина дадена во нејзино име, во секоја подарена прошка кон ближните, во секое дело на милосрдие и сострадание. Тој, исто така, потсети дека следната петочна вечер спрема сабота е ноќта на целиот Акатист, кој ќе биде возгласен во текот на сеноќното бдение.
Радувај се, Невесто неневестна, сега и засекогаш и во веки веков!





























