Како лоза висејќи на Крстот, Спасителу, со виното на бесмртноста си ги напоил краиштата на вселената, Христе; Затоа Ти повикувам: мене тешко помрачениот од гревовното пијанство, откако ќе ме напоиш со сладоста на вистинското смирение, укрепи ме да постам сега од насладите, Спасителу, како добар и Човекољубец.
(Стихира на Господи повикав)
Духовно внесени во посебниот амбиент на овие денови, браќата и сестрите на нашите свети Обители и големиот број на верни што веќе неколку дена ги споделуваат со нив богатите богослужби, денес молитвено го проследија прекрасно составениот Канон кон светиот Теодор Тирон. Откако усрдно му се помолија, се засладија со коливото што секоја година тука се прави во негова чест, а во спомен на чудесното јавување на маченикот на тогашниот Цариградски патријарх, со цел да го предупреди за злите намери на Јулијан Отстапникот и да го спаси од осквернување од идолската храна.