Чист четврток

Господи, сакајќи мене недостојниот да ме спасиш со Твојата неизмерна милост, мене грешниот си ми положил покајание. Затоа Ти приоѓам, молејќи се: со пост душата моја приклонија, зашто кон Тебе прибегнав, единствениот Многумилостив.

(Стиховна стихира на Утрената)

Еве со тридневниот подвиг на целосно воздржување, веќе го започнавме нашето духовно патување кон Светата Пасха. Овој подвиг не е лесен, но на најдобар начин нѐ воведува во духовната борба: отсекувајќи ги физичките сили, се насочуваме само кон духовното. Сега е време на душата да ѝ се даде простор да процвета со добродетелите. Љубов, милосрдие, сочувство, сострадание, тоа е патот кој веднаш нѐ издигнува кон духовните височини. Сега Господ ни дава можност, преку добрите дела кон ближните, да се победиме себеси и своите многубројни страсти, и олеснети од тој товар да продолжиме ревносно, трудејќи се да го видиме Христовото Воскресение.