Ктиторска вечерна и литургиски спомен на Светиот Јован Дебранин

Според одредбите на православната еортологија, по секој поголем празник, Господов или Богородичен, се прави спомен на Светителите кои имале директен или индиректен удел во историскиот спасителен настан. Па така, и според древното манастирско предание, по централната слава на еден манастир, се прави спомен на првиот Ктитор, но и на сите ктитори, градители, игумени, монаси, подвижници.

Така, вчерашниот празничниот амбиент во Бигорската Обител заради споменот на славниот Претеча и Крстител Господов Светиот Јован, кој е тивко пристаниште и утеха за оние што пловат по бурното море на овој живот и сигурна скала кон небото, попладнето беше заокружен со Ктиторската вечерна богослужба. Веднаш потоа, Старецот на Обителта, Преосветениот Епископ г. Партениј, отслужи панихида, на која се помоливме за покој на душите на сите блаженоупокоени бигорски ктитори и монаси.

Таа соборна молитва продолжи и денес, со светата Божествена Евхаристија, со што се изврши правилото и долгот за помен на сите наши претходници во расо, кои своите животи, своите трудови, пот и агонии, ги вложиле во темелите на овој Претечев дворец, а пред сѐ, на Светиот отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв Ктитор на нашата Света Обител, по чиишто молитви ние денес смирено се трудиме да ги подражаваме.

На Светата Литургија чиноначалствуваше нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, кој всушност ги има најголемите историски заслуги за изградбата, украсувањето но и исполнувањето на Обителта со монаси, монашко предание и богољубиви верници во наши дни, во време кога се забележува општа распуштеност и рушење на сите христијанските вредности.

По молитвите на Светиот Јован Дебранин и на сите свети отци и подвижници, Господ Бог да ни ја сочува и утврди Обителта, Старецот, братството и сестринствата во веки.

Амин!