Во спокојството на мистичната ноќ на Богојавленското навечерие, кога водите земски и небески и природата цела и сета твар се подготвуваат да бидат осветени од големата тајна на Божјото Крштение и јавување на светот, благодатните воздишки на покајание и бесчујната молитва на внатрешниот човек ги проникнуваа душите на притекнатите верници во Бигорското Светилиште за време на целовечерното бдение. Претечевиот храм, ограден со мирисот на тамјан и со екот на древните писанија, псалмопенија и стихословија, беше утврден заслон за самоспознание и за духовно препородување. Под светлината на свеќите и кандилата, меѓу бројните присутни во храмот, беа и кумовите на крстот од околните села во Мијачијата, со срца полни со верба и надеж во сечесниот Крст Господен. Нивните лица, успокоени од благоста на светињата, беа сведоци на вековната верност кон Христа.
И сите присутни, сплотени во еден Дух, во Духот Господов над водите, со благодарност ги следеа поучните зборови на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, чијшто глас, исполнет со длабока вера и со грижа за спасение на душите, ги водеше мислите на слушателите кон сржта на покајанието.
На крајот од благодатното бдение, според типикот на Светата Црква, владиката г. Партениј го изврши чинот на Големиот Богојавленски водосвет. И како што зората ги отпечатува своите зраци над мирната вода, така и благодатта Божја се спушти врз водите во тоа свето последование. Секоја капка вода што ги оросуваше верните беше преносител на небеската благодат, на вишната чистота и на пораката за духовна обнова и повторно крштение во спасителното покајание.