Самарјанката напладне дојде да полни вода на изворот на Јаков, затоа што наутро не смееше да оди, бидејќи беше одделена поради тоа што била грешница. Но напладне дојде таму и нашиот Спасител Господ Исус Христос, за да ја сретне токму неа. Господ телесно како човек бил жеден за вода, а Самарјанката духовно била жедна за живата вода, за Вистината. И какво чудо, какво преображение на личноста на Самарјанката, којашто постанала апостол на Христа и маченичка, Света Фотина! За оваа чудесна средба и разговор, Светата Црква Христова си спомнува во оваа четврта недела од сеславното Христово Воскресение од мртвите. По тој повод и во нашата Свештена Бигорска Обител се отслужи Света и Божествена архиерејска Литургија, на која заедно со свештенослужителите од нашата Обител зеде удел и почитуваниот презвитер о. Илија Поп-Гонов од Радовиш, заедничарејќи во заедничката Чаша на спасението. Нашиот, пак, возљубен старец и игумен, Епископ г. Партениј, ни излеа жива вода преку словото присноживо, кое обилно истече од неговото срце:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Од денешното евангелско четиво чувме за необичниот разговор на Господа Исуса Христа со една жена Самарјанка, кај изворот на Јакова, близу самарјанскиот град Сихар. Како што е познато од црковното предание, по разговорот со Христа, оваа жена, дотогаш презрена грешница, се преобразува, па станува апостолка, за накрај да се удостои и со маченички венец заради Христа, така што денес се слави како светителка на Црквата Божја, под име Света Фотина.
Бог е Оној Кој ги знае срцата на луѓето. Единствено Он знае како најдобро да го повика човека, да испрати соодветна порака до срцето човеково, за да би можел тој да се преобрази, да се промени и облагороди. Од евангелскиот расказ јасно дознаваме дека жената Самарјанка водела грешен живот. Имено, таа во својот живот имала петмина мажи, а и оној со кого живеела во тој миг не ѝ бил вистински маж. Верувам дека повеќето од вас го знаете тој чудесен дијалог што се водел помеѓу Христос и оваа жена при изворот на Јакова. Остава трогателен впечаток тоа што милиот Бог, милиот наш Спасител, постапува кон нас луѓето со толку голема снисходливост, љубезност и благородство, прави сè заради нас и жеднее по нашето спасение. Иако совршен Бог, Кој е самодоволен Сам по Себе и нема потреба од ништо, Он, сепак, како изморен и жеден човек застана кај изворот на прататкото Јаков, седна до него и ѝ побара на жена, грешница и друговерка, да Му подаде вода да пие. Го направи тоа, пред сè, за да ја ослободи и охрабри оваа жена, да ѝ го отвори срцето, та да ѝ ја понуди Своја живоносна вода што тече во живот вечен, односно Својата спасителна наука. Жената, збунета, се чуди каква е таа вода и Му забележува на Господа дека Он нема ни сад со кој би можел да нацрпи вода во моментот. А Христос ѝ вели: Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен (Јован 4,13-14).
Жената, иако била грешница и осудувана од сите, сепак, ја барала вистината. Во себе чувствувала жед за духовното, за вечното. Тоа го заклучуваме од дијалогот, бидејќи самата таа се интересирала за теолошки теми; почнала да зборува за тоа на што се поклонуваат Самарјаните, а на што Јудеите. Срцето нејзино, значи, ја барало вистината. Не била задоволна и среќна со животот што го живеела и затоа барала нешто повозвишено. Препознала во Христа Пророк и го прашувала. А Срцезналецот, познавајќи ја нејзината внатрешност, самоволно го повел со неа овој разговор. Ја избрал токму оваа жена, која од Евреите била презирана поради друговерието, а од своите била исмевана и избегнувана поради неморалот. Отфрлена од општеството, таа морала сама да оди да полни вода, а не со другите жени. Но, ете, до неа застанува и со неа разговара Оној Кој ги познава срцата на сите и Кој знае дека оваа ќерка Божја ќе се покае, ќе се преобрази и ќе стане апостол, проповедник на Воскресението и на благодатта.
Гледате, мили мои, милостивиот Бог не ги осудува луѓето, туку ги повикува сите при Себе. Затоа и од нас бара да не ги судиме другите, бидејќи не ја знаеме нивната внатрешност, не ги знаеме околностите во кои тие пораснале и живеат и не знаеме кога тие ќе се покаат и ќе тргнат по Божјиот пат. Не знаеме, исто така, дека тие кои сега живеат грешен живот, можеби внатре, длабоко во себе чувствуваат голема болка, осаменост и тага заради тоа што го прават. Ние не можеме да ја знаеме добро внатрешноста на никого, и не ја гледаме кај тие луѓе желбата да станат подобри. Но Бог го знае и го гледа сето тоа. И затоа користи разни начини, испраќа луѓе и допушта ситуации, како би можеле сите да се покаат. Меѓу другото, Он нè испраќа и нас како Свои следбеници, Христијани, и од нас очекува со љубов, со великодушност и со трпение да им даваме пример на ближните околу нас и на тој начин, ненаметливо и тивко, да предизвикуваме покајание во нив. Оти, да знаете, само љубовта е силата којашто може да ги промени другите. Така нè учи и такви примери ни остави нашиот Спасител. Денешната случка од Светото Евангелие е еден од нив. И безброј се примерите во Евангелието и во целата христијанска историја за тоа дека Бог со љубов го привлекува и поправа човекот. Нема ништо поголемо, повозвишено, подостојно и порадосно од тоа со љубов да му го покажеш патот на човека. Господ Христос тоа и го стори. Со љубов ни го отвори спасението на сите нас. Не нè осуди, туку прифати Он да биде суден заради нашите гревови. Не нè казни, туку Самиот прими да биде казнет како престапник, да биде распнат на крст.
Господ, значи, ја избра љубовта како метод за стекнување на Царството Небесно. Неговото милно и благотворно дејствување, сигурен сум, сме го почувствувале сите во своите животи. Во некој момент на напуштеност и оставеност, Он ни пристапил на таинствен начин, дошол во нас и го повикал нашето срце. Некои се повикани порано, уште од младини, други подоцна, но тоа нема значение за крајниот исход. Важно е што сите сме повикани од Него и треба да останеме верни на тој призив. Навистина трогнува фактот што Синот Божји се измори и ожедни, за да го спаси паднатиот човек. Седна како човек и побара од Самарјанката: Дај Ми да пијам (Јован 4,7). Бил, се разбира, жеден за физичката вода како и секој човек, но пред сè, жеднеел за спасението на луѓето. Од таа љубовна жед Он и дојде на земјата.
И сега, откако нè повикал Божјиот глас и сме станале Христијани, да се трудиме и ние за да им бидеме поток на другите на живата евангелска вода, како оваа жена од денешното Евангелие, која ја прифати Христовата наука, поверува и Го возљуби Него, та стана и Негов апостол. Иако дотогаш грешна и презирана, без никаков морален авторитет, таа преобразена поита во градот, за со огромна жар да им проповеда на своите сограѓани за Месијата. И чувме како успеала целиот град да го повика на средба со Спасителот Христос. Станала верен следбеник и апостол на Христа, а накрај и маченички пострадала за Него во Картагина, заедно со своите деца.
Мили мои, да го последуваме примерот на Света Фотина. Кога веќе Бог нè повикал и ни проговорил во срцето наше – еве, се наоѓаме во Царството Негово, на Светата Литургија, се причестуваме, се соединуваме со Него, сме ја почувствувале радоста од заедницата со Него, благодатта на општењето со Него – тогаш, да се потрудиме самите со добрина, со широчина, со прошка, со љубов и сочувствителност и на другите да им Го сведочиме Христа распнатиот и воскреснатиот. И да не паѓаме во духот од многубројните искушенија, осудувања, клевети, сопки итн., оти навистина не е лесен Христовиот пат, но од друга страна, Неговата благодат и Неговата помош се изобилни. Христос е секогаш со оној кој верува во Него и му помага. Важно е со љубов да Му ги предадеме своите срца, како што денес Самарјанката Му го отворила и предала срцето на Христа и станала светлина. Така и ние, мили мои, да останеме верни на Неговиот призив и таа жива вода што Христос ни ја дава преку општењето со Него, преку Светите Тајни во Црквата, преку Светата Евхаристија, да ја пренесуваме и на други. Да бидеме сите Негови верни чеда, апостоли и светлоносци.
Амин!