Недела на Свети Јован Лествичник

Светата Црква Христова денеска се украсува со споменот на нашиот свет и божествен отец Јован Лествичник. Овој превосходен учител на христијанските добродетели, кој живеел во VI/ VII век, во својот живот на дело го остварил идеалот на покајанието – нешто што не треба никогаш да го иставаме од пред очи, особено, пак, за време на Великиот Пост. „Јована да го чествуваме, пофалбата на подвижниците…“. Меѓутоа, Црквата, правилно толкувајќи го учењето на Преподобниот, смета дека аскезата, молитвите, подвизите и воздржанието немаат никакво значење и вредност, доколку не се израз на љубовта кон Бога и кон ближните, па затоа во Вечерната богослужба таа го става Свети Јован да ни се обрати со зборовите: „Возљубете Го Бога и ќе најдете благодат вечна, ништо да не претпочитате пред љубовта Негова…“.

На Божествената Литургија, пак, продолжуваме да го читаме Посланието на Свети Павле до Евреите (6:13-20), во кое го опишува трпението и посветеноста на Авраам и исполнувањето на Божјите ветувања. „Не е можно Бог да излаже“ и поради тоа, и ние како Авраама, да „прибегнуваме да се прифатиме за надежта што ни е дадена, а која е за нашата душа цврста и сигурна котва“. Живееме ли и ние со оваа голема надеж?

Денешното Евангелие го опишува исцелувањето на еден млад човек, кој под влијание на ѓаволот бил опседнат од „нем дух“. Неговиот татко го одвел кај Господа Исуса. А тој му рече: „Ако можеш да поверуваш, зашто сè е можно за оној кој верува“. Низ солзи, таткото извикува: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“. Навистина, не можеме да најдеме подобри зборови, за во исто време да ја искажеме и својата вера и нејзината слабост. Но, дали сме способни да плачеме од болка додека му велиме на нашиот Господ: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“? Господ се смилува над овој татко. Он ја прифати таквата вера и го исцели неговиот син. Учениците, разговарајќи насамо со Учителот, Го прашале зошто не можеле да го истераат демонот. Добиле одговор дека „овој род се истерува само со молитва и пост“. Да не си замислуваме дека долгиот пост и повторуваните молитви се доволни за да ја дадат таа моќ што учениците сè уште ја немале. Молитвата и постот, во најдлабока смисла на зборот, значат радикално одрекување од самите себе, од болниот и гревовен егоизам, стабилизирање на душата и насочување кон потполна доверба во Божјата промисла и кон крајното смирение, коешто сè чека од милоста Божја. Молитвата и постот се уште и потчинување на нашата волја кон Божјата, предавање на нашето суштествување и секое друго сакано постоење во рацете на Отецот Небесен. Само оној кој по милоста Божја ќе достигне таква состојба, може да го истера родот ѓаволски. Сепак, не би можеле ли и ние да направиме неколку први чекори во оваа насока што води кон апсолутната љубов Божја? Ако се обидеме, ќе бидеме изненадени од резултатите…

За нас, пак, населниците на Бигорската Обител, нема поголем благослов и чест од евхаристиското сведоштво на евангелските вистини, особено кога тоа ни го сведочи нашиот сакан старец и игумен, Епископот г. Партениј. Такво блаженство за нашите души беше неговото денешно чиноначалствување со Божествената Литургија, во храмот преполн со богољубиви души. Духот на севкупното богослужение беше сосредоточен кон „грижливото и вистинско покајание“, коешто најубаво и надобро го опишува денешниот славеник, Преподобен Јован Лествичник во неговата бесмртна книга „Лествица“:

„Покајанието е возобнова на крштението. Покајанието е завет со Бога за нов живот. Покајанието е извор на смирението. Покајанието е неотповикливо одрекување од секоја желба за телесни добра. Покајанието е самоосудувачка мисла и грижа за себе без грижа за надворешните ствари. Покајанието е ќерка на надежта и одрекување од безнадежноста. Покајникот е осуденик којшто не е лишен од чест. Покајанието е помирување со Господа преку творење добри дела, спротивни од претходните гревови. Покајанието е очистување на совеста. Покајанието е доброволно трпење на сите маки“.