Никој човечки говор ниту јазик не ја облагородил ни приближно толку севкупната екумена, колку што тоа го направиле боговдахновените слова на четворицата Евангелисти, на тие четири столбови на кои се крепи Црквата Божја и нејзината спасителна проповед. Затоа Собранието на верните со свештена почит го чествува нивниот спомен, украсувајќи и утешувајќи ги душите со нивните Божествени изреченија. Денес го славиме споменот на едниот од нив, Божествениот Марко, кој на светот постојано му го објавува Воскресението Спасителово. Годинава неговиот сечесен спомен се совпадна со Неделата на жените Мироносици и на благообразните Јосиф и Никодим, кои со пожртвувана љубов се погрижија за мртвото тело Исусово. Сите тие беа првите сведоци на Воскресението и првите благовесници на радоста спасителна.
Споменот на овие евангелски херои на верата, нашиот старец, Епископот Антаниски г. Партениј, го прослави со Божествена Евхаристија во Манастирот на новите мироносици – монахињите на Пречистата во нејзиниот Манастир над Кичево. Со Старецот сослужуваа Архимандритот Доситеј, браќата јеромонаси и презвитерот отец Александар Крстаноски.
А тој им рече: „Не бојте се! Вие Го барате Исуса Назареецот, Распнатиот. Он воскресна, не е овде. Еве го местото каде што беше положен“ (Марко 16,6).