Пред тебе паѓам, Исусе, Ти згрешив, очисти ме, земи го од мене тешкото бреме гревовно и како Милосрден, дај ми солзи на смирение.
(Од Големиот канон на Св. Андреј Критски)
Црквата, таа верна чуварка на прекрасните животописи на многуте Светии и на слатките зборови кои нивните благоглаголиви усти некогаш ги изрекле, му оддава посебно значење на овој божествен ден и со солзи на умиление ги украсува сите што сега притекнуваат во нејзините прегратки. Овој ден продира во најтајните простори на човечкото срце. Чудесното житие на Преподобната Марија Египетска вратата на покајанието ни ја отвора, а Големиот канон – таа поетска творба на светиот Андреј Критски – слика широка историска панорама, во која се прикажува целата историја на човечкиот пад и неговите напори да се врати при Бога. Тоа е историја на среќавањето со Бога; историја на враќањето на изгубената надеж; историја на стекнувањето на достоинството; историја на придобивањето на љубовта Божја; историја на животот во синовска слобода. И колку само пати ќе го чуеме срцето како трепетно бие и воздивнува: „Помилуј ме, Боже, помилуј ме“, обидувајќи се да го отвори свитокот на својот живот и да го прочита сето она што од почетокот на нашето постоење во него се испишало. Да, навистина животот наш со скрб е исполнет, со рани кои на душата своја сме ги нанеле, со плач што од самото раѓање ја следи нашата природа, заради нејзиното внатрешно несовршенство. Можеби затоа толку силно допираат зборовите со кои покајно извикуваме: „Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш? Крајот се приближува, ќе се збуниш. Затоа разбуди се, за да те поштеди Христос Бог, Кој насекаде е и сѐ исполнува!“
Слаткогласниот творец на овие стихови не се оплакува само себеси, туку го повикува целото човештво заедно со него да учествува во овој молитвен плач, за да ја измие нечистотијата на душата своја. Оти Свети Андреј не ги спомнува сите гревопаѓања од Адама до денес залудно, туку ги преживува како свои, поттикнувајќи нѐ и ние заедно со него да воскликнеме: „На правдата Авелова, Исусе, не се уподобив, Тебе пријатен дар никогаш не Ти принесов: ни дела божествени, ниту жртва чиста, ниту живот непорочен“.
Во оваа ноќ на таинствено созерцание и преиспитување на најскриените делови на човечкото битие, на заспаната ни совест, во длабоката мистика која ги украсува храмовите на нашите свештени Обители, предизвикана е секоја богокопнежлива душа горко над себеси да заплаче и од гревот, кој во непроодната пустина ја беше одвел да се одврати, та со чисто срце да застане на патот Христов за да ги исполни Неговите заповеди. Најсканиот ни Старец, Архимандрит Партениј, трепетно го започна читањето на прекрасните поетски стихови од Канонот. Слушајќи го неговиот умилен глас, кој со свештен мир го исполнуваше сиот простор и размислувајќи за делата на неговата љубов, срцето не може, а да не заплаче, зашто тие ни се сигурен показател дека големината на нашиот пад не може да го затвори патот до ветените небесни висини и дека нема грев што преку покајанието опростен не може да биде. Затоа скрушено стоиме и со цврста надеж се молиме: Погледни Боже, на Твоето создание, кое со склоност кон гревот се роди и многу години не престана да греши, та по молитвите на Светиот отец наш Андреј Критски и по застапништвото на Преподобната мајка Марија Египетска, дај ни да се поклониме на Твоите неискажливи страдања и да се покажеме учесници во Твоето славно Воскресение од мртвите. Амин.