Осветен параклисот на Свети Николај Чудотворец

Осветен прекрасниот параклис на Светиот отец наш Николај Чудотворец, кој се наоѓа во Источниот Палат од манастирскиот комплекс на Бигорскиот манастир.


Во овој празненствен период на Воскресението Христово, во Неделата на жената Самарјанка, на општа радост на Свештената Бигорска Обител и на присутните верници, од страна нашиот достојно почитуван владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, беше осветен прекрасниот параклис на Светиот отец наш Николај Чудотворец, кој се наоѓа во Источниот Палат од манастирскиот комплекс.

При благодатниот чин на осветување на храмот и во служењето на Божествената Евхаристија, на нашиот архипастир му сослужуваа: нашиот Старец Архимандрит Партениј, протојерејот Никола Христоски, јеромонасите Ефросиниј и Кирил и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, а молитвено учество зедоа дел од браќата и од присутните верни.

Љубовта кон големиот Христов угодник, Свети Николај Чудотворец, им е заедничка и на нашиот Митрополит и на нашиот Старец. Имено, Владиката го чествува споменот на Св. Николај како куќна слава, а нашиот игумен го подигна овој параклис од благодарност кон овој славен Светија поради тоа што тој го примил во својот Григоријатски манастир на Света Гора.

Параклисот беше целосно живописан во 2014 година од зографот Горан Боев, монахот Аверкиј и браќата на Бигорската Обител, кои и го позлатија иконостасот.

Осветувањето на параклисот е во склоп на празнувањето на илјадалетието од основањето на Бигорската Обител во 1020 година.

За значењето, пак, на денешниот празник, посветен на жената Самарјанка, вдахновено беседеше нашиот возљубен архипастир Тимотеј:


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

„Нема разлика меѓу Јудеец и Елин, зашто еден и ист е Господ на сите, богат за сите кои Го призиваат“ (Рим 10, 12).

Еден е Творецот на светот. Еден е Господ на сите народи и племиња, за сите луѓе – и за светите и за грешниците и за оние кои веруваат во Бога и за оние кои не веруваат и ја одрекуваат божествената вистина. За Милостивиот Бог не постојат државни граници и национални разлики. Он подеднакво дава благосостојби на земјата како за добрите, така и за оние кои прават зло.

Митрополит Тимотеј

 Како круна на созданието Бог ги создал луѓето. Тие го носат образот Божји. Заради луѓето е создаден и украсен овој чудесен свет и токму човекот е поставен да господари со него. Ако погледнеме наоколу и ги видиме сонцето и месечината, ѕвезденото небо, реките, полињата, езерата и планините, цвеќињата и тревата, сите животни и птици, ќе разбереме дека сето тоа е создадено за да му служи на човечкиот род. Покрај овој видлив свет постои и невидлив свет, кој не можеме да го видиме со нашите телесни очи. Но, тој со својата убавина неспоредливо го надминува видливиот. И тој свет е создаден за човекот.

 Но, човечкиот род паднал од лицето Божјо, преку нашите прародители и го осквернил ликот Божји во себе. Затоа Бог се оддалечил од нас. Но, и покрај тоа, Тој не се откажал целосно и засекогаш од човекот. Уште во Стариот завет продирале божествените зраци кај оние луѓе кои се труделе да ја достигнат возвишеноста и Господ делумно им ги откривал Своите тајни. Затоа и во Стариот завет се јавуваат пророци, праведници и цареви. На старозаветниот патријарх Јаков ќе му биде ветено дека од неговото семе ќе произлезе Месијата, Кој ќе го спаси избраниот народ. Така, кога се исполнило времето, Бог Го испраќа во светот Својот Син. Но, водачите на еврејскиот народ кои буквално се држеле до обредите, а не до духот на прописите Божји, не успеале да Го препознаат и примат, туку напротив – на секој начин се труделе да Го осудат, понижат и на крај да Го убијат со најсрамната смрт – распнување на крст, која била наменета за најголемите престапници и грешници во тоа време.

Како што сонцето ги разлева своите животни зраци насекаде, така и Спасителот му ја дарува на светот божествената благодат и тоа не на еден избран народ, туку на сите народи. Тој го ослободува целиот човечки род од ропството на гревот, извршувајќи ја тајната на искупувањето. Господ Исус Христос ги отворил вратите на царството Божјо за сите кои сакаат да одат по Него.

Токму за ова ни зборува и денешното евангелско четиво, во кое Господ Исус Христос разговара со жената Самарјанка кај Јакововиот извор во Сихар. Христос ѝ бара вода, а потоа и вели: Кога би знаела Кој зборува со тебе, ти би побарала жива вода од која нема да ожедниш. Оваа Самарјанка, иако потекнува од народ кој бил презрен од избраниот народ, таа брзо созреала за да ја прими верата во Христа, па го исповедала велејќи: „Ти си пророк“ (Јн. 4, 19). Слушајќи ги зборовите Господови, оваа жена поитала да ги повика сограѓаните, известувајќи ги со зборовите „Ми кажа сѐ што сум направила. Дали не е Он Христос?“ (Јн. 4, 29). Да не е долгоочекуваниот Месија? Христос бил замолен од Самарјаните да остане кај нив и да им го проповеда новото учење и Тој добил повеќе следбеници кај нив, отколку во Својот роден град Назарет.

Со овој пример Господ Исус Христос ги подготвил Своите ученици и апостоли за нивната проповед, не кај избраниот еврејски народ, туку кај сите народи на земјината топка. Токму преку овој пример, апостолите ќе ги разберат зборовите Христови: жетвата е голема а жетварите се малку. Затоа сите апостоли по нивното утврдување на Педесетница, ќе се оддадат на евангелизација на разните народи, проповедајќи го словото на Господа Христа и спасението на човечкиот род. И ние да се обратиме со искрена молитва за и нам да ни се отворат духовните очи, па да ја засакаме науката Христова и да постапуваме според неа за да спечалиме вечен и блажен живот.

Денеска, осветувањето на овој параклис посветен на свети Николај Мирликиски чудотворец во оваа Бигорска обител, нека послужи за наше просветлување и утврдување на нашата вера. Да ни ги отвори духовните очи, да ни ја умножи љубовта, па да го проповедаме и сведочиме словото Божјо како вистински следбеници на Господа Христа. Во оваа прилика, сакам да искажам благодарност на братството на чело со игуменот, архимандрит Партениј за нивната неуморна грижа за градење и воздигнување на Црквата Божја преку монументалните зданија, но уште повеќе и поважно во срцата и душите на благочестивиот православен народ ширум нашата сакана татковина.

Амин.

По завршетокот на Светата Литургија, Митрополитот г. Тимотеј, заедно со Старецот Архимандрит Партениј, извршија трисагија за покој на душата на скоро упокоениот и од сите почитуван професор Петко Златески. Тој беше долгогодишен предавач на Православната богословија во Драчево и на Православниот богословски факултет во Скопје, по повеќе наставни предмети. Беше професор и на дел од монасите од нашето братство, кои го паметат по неговата добрина и по професорската педагогија. Од 1994 година беше Генерален секретар на Македонското библиско здружение, со кое нашето братство имаше одлична соработка. Во повеќе наврати професорот Петко ѝ даруваше на нашата Обител многу примероци од Светото Писмо и од Новиот Завет, кои потоа, согласно нашата социјална мисија, беа распределувани на духовни чеда, на штитениците во нашиот манастир, како и на одлежувачи на затворска казна.

Нека му биде споменот вечен и милосрдниот наш Бог нека ја насели неговата душа во рајските обители, каде што почиваат праведниците!