Споменот на светата и преподобна мајка Параскева отсекогаш со особена почит и топлина се празнува во Дебар – град, чија историја шепоти од ѕидовите на старите куќи, а чии храмови сведочат за славните подвизи на неговите стари жители.
За верните дебрани ова е ден на нераскинлива сплотеност, на заедничко служење и милост, на собирање во единство, за да се измоли благословот и плодовите од пустинското безмолвие и монашкиот подвиг на нивната небесна заштитничка. Зашто, споменот на оваа моќна светителка за нив никогаш не е само една богослужба, туку живо сведоштво за живата вера, мост меѓу славното минато и сегашноста, соборна молитва за благослов на иднината.
Затоа дебрани, кои во присуството на својот духовен отец, Преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, гледаат симбол на обновената надеж и духовност во нивниот регион, и оваа година со посебна љубов и ревност се собраа во нивниот храм посветен на света Параскева. Со трепетна радост застанаа околу својот возљубен владика, кој заедно со своето братство и со верниот дебарски свештеник, о. Миле Ангеловски, отслужи божествена Литургија во чест на Светицата. Таа, пак, и овој пат штедро ги благослови со небесен благослов, а дополнителен украс на денешното славје беа и чесните мошти на светата Параскева Римска, што верно се чувани од сестринството на манастирот Пречиста.































