Кога Мајката ќе ги рашири своите прегратки и ќе ги повика своите чеда, нема верно срце кое нема да се одговори на тој нејзин повик. Колку и да одземаат време световните обврски, колку и да го одвлекуваат вниманието световните грижи, сепак, привлечната сила на тоа мајчинско срце кое љуби е посилна од сите нив. И си ги прибира своите на заедничка молитва и благодарење. Некои ќе застанат барем за миг пред нејзиниот образ и скрушено ќе го побараат тоа мајчинско застапништво, а други ќе побрзаат со ревност и љубов кон храмот за таму соборно да ја упатат својата молитва.
Затоа ни малку не е чудно тоа што Пречистанскиот манастир на Богомајката одново се украси со множество верни, кои дојдоа да ја прослават тајната на Божјата промисла, којашто на денешен ден, како тригодишно дете ја внесе во Светињата на светињите. Уште на вечерната богослужба чудесно составените стихири нѐ внесоа во тоа големо таинство и на еден неискажлив начин ја отворија пред очите на присутните глетката на малечката Марија, која водена од првосвештеникот Захарија влегува во Светињата за да се подготви да стане жив храм на Севишниот.
Затоа и созерцателното слово на возљубениот наш старец, епископот Антаниски г. Партениј, со задржа токму на длабоката смисла на тој пресуден момент, кога нашата Богомајка целосно се посвети на Бога.
Со такви вдахновени мисли и созерцанија присутните верни ја дочекаа и денешната празнична Литургија, возглавена од Преосвештениот Антаниски. И повторно младите Кичевчани, со најчиста љубов ѝ ги принесоа на Богородица своите распеани гласови и топли молитви и смирени благодарења. И навистина неизбежна беше благодарноста во нашите срца, бидејќи онаа која никогаш не нѐ остава во неволјите, не пропушти и овој пат да нѐ посети со своите молитвени прегратки.
Ти благодариме наша премилостива Мајко за овој прекрасен литургиски дар и за тивката радост во нашите срца, кои се почувствуваа како погалени од твојата рака!































