Ни блесна првиот неделен ден од Светиот и Велик пост, наречена Недела на Православието. Овој ден го востановија богоносните отци како празник на победата на Православието над сите ереси, а особено над иконоборството. Си спомнуваме за сите коишто дури и по цена на животот не отстапиле од светата вера и благочестивото почитување на иконите. Преку иконите ние ги почитуваме светите личности изобразени на нив, зашто според зборовите на Свети Василиј Велики, почитта и честа преминува на првообразот, а не на материјалот: дрвото, боите и предметите на кои се насликани. Преку почитувањето на иконите добиваме огромна духовна полза, затоа што ни се осветуваат и очите и усните и чувствата и душите. Тие се прозорци за нас кон вечноста, преку кои Бог дејствува, а и ние преку нив Го гледаме Него. Всушност, во секоја осветена личност изобразена на иконата ние го гледаме образот Божји, образот Христов. Он, од Бог вистински, невидлив, неопислив, неспознатлив, стана и човек видлив, опислив, спознатлив. И ние луѓето самите сме икони Божји и го носиме образот Христов во себе. Нашите души – живите икони Божји – често пати се извалкани, потемнети, изгребани, искршени, но со светото Крштение, Миропомазание, Причестување и со покајанието во текот на животот си ја враќаме вистинската убавина и подобие на Божјата благодат.
Удвоена беше радоста денес, бидејќи оваа година во истиот ден се совпадна и споменот на првото и второто наоѓање на чесната глава на патронот на нашиот манастир великиот, славен Пророк, Претеча и Крстител Јован. Самиот тој е еден силен и жив триумф на правата вера и верност кон Бога и ревнител за чистото учење на законот Божји. Со радост и усрдност, во нашиот Манастир се отслужи ноќно бдение, а утрово, Светата и Божествена Литургија, на коишто претстоеше и тајноводеше нашиот возљубен отец и игумен, Епископ г. Партениј, кој на крајот со целиот собор од монаси и мирјани направи свечена традиционална литија околу Претечевиот храм. Таа свештена поворка, со икони и молитви, како да нѐ врати во времето на Ромејското царство, на царицата Теодора и царот Михаил, кога го востановија почитувањето на иконите и со нив направија литија по улиците и плоштадите на Константинопол.
На крајот од богослужбата, по влегувањето во храмот од страна на владиката се прочита познатиот Синодикон на Православието, во кој си спомнавме со благослов и благодарност за сите кои придонесоа за победата на Православието. Мечот на Божјиот Дух преку светите маченици, исповедници, подвижници и богослови ги сосече лажните и погубни ереси.
Светлите зраци на благодатта Божја што се излејаа во овој ден на Свештената Бигорска Обител и поклониците кои го преплавија храмот и дворот, за Старецот, Епископ г. Партениј и неговите монаси, беше една посета на Божјото благоволение и небесна утеха, радост и сила. Затоа во светлоста на црковните химни и светите икони беше вознесена благодарност кон Бога, Кој не допушти вистината и светата вера да биде замрачена од злото. Со Божја помош да се удостоиме да достигнеме и до Христовите чесни страданија и Неговото славно Воскресение.
Амин.