Еден сончев зрак, кога е упатен кон едно место, го исполнува со светлина. Еден зрак на благодатта делувал и во душите на сите спасени, било тоа да се Пророци, Апостоли, Маченици, Преподобни, Исповедници, или праведни луѓе, пријатели Божји, осветени, и ги правел исполнети и цели, за да станат наследници на ветувањето, да влезат во облакот на обожувањето, да постанат богови по благодат. Во оваа Девојка не делувал само еден зрак на благодатта, туку во Неа телесно се вселила сета полнота на Божеството. Да, во неа телесно престојувала сета полнота на Божеството, трајно а не привремено, и ја променила заедно со совршеноста на човечката природа, коешто го поседувала во својот карактер, така што ниту се родило, ниту ќе се роди, а и нити било создадено посовршено битие. Светите Отци велат дека ако ги поставиме до Бога сите созданија од една страна: видливи и невидливи, материјални и нематеријални, човечки и ангелски, и само Богородица од друга страна, Таа ќе надвладее. Ниту имало, ниту ќе биде создадено посовршено битие од Неа. После тоа совршенство што го поседувала нејзината најсвета душа, го наследила и обожението, бидејќи во Себе телесно ја сместила полнотата на Божеството. И тоа зошто? За да се покаже љубовта Божја кон човекот.
Која болка сега не наоѓа утеха? Кој натажен сега се наоѓа под притисокот на очајот? Сега постои и ѝ припаѓа на нашата природа средиштето на секое мајчинство. Средиштето на секое татковство суштествуваше во натприродниот Бог, но недостижен од наша страна, недопирлив, несфатлив, недостапен, непоимлив. Оваа Девојка ја привлече од Него целата нежност на Очевата љубов и Таа постана Мајка на сите. Истовремено ги отвори и Очевите пазуви, кои после падот за нас беа затворени.
Сеопштата радост од раѓањето на Богородица и „на животот наш Хранителката“ денес посебно заблеска со сета своја полнота. Вчерашното торжество во Обителта Пречистанска продолжи со удвоена убавина на денешната света архиерејска Литургија, чиноначалствувана од нашиот возљубен архипастир, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение со духовенството од нашата епархија.