Со Божјата милост и благодат и оваа година славната Бигорска Обител беше средиште на едно големо молитвено собрание во чест на сечесното Рождество на нејзиниот небесен Застапник, великиот Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован. Голема и недостижна е тајната на овој празник, затоа што мошне таинствен е денешниот Славеник. И навистина, кога треба да се говори за благословениот плод на молитвата од достојните за восхит Захарија и Елисавета, човечкиот јазик се чини немоќен да ја исполни својата работа. Зашто, како би можело со човечко слово достојно да се опише и пофали оној којшто лично од Словото Божјо понесе најголема пофалба? „Споменот на праведникот е во пофалбите, а тебе ќе ти биде доволно сведоштвото од Господа, Претечо…“ – му пееме секојдневно во нашата Обител на најголемиот меѓу родените од жена, како што го опиша уста Христова. Сепак, љубовта и благодарноста што горат во нашите срца кон преславниот Крстител, нѐ гонат да ја отвориме и ние нашата уста, придружувајќи се кон хорот на оние што незамолчиво ја слават и величаат Божјата добрината, пројавена кон родот човечки преку личноста Јованова. Тој е, како што пишува преподобниот Теодор Студитски, „цветот што го украси влегувањето на Христос во светот“. „Изгреа денес мисловната ѕвезда, предвестувајќи го изгревот на Сонцето на правдата. Истрча напред војникот, јавувајќи го доаѓањето на Царот на сето создание. Дојде стројникот на Невестата – Цркавата Христова, возвестувајќи за претстојното присуство на Женихот – Христос“.
Со светла радост и благодарствено пение беше исполнет празникот на Претечевото раѓање во неговото илјадалетно Светилиште. Најнапред, неговата небесна слава и величие беа воспеани на сеноќното бдение, на кое молитвено претстоеше некогашниот бигорски собрат и соборец на нашиот Старец Архимандрит Партениј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Брегалнички г. Иларион. Торжественото ликување продолжи утрово со Божествената Евхаристија, со којашто чиноначалствуваше нашиот почитуван архипастир, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение со Митрополитот Иларион, Неговото Преосвештенство, Епископот Хераклејски г. Климент, браќата јеромонаси, јереи и ѓакони. Обилната благодат која ги брануваше срцата на верните во храмот на Крстителот, беше повеќе од сведоштво за неговото присуство меѓу нас, за неговиот душеспасителен благослов.
Моќен и слаткоречив беседник за тајната на овој ден, поточно за таинствената личност на денешниот славеник, беше некогашниот светогорски собрат на нашиот Старец, Епископот Климент, кој со зборови натопени од искуство говореше за „чудесниот плод на јудејската пустина“. Притоа, игуменот зрзески го круниса своето вдахновено слово со чудотворството на Свети Јован во Македонија, карактеризирајќи ја Бигорската Обител како негов плод.
Посебен украс на убавината на денешното славје додаде и нашиот реномиран ансамбл „Македонија“, кој по завршетокот на богослужението настапи со традиционални песни и ора, посветени токму на Свети Јован Крстител. Во продолжение, во манастирската галерија беше отворена и изложбата на древни традиционални носии од дебарското-реканската етнографска целина, организирана од уметничкиот менаџер на „Македонија“, проф. д-р Владимир Јаневски. Изложбата ќе остане во Бигорски во текот на јули и август.