Сиропусна недела. Спомен на изгонувањето на Адам и Ева од Рајот

Дојде времето кога војниците Христови ги подготвуваат своите оружја за битка. За каква битка? За битка против гревот, против страста, против паднатиот стар човек во себе, против своето лажно его. Таа битка е започната уште многу одамна, уште во исконските дни, кога Адам заедно со Ева беа протерани од Едемскиот рај поради своето непослушание, кога ја прекршија единствената Божја заповед.

Кога Адам го виде ангелот како го изгонува и вратата на Божествениот Рај ја затвара, силно воздивна и рече: Милостив, мене паднатиот помилувај ме  (Тропар  од Канонот на Утрената)

Така плачеше Адам. И по неговото лице и низ градите се лееја солзи, натопувајќи ја земјата и целата пустина ги слушаше неговите восклици. Ѕверовите и птиците замолкнаа во тага. А Адам викаше, бидејќи поради неговиот грев сите ги загубија мирот и љубовта (Свети Силуан Атонски).

Но таа битка е веќе добиена, бидејќи неа за нас ја извојува Самиот Бог, кога слезе на Земјата и постана човек. Совечниот, собеспочетен и едносуштен на Отецот и Духот, Синот Божји и Слово, откако стана Богочовек, ја извојува победата со тоа што ја вознесе Својата човечка природа во прегратките на предвечната и едносуштна Троица, запечатувајќи го достоинството на човекот којшто беше создаден по образ и подобие на Бога.

А зошто Христијаните би војувале, кога битката е добиена, победата извојувана, Воскресението блеска и Животот сјае? Затоа што сме повикани сите да земеме удел во Распетието и Воскресението на Христа и на тој начин совршено да се соединиме со Него. Таа битка е битка за љубовта Божја, битка да се стане вистински чист дом Божји, храм на Света Троица.

Изгонување на Адам и Ева од Рајот

Јас сум патот вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене (Јован 14, 6). Доколку би сакале да го наследиме вечниот живот во радоста и љубовта Божја, мораме да го победиме сопствениот стар човек и да се издигнеме кон подобието на Христа, Кој нè очекува со најголема радост и љубов, давајќи ни ги сите потребни средства, односно оружја, за да го достигнеме она за кое Христос нè достигна нас (Сп. Филип. 3,12).

А кои се оружјата за една таква невидлива борба? Оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против световните упра­вители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата (Ефес. 6, 12). Секако, постот е едно сеопфатно сеоружје против првиот грев на родоначалниците кои не се воздржале, не постеле од забранетиот плод. А постот заедно со молитвата, милостината, жртвувањето за другиот, простувањето, покајанието, исповедта, метаниите, солзите, читањето на Светото Писмо и на делата на Светите Отци и на богољубивите Старци, воздржанието од распуштеност, од гнев, осудување, завидување и сè она што е спротивно на вистинската жртвена љубов, ќе ни помогнат да го најдеме загубениот Рај и древната Татковина.

Токму во спомен на таа Едемска татковина, која е длабоко врежана во најскриените мисли на нашето битие, денес Свештената Бигорска Обител, литургиски собрана околу својот тајноводител на патот кон загубениот Рај, Старецот и Епископ г. Партениј, молитвено се подготви да заплови во духовното море на Светата Четириесетница.

„Да го започнеме светлото време на постот! Да се подготвиме за духовен подвиг. Да си ја очистиме душата, да си го очистиме телото. Да се воздржиме, како од храна, така и од секоја страст, со добродетели насладувајќи го духот. Та восовршувајќи се во љубовта, да се удостоиме сите да ги видиме сечесните страданија на Христа Бога и светата Пасха, духовно радувајќи се“.