Со слатко умиление и со духовна радост, светата Црква го празнува денес пресветлиот и серадосен спомен на Пресветата Владичица наша Богородица – онаа која е избрана од сите поколенија, возвеличена од небесните сили и благословена меѓу жените. Таа, како пречиста и семилостива Мајка, како непоколеблива надеж и непрестајна застапничка на човечкиот род пред престолот на Севишниот, со тивка благодат и мајчинска топлина ги прегрнува срцата на сите што со вера и смирение ѝ пристапуваат, излевајќи утеха, мир и небесна радост.
Нејзината љубов е тајна неискажлива и чудо над сите чуда: во својата пречиста утроба Го смести Бога Несместливиот, како поширока од Небесата, и стана жив, словесен и небесен Престол, на кој седна Царот на славата, Господ Исус Христос. Преку Неа се соединија небесното и земното, времето и вечноста, а човечкиот род беше возведен од падот кон светлината на спасението.
Со благодарствени срца и молитвено умиление Му принесуваме славословие на Бога за овој неискажлив дар и за денешното светотаинско евхаристиско собрание – Божествената архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше нашиот возљубен старец, епископот Антаниски г. Партениј.
Празничното благолепие беше возвишено и украсено со ангелогласните песнопенија и свечените славословија, кои со особена усрдност и складна созвучност ги вознесоа младите и боговозљубени псалти од хорот „Митрополит Козма Пречистански“. Особена радост на ова свештено собрание му додаде и присуството на КУД „Бисер“ – Кичево, со што празничната заедница доби уште поширок и посвечен карактер.
На самиот крај од свеченоста, свое трогателно обраќање имаше хорот „Митрополит Козма Пречистански“, кој со длабока благодарност се обрати до нашиот Старец за неговите несебични заложби и придонеси – како за хорот, така и за градот Кичево, но и за секој поединец лично. Во знак на искрена љубов, најмладите членови му подарија божикни подароци.
Трогнат од љубовта и вниманието искажани од сите присутни, Старецот со духовно вдахновение им се обрати на собраните со пастирско слово. Потоа, за најмалите беа приготвени радосни изненадувања и подароци, како знак на мајчинската грижа на Црквата за своите најмлади чеда.
Нека по сесилните молитви на Пресветата Богородица, Господ Исус Христос ги укрепи срцата наши, ја сочува светата Своја Црква и го осени народот Свој со мир, љубов и спасителна благодат, сега и во сите векови. Амин.































