Божиќното торжество продолжи и денеска, во храмот на Богомајката Пречиста, Која, во духот на својот празник, одново нѐ собра со голема љубов во нејзиниот свештен и велелепен манастир кај Кичево. Овој ден не е само продолжен спомен на Христовото Раѓање, туку и живо сведоштво на онаа можност за осветување, која на човечкиот род му беше дадена преку Богородица. Таа, избраниот сад Божји, преку кој Бог ја оствари тајната на спасението на човечкиот род, како најгрижлива Мајка, повторно ги прегрна своите верни чеда што пристигнаа во нејзиниот дом, за да го прослават денешниот голем соборен спомен. Да не беше Таа, да не беше нејзиното „Нека ми биде според волјата Твоја“, никој од нас не ќе можеше да стане учесник во тајната на посиновението во Бога, и не ќе можевме да се наречеме деца Божји. Голема тајна, скриена од памтивек и непозната за ангелите, тајна за никого од човечкиот род достапна, надумно чудо пред кое занемува секоја твар, и што ќе остане скриено во сите векови: Бог, неспознатлив и неопислив, се всели во утробата на Пречистата и Безгрешна Девојка, за да стане човек и да ни ја даде можноста да го достигнеме она заради кое Он нас нѐ достигна. И не избра Он царски палати, туку ја избра пештерата за да го покаже Своето крајно смирение уште со самото Свое раѓање.
Оваа соборна Рождественска радост, силно изразена во срцата на верните кои притекнаа во Пречистанскиот храм, беше удвоена со пофалното слово изречено од устата на нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, во чиешто срце секогаш пребива најчистата синовска љубов за Богородица. Неговите зборови, полни со духовна топлина и длабока вера, со љубов ја истакнаа важноста на подражавањето на Христовото смирение во нашите животи.