Светиите Божји се наши помагатели по патот на спасението, тие се грижливи чувари и заштитници на сите Христијани. Секоја човечка душа наоѓа таинствена утеха и мистична помош од Светиите. Нивното застапништво постојано го бараме и нивните житија ни се патокази кон вечноста. Слободата пред Бога што тие ја имаат, и нашата љубов кон нив, нѐ прави да имаме сигурни посредници за нашето спасение. Првиот и незаменлив посредник што Самиот лично дојде кај нас и стана како еден од нас е Господ Исус Христос, со Чиешто тело и крв се обожуваме и ја здобиваме бесмртната и нетлена вечност и заедница со Бога. Веднаш по него е Неговата Пречиста и Преблагословена Мајка, Пресвета Богородица, како сигурна и непосрамлива надеж во посредништвото и најголемото чудотворство и човекољубие после Бога. Не постои таков што пристапил со вера и побарал нешто од Богородица, да се вратил празен. Нејзиното човекољубие ги надминува небесата. Нејзината љубов кон Божјото создание – човекот секојдневно ја спушта на Земјата помеѓу оние на кои им е потребна помош и утеха.
Денес, Црквата Божја слави уште еден силен посредник пред Бога за спасението на луѓето – славниот и добропобедлив Великомаченик Димитриј мироточив Солунски. Моќната заштита од Св. Димитриј светли како сонцето на небото. За него знае и мало и големо, нему му се доверуваат цареви, моќници и властодршци, унижени, бедни и сиромашни. Надвојвода и стратег во Римското царство, но Христа Го имаше над сѐ. Тој ја извојува најголемата победа – победата над древниот враг, непријателот на човечките души. Храбро ги отфрли идолите и поклонувањето на дрва и камења и пред сите Го исповедаше Христа. Не му беа важни чинот, достоинствата и благонаклонетоста на императорот, бидејќи неговата цел беше здобивање на Царството Небесно и Христа, Којшто најмногу Го љубеше. Светиот Димитриј стана маченик заради Христа, избоден во ребрата како Христа. Тој до ден-денес точи изобилно миро од своите мошти за благослов, исцеление и утеха на Христијаните. Мирото од Светиот Великомаченик е небесен дар на Земјата, живо сведоштво за бесмртната љубов и неугасливата светлина за секоја богокопнежлива, благодарна и благородна душа. Тој постана поборник и заштитник верните луѓе, патеводител за оние што бараат утеха, спас и вистина, затоа и целиот свет доаѓа да му се поклони, да земе благослов, да испроси помош и заштита во храмот крај неговите свети мошти. Неговиот храм стана дом на сите верни, место каде што се ослободуваат душите од товарот и се исполнуваат со живот.
Во нашата Свештена Обител на Чесниот Претеча великиот воин Димитриј ни донесе една нова духовна свежина, празник за душата и радост од небото. Бигорскиот Манастир е благословен што поседува делче од светите мошти на Свети Димитриј, пред кои сите присутни имаа можност да се поклонат. Со вистинска радост и светлина на лицата, монасите и верниците го славеа споменот на светителот, чувствувајќи го неговото живо присуство и благодат. Нашиот старец, Епископ г. Партениј претстоеше на молитвеното собрание во чест на Св. Димитриј со благодарност, восхит и свештен трепет принесувајќи ги даровите и извршувајќи ја Божествената Евхаристија за телесно и душевно здравје и осветување за сите нас во Обителта и за сите Христијани.