Ете, како драгоцен дар, се принесе на Троица тријада од Твоите чеда, Пресвета, откако благочестието го исповеда пред нечестиви тирани, наследувајќи венец нераспадлив.
— Богородичен на првата песна од канонот на Пречистанските преподобномаченици
Најголемиот дар кој Бог го направил на човечкиот род е доаѓањето на самиот Негов Син во светот, „зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јн. 3, 16). Неговото ветување е нелажно и дејствително – секој што верува во Него и што ќе ја посведочи таа вера до последната капка крв, нема да умре. Зашто за сите страдања што ги претрпе Оној што го зеде нашето тело, а на кои сведоци ќе бидеме за не многу денови од сега, Бог од нас не бара ништо друго, освен да ги прифатиме и да не го одбиваме Неговиот дар за нас, да се закитиме со Неговите заслуги како со свои и преку нив да влеземе со Него во Неговото Царство.
Ете, два дена по радосното Благовештение на Пресвета Богородица, три прекрасни духовни цветови, откинати од нејзината градина во Крнино, Му се принесуваат на тоа воплотено Слово Божјо како дар и како жртва, зашто не сакаа да се одделат од Него, зашто не сакаа да одречат дека Он претрпе сè заради нас и од љубов за нас. Зарем може да се лиши од слаткиот Христос оној кој еднаш ја вкусил Неговата сладост? Зарем може да умре некој што е веќе умрен? А овие тројца преподобни веќе се беа одрекле од сè во светот што не е Христос, веќе ја беа подложиле својата волја на секаква поодделна мака и лишување и својата совест на доброволно мачеништво.
Во времето кога да се биде Христијанин значело да се биде незначајно битие, чија цена била пониска од онаа на стоката, кога славата им припаѓала на силните од земјата, а имињата на купените со Христовата крв биле незнајни, тогаш заблескале овие три светила, овие тројца храбри воини, овенчани со двоен венец – на мачеништвото на совеста и мачеништвото на крвта. И, каде се сега оние што ги предадоа нив на мечот? Каде се оние што го предадоа богородичниот дом на пламенот? Коските нивни се прав, а нивните души изгубени во бескрајниот мрак.
Прекрасните, пак, души на Пајсиј, Евнувиј и Аверкиј, кои стојат пред престолот на Света Троица Која нив ги прослави, денес беа покрај нас, за да началствуваат со пеењето на својот празник, кој ги весели душите и срцата на верните. На оваа духовна трпеза, на која беа разделени животодавните и спасителни, претходно осветени Христови Дарови, седна и нашиот Старец, архимандрит Партениј, духовник на Пречистанското сестринство, заедно со маченикољупците кои дојдоа да ги искажат своите молитви и благодарности од Кичево и од околните градови.