Вселенскиот патријарх во Адријанопол за четвртиот Акатист

Извор:

„Вселенската патријаршија ги прегрнува сите нации и сите народи на кои им ја дала, преку мисионерската дејност, светата православна вера и православното крштение,“ потенцира Вселенскиот патријарх Вартоломеј во својата беседа после читањето на четвртата статија на Акатистот, во петокот, 5 април, во храмот „Свв. Константин и Елена“ на бугарската заедница во Адријанопол. Со богослужбата началствуваше домашниот пастир, митрополитот Амфилохиј, кој го пречека Вселенскиот патријарх со топли зборови, благодарејќи му, помеѓу другото, за големата татковска заинтересираност и поддршка на паствата на неговата епархија.

Присутни беа митрополитот Кипријан Старозагорски, од Бугарската патријаршија, епископот Кирил Авдиски, конзулот на Бугарија во Адријанопол Васил В’лчев, конзулот на Грција Сотририја Теохариди, претседателот на бугарската заедница во градот Василиј Љазе, архонти официјали на светата Христова велика црква, градоначалниците на Дидимотихо Параскевас Пачуридис и на Неа Орестијада Василиос Мавридис, верници од Адријанопол и поклоници од Константинопол и многу места од Грција и Бугарија.

Патријархот во своето отпоздравување го искажа своето воодушевување што се наоѓа во Адријанопол и обраќајќи се до бугарската заедница во градот, која се наоѓа под духовна и канонска јурисдикција на Вселенската патријаршија, помеѓу другото рече:

„Навистина, Грците и Бугарите сме соединети во православната вера. Таа е над секоја друга разлика – јазична, национална, племенска. Нас нè соединува едниот купел, крштението во светата Православна Црква, верата во светиот Троичен Бог“.

Исто така, тој го изрази своето задоволство што бугарската заедница „доби достоен пастир во лицето на братот, светиот Адријанополски г. Амфилохиј, кој сите ги прегрна љубовно и ги напасува без никакви предрасуди, без потценување, но со безрезервна љубов кон сите. Свети Адријанополски, Вие сте еден многу ценет јерарх на светата Христова велика црква. Веќе пет години откако бевте издигнат на архиерејскиот степен и истовремено го презедовте претставништвото на Вселенската патријаршија во Атина, вршите едно многу значајно дело, многупати невидливо и бесшумно, но секогаш суштински и ефективно, со Вашата мудрост, со Вашето искуство, со Вашите знаења, особено од канонското право, но над сè со Вашата љубов и со Вашата посветеност на Вселенската патријаршија. Таа љубов е искрена, јавна, не се одзема, не се намалува. Не само сега, кога сте јерарх на нашата Патријаршија, но и претходно, како монах, како член на братството од „Света Параскева“ во Мазио, постојано бевте на страната на нашата Вселенска патријаршија. Ви благодариме и Ви честитаме за тоа. Во спомен на нашата денешна посета во Вашата богомспасаема епархија, ќе Ви ја дадам оваа енколпија што ја носам, на која е насликано Воскресението на Господа, и се молам Вашиот живот и Вашето пастирување овде да биде секогаш воскресно“.