Да се говори и пишува за славниот Охридски Чудотворец, Рамноапостолниот Просветител Свети Климент, е големо но и смело дело, зашто тоа бара од нас во неговиот свет живот внимателно да се задлабочиме и во неизмерните длабини на неговото богословие да се нурнеме. Сепак, ние кои се чувствуваме како чеда, макар недостојни, на овој свет првопастир, се радуваме на честа што Бог ни ја довери и топло Му благодариме што нѐ удостои со нашите мали зборови Охридскиот незаоден светилник да го пофалиме и неговото големо дело торжествено да го објавиме.
Светиклиментовата Дремвицко-Величка епархија достоинствено ги постави темелите на Охридската Архиепископија, а самиот Свети Климент како епископ, духовниот живот на своето стадо го зацврсти, будно бдеејќи над човечките души и премудро поучувајќи го свештенството и монаштвото христоподобно да живее. Како прв словенски владика, се погрижил и словенската богослужба на нашите простори да ја сотвори, а како просветител неуморно ревнувал и Универзитет во Охридската столица да отвори и во него повеќе од 3. 500 ученици во вистинската наука Божја да упати. Заради славните му дела и безбројните чуда и Архиепископ го нарекувале, иако по чин тој не бил тоа, но по дела би можел и Патријарх сенароден да се нарече.
Работејќи неуморно на Христовата нива, Свети Климент бесловесниот славјански народ го просветил, го образувал и го облагородил. Затоа тој, од неговиот животописец, блажениот Теофилакт Охридски, е наречен „нов Павле меѓу новите Коринтјани (т.е. Славјаните)“. кој „заблеска со живот со многу чудеса украсен“.
Затоа во свештеното предание на Охридската Архиепископија култот на Свети Климент бил длабоко негуван и со љубов од поколение на поколение пренесуван. Ете зошто денес нашата Црква неговиот свет спомен така торжествено го слави, како патрон, духовен татко и небесен покровител на нашиот благочестив род.
Бигорското Светилиште, пак, чиишто врски со Охридската Архиепископија, од самото нејзино основање, па сѐ до денес се нераскинливи и оваа година со љубов го прослави споменот на возљубениот архипастир Св. Климент Чудотворец. Овој чудесен нов апостол на љубовта Христова и денес штедро го испрати својот татковски благослов, преку евахаристиското свештенослужение на нашиот светителољубив старец и игумен, Епископот г. Партениј, кој има особена почит кон делото на овој Охридски светилник, нарекувајќи го: „новозаветен Авраам на множеството славјанско“, „патријархот сесловенски“, „праотецот наш кој роди духовни синови и ќерки повеќе отколку што има ѕвезди на небесниот свод“, „нов Мојсеј кој го преведе нашиот народ од пустината на идолопоклонството кон ветената земја на богопознанието“, „Претеча на Христовата слава среде Славјаните…“
За да ги прочитате целото слово на Владиката Партениј за Свети Климент Охридски, кликнете на линкот во продолжение.