Стихови: Војник некогашен, сведок на смртта, Крстот го здогледа и Живот позна, Лонгине, сега венец ти добиваш, Божевна светлина ти проповедаш. На Крстот ја виде Отчевата Слава, И ко пророк рече: „Овој е Син Божји!“ Живот свој за Воскреснатиот положи, И сите нас кон Христа нè патеводи. * * * Старецу мил, Господ ти даде живот свет, Со мудрост и трпение сите ти нè водиш, За монасите твои најкрасен си цвет, Сè трпиш, Христа в срца да ни Го сложиш. Ти украс си на нашите обители свети, Воскресение носиш на монашките стази, На твојот ден роден, во радост срца слеваме, На многаја лета, со благодарност пееме.
Денеска, во спокојниот и молитвен амбиент на нашиот Свештен Манастир, со љубов и благодарност, нашето монашко семејство заедно со притекнатите верни го прослави чесниот годишен спомен на светиот маченик Лонгин Стотникот.
Според зборовите на нашиот почитуван и возљубен Старец, владиката г. Партениј, „Свети Лонгин еден од првите плодови на преобразувачката сила на Крстот Господов. Неговата внатрешна промена пред Крстот, неговиот изблик на покајание и вера, неговиот преод од незнаење кон просветленост, ни сведочи за длабокото таинство на верата Христова – дека вистинското спознание на Бога се раѓа во мигот на срцевидението, кога очите на душата прогледуваат преку Божјата благодат и во Личноста Христова Го препознаваат Самиот Син и Слово Божјо, дојдено во светот, за спасение на светот. Свети Лонгин, стотникот што го предводел римскиот одред за време на распнувањето на Христос, бил сведок на најголемото откровение – Крстната Жртва и Божјото проштавање. Со неговото исповедание: Навистина овој беше Син Божји (Матеј 27,54), неговото срце, дотогаш обременето со воена дисциплина и суровост, се отвори за нов живот – живот исполнет со љубов, жртва и сведоштво за Воскреснатиот. Ова таинство на преобразбата е повик за сите нас да се приклониме и поклониме на Крстот и да се облечеме во новиот човек, создаден според Бога во праведност и светост“.
Во чест на овој прв сведок на Воскресението, утрово во свештениот храм на Чесниот Претеча во Бигорски, се отслужи Божествена Евхаристија, под тајноводство на нашиот секогаш сакан Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со браќата архимандрити, јеромонаси и јероѓакони. Оваа Света Литургија не беше само празник на споменот на еден светија, ами и празнување на преобразбата што таинствено се остварува во секого од нас преку благодатта Христова и преку духовното водство на нашиот татко во Бога.
По повод овој празничен спомен, на светото богослужение присуствуваа и сестрите монахињи од манастирите Рајчица, Пречиста и Кнежино, коишто, покрај славењето на споменот на Светиот Лонгин, се собраа за да му оддадат чест и благодарност на својот Старец и Епископ, владиката г. Партениј, кој е роден токму на овој ден пред 54 години. Така, овој ден стана за нас двоен благослов – славење на еден маченик-сведок Воскресението кој ја најде Вистината, и почестување на еден духовен отец, маченик на совеста, учител во монашките добродетели, воскресител и возобновител на монаштвото и чувар на духовниот живот во нашите манастири.
Старецот Епископ г. Партениј, со својата љубов, пожртвуваност и ревност, се издигнува како добриот евангелски пастир кој го патеводи своето словесно стадо кон Спасителот Христос, постојано објавувајќи ја светлината на Воскресението. Благодарение на неговиот долгогодишен макотрпен подвиг и бескрајната љубов кон монашкото служение, нашите манастири во Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино се обновени и преродени, станувајќи светилници на православната духовност. Со радост и благодарност, монасите и монахињите, заедно со верниците, му оддадоа чест и љубов на својот Старец, молејќи се Господ да го чува и крепи уште многу години, за да продолжи да биде сведок на Божјата љубов и учител во верата.
Преку застапништвото на Светиот Лонгин Стотник, Господ да го наполнува со Својата благодат и љубов, за да нè води сите нас кон светлината на Воскресението. Амин.
По повод роденденот на Старецот, најмладите од нашиот рекански крај подготвија најубав украс за нашето славје – го испеаја архиерејското многулетие на црковнословенски јазик, а Анастасија Цветковска и Софија Јосифовска од Ростуше изрецитираа две прекрасни стихотворби, сотворени од нив:
Ви благодариме Ви благодариме, Епископ Партениј, За Вашето водство, Вашата љубов и Вашиот мир Вие нè водите кон патот на Вистината и ние сме благодарни за добрината Вие сте нашиот пастир, нашиот владика Нашата сила и надеж во темната ноќ, Со сета сила Ви кажуваме пофалби, Сите Ве сакаме со секое чукање на срце.
Човекот Нашето поднебје го краси еден човек што многу души спаси. Не е тешко да се сфати Кој него овде го прати. Со љубов сите нѐ прима - кој мака има или мисла што го мори, далечен или што живее блиску, одиме кај него и ако сакаме - ни кажува како Бога да го слушаме. За да донесам одлука права - сакам Отецот првин да го видам; За да се утешам - сакам него да го чујам; За дома да е мир и спокој - моите кај него одат. - „Што за ова Отецот би рекол?“ – мислам кога сакам добра да бидам. Нежно нѐ учи без да се лути и од злото нѐ чува; Душата и телото ги храни, и знаеме – преку него Бог нас нѐ брани!