Откако ги остави животните метежи, Науме, преподобни, и крстот на Спасителот го зеде на плеќите свои, целиот себе Му се предаде на Бога. Затоа, иако беше во светот, беше виден како да си надвор од светот и од телото, со силно воздржување секогаш подвизувајќи се, и со ангелите духовно секогаш бивајќи и веселејќи се. Затоа, имајќи смелост пред Бога, моли се да се избавиме од неволи и таги, ние што твојот чесен спомен со вера го славиме.
(Стихира на Стиховни)
Големото светило на Божјата Црква, светиот Наум Охридскиот Чудотворец, денес ги повика верните души за да го прослават неговиот сечесен спомен. Зашто тој, служејќи му усрдно на Бога, се покажа како вистински избран сад на благодатта на Духот, лишувајќи се од земните задоволства и воздржувајќи се од телесните похоти. Неизмерна е радоста на Црквата во нашата Татковина која го има за свој силен заштитник и покровител, и огромна е благодарноста на монашкиот род кон својот древен духовен татко, за сите негови заложби, трудови, за благословот што непрестајно штедро го излева во секоја душа човечка, за безбројните исцеленија кон сите оние што со вера му притекнуваат, за молитвеното застапништво и милоста со која нè пази и чува.
Бигорската, Рајчичката и Пречистанската, пак, Обител, заедно со својот Старец, епископот Партениј, постојано му ја принесува својата голема благодарност на овој чудесен Светец. Денот, пак, на неговиот спомен е посебно богослужбено торжество, украсено со слаткогласно пеење излеано од монашките срца, кои соединети во едно, со љубов и почит ги слават неговите прекрасни дела.
И на самиот крај од овој Божикен пост, кога стоиме пред прагот на Митрополијата на празниците – Рождеството Христово, да ги сплотиме своите души и молитвено да го побараме благословот на светиот Наум, та да Го примиме Царот на мирот Кој слегува од Небесата на земјата, за да се соедини со нас, да стане еден од нас, да биде едно со сите нас. Неговиот мир нека го посети сечие срце, а Неговата љубов да го обнови нашиот живот, влевајќи ни духовни сили за нови подвизи.