Ги соблекоа од Мене ризите Мои и Ме облекоа во црвена багреница; трнов венец положија на главата Моја, а во десната рака Ми дадоа трска, за да ги скршам како глинени садови.
(Славник од Хвалитните стихири на Велики Петок)
Стравот човечки и храброста Божествена.
Многу од философите, мудреците, психолозите, антрополозите, истражувале, зборувале и ја објаснувале појавата на стравот во човекот. Многу од религиите, филозофските системи, модерните техники се обидувале да ја одгатнат енигмата на човечкиот страв, да го отстранат, да го надминат.
Можеби човечкиот страв стои на границата помеѓу човечката природа и сѐ друго? Можеби нè чува да не преминеме во недозволен простор? Се додека да стасаме до таа граница ние се чувствуваме супер силни и храбри, но кога почнува да наближува моментот на соочување со она другото, наеднаш душата започнува да се колеба и трепери. Што е она другото? Друга димензија? Друга состојба? Друга форма на живот? Да не е смрт и потполно исчезнување од реалноста? Или пак нешто друго?
Ете, најхрабриот, најревносниот, најверниот Свет Апостол Петар, кој во Гетсиманија кога дојдоа да Го фатат Исуса, го извади ножот и му го отсече увото на еден од групата, за да го одбрани својот Учител и Господ, само по неколку часа трипати се одрече од Него и тоа со клетва дека не Го познава и дека не бил со Него! Нему Самиот Господ му рекол да го врати ножот на неговото место, што значи дека, не е тој начинот на справување со опасноста, со стравот. Не може со задавање на страв да се отстрани својот страв, туку напротив, тоа е умножување на стравот. Начинот е многу подлабок и е духовен. Апостолот тоа не го знаел тогаш, ниту бил подготвен, ниту очекувал нешто такво, а тоа се гледа од тоа што стравот влегол во него и не успеал да го победи. Се уплашил да се соочи, бидејќи се работело за излегување на мегдан со егзистенцијалниот проблем на сето човештво – смртта, и се откажал од Христа.
Тогаш кој е начинот да се победи стравот?
Пред тие случувања гледаме како Господ во Гетсиманија веќе се соочува со најголемиот страв за целото човештво – стравот од смртта. Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата (Лука 22,44). Навистина никој, освен Бог, не можел да ја победи смртта, па со тоа и стравот од неа. Христос како човек стравува, ја преживува смртната агонија, бара, ако е можно, да го одмине чашата на страданијата, но како Бог доброволно прифаќа да страда за да ја уништи, да ја поништи и да го ослободи човекот.
Несомнено, начинот на кој треба човекот да постапува е усрдно и со голема вера да Му се моли на Бога, за да го одбие искушението, но најважното од сѐ е: Нека не биде Мојата волја, туку Твојата! (Лука 22,42). Препуштањето на волјата Божја, послушанието кон Бога и доверба во Неговата промисла е триумфот на душата, победа над целиот свет, над сето зло, начин на стекнување вистинска слобода, на освојување на Царството Небесно, живот во единство со Бога. Воскресение.
Големиот Свети Ефрем Сирин за овој голем ден вака нѐ поучува: „Безгрешниот Бог, Синот на Севишниот, е предаден заради тебе. Отвори го своето срце, запознај ги точно Неговите страдања и кажи во себе: Безгрешниот Бог на денешен ден е предаден, на денешен ден е исмеан, на денешен ден е изруган, на денешен ден е удиран по образите, на денешен ден трпел камшикување, на денешен ден носел венец од трње, на денешен ден е распнато небесното Јагне. Нека затрепери твоето срце, нека се ужасне твојата душа. Секој ден леј солзи додека вака размислуваш за Господовите страдања…И ти поднеси зло, и при тоа размислувај за страдањата на благиот Господ. Поднесувај искушенија и благодари од срце!“