Страшно таинство. Молчи сета твар пред голготската драма, занемена е пред неискажливото смирение и трпение на својот Творец, Кој доброволно прима на Себе страдања и срамна смрт. Страшни страдања, тага и солзи ја притискаат нашата душа и ужас го обвиткува срцето, гледајќи го овој страшен призор. Стравува човечката уста да проговори и со зборови да го допре ова собитие, кое сега ни Го покажува нашиот Господ предаден во рацете на грешниците. Се приближува верната душа, трудејќи се да проникне во надумната тајна Божја. Господ е предаден на смрт, за со неа да ги ослободи луѓето што од векови умираа; синовите на темнината пробаа со мракот свој да Го скријат Сонцето на правдата; беззакониците ги врзаа пречистите раце на Спасителот и Му сплетоа венец од трња, ставајќи го врз Неговата Божествена глава; Му се потсмеваат на Оној Кој, еве, сега, сите нè разрешува од оковите на гревот. Треперат коските пред сознанието дека нашиот Творец сега стои пред Кајафа како осуденик и еден од слугите негови Го удира по образите. Големо е чудото да се види кротоста на Царот Христос! Оти кој е тој што би можел во овој час на гневот, да остане смирен? Само Он! Оти додека распнувачите негодуваат, Господ трпи; додека тие се гневат, Он е исполнет со благост. Зар е можно исполнетиот со мноштво беззаконија да изрекува пресуда за Безгрешниот? Токму затоа е големо Неговото долготрпение, оти додека умот се збунува, прашувајќи се зошто беше предаден најсветиот и безгрешниот, невиноста Негова торжествува над заслепените од злоба.
Трогнато е срцето, но цврсто е втемелено во ветувањето дека Бог нема да го напушти Своето создание, туку ќе го утеши, исцели, ќе го пресоздаде. Нашиот Господ страда од преголемата Своја љубов кон нас и заедно со Него умира гревот на целото човештво. Да, потресува глетката на Неговите приковани раце и нозе, но истовремено и ни ја открива големината на Божјата љубов, нејзиното сведоштво и пројава.
Молитвената длабочина во бигорскиот храм, и овој Велики Петок продолжува да сведочи за овие настани кои го променија човештвото. Пред нас е глетката на страдањата и смртта, но истовремено, надежта во Христовата победа над овие страшни окови кои го држеа заробено целото човештво, како силен зрак не престанува да се пробива до нашите срца. Христовите окови се нашата слобода, а Неговата победа над смртта е смрт за нашата смрт. Пред неа запираат сите болки и испитанија што човекољубивиот Господ ги допушта за наше спасение. Зашто оној кој нераскинливо го врзал својот живот за Распетието и Воскресението Христово, никогаш нема да биде поразен.
Собрани околу нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со секоја честичка од нашето битие Му оддаваме крајна благодарност на Царот на славата, стоејќи пред Неговото Распетие со скрушеност во срцата и со солзи во душите, и молејќи Го да нè удостои да се поклониме и на Неговото славно Воскресение! Тоа крстовоскресно чувство, таа таговна радост и радосна тага го исполнуваше воздухот во Бигорски на синоќешното бдение, на Утрената богослужба што преку дванаесетте страдални Евангелија нè пренесе „во она време“ во Ерусалим, пред Самиот Христос. Литијата, пак, по петтото страдално Евангелие нè одведе на самата страшна Голгота, правејќи нè на мистичен начин очевидци на најужасниот настан во историјата – Распетието Христово. Доволно беше човек само да го погледне лицето на Старецот, задлабочено во великата тајна на нашето спасение, та веднаш да ги надмине границите на просторот и на времето и да се најде мигум пред ридот Черепница, пред околу две илјадалетија.
Денеска, пак, на Царските Часови, посветени на Царот Христос, го слушавме исполнувањето на древните пророштва, на сè што беше претскажано за Синот Човечки од боговдахновените мажи, долго пред Он да се воплоти на Земјата. На Вечерната богослужба, благодатно учествувавме во симнувањето на Господа од Крстот и во Неговото погребение. Цветниот епитаф, изработен со огромна љубов, го преставуваше сечесниот Гроб на Ариматеецот, во кој беше положено пречистото и Божествено тело Христово.
Си се распнал заради мене, за да ми бидеш извор на спасение; си бил прободен во ребрата, за да ми источиш капки на живот; со клинци си бил прикован та, гледајќи ја длабочината на Твоите страдања, да ја познам висината на Твојата сила и да Ти пеам, Животодавче, Христе, слава на Твојот крст и на Твоето страдање, Спасителу.
Верните и смирени поклоници на Распнатиот ширум светот, имаа можност да ги следат во живо најголемиот дел од богослуженијата од Светиот и Велик Петок во нашата Свештена Обител, преку преносот на социјалните мрежи на манастирот, а за тоа пожртвувано се погрижи нашиот драг Стојан Стојановски и неговиот благочестив тим од „2С Студио“. Им ја изразуваме својата голема благодарност и просиме откај Бога благослови за нив.