Света и Велика Сабота

„Господи Боже мој, исходна химна и надгробна песна Ти пеам, Тебе, Кој со Твоето погребение вратите на животот ми ги отвори и, со смртта – смртта и адот ги усмрти“.

(Тропар од канонот на Утрената)

Плаче сето создание, оти Го гледа својот Создател закован на Крст, какo виси гол. Сонцето од жал се смрачува, земјата распукува, од болка тресејќи се. Адот стенка и исфрла во живот одамна упокоени светии. Јудеите мислат како да го сокријат Воскресението, а жените повеќе со солзи, но и со миро, плачејќи и ридајќи, го помазуваат телото на Животодавецот; Јосиф и Никодим го погребуваат со плач и ужас заспаниот Бог и сакан Учител – како мртов Бесмртниот. А ние што би Му воздале, ако не плач со песна погребна и восхит со трепет, на неискажливото долготрпение и човекољубие на Спасителот?

Како што сѐ во природата тежнее кон соединување, така и денес сѐ е соединето во свештен молк и исчекување да се исполни најавеното од Христа Негово Воскресение од мртвите. Верникот Христов веќе ја чувствува победата над смртта, Божјата сесилност, кршењето на смртните окови мистично се слуша, како тресењето на земјата пред вулканска ерупција.

Благодатните излевања од висините врз Бигорската Света Обител ја заплискуваат секоја душа со неискажливо и ретко умиление, а храмот облечен во велелепие и преукрасен го чека излегувањето на Младоженецот, за кого хорот од монаси, псалти и многубројните детски усни, со чиста срдечна љубов кон Спасителот Му ја воспеаја надгробната песна и пофалните статии пред цветниот Епитаф – симбол на Пресветиот Гроб Христов, а во сјајот на нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј и во неговиот облагодатен лик и поглед, веќе го читаме Воскресението и Животот.

Славата на Спасителовото дело во адот, каде што од смрт ги подигнува од веки умрените, торжествуваше на ѕвезденоликата молитвена литија со Христовата Плаштаница, во дворот и околу храмот на Претечата. Но воскресенската радост како уште повеќе да завладеа во нашите срца за време на денешната великосаботна Василиева литургија, единствена по својата длабочина и убавина. „Добро воскресение, добра Пасха!“ – им посака нашиот Старец со неовоземно ликување на многубројните притекнати Христови чеда, фрлајќи цвеќиња насекаде, како симбол на претстојната воскресна радост. Великиот воскресен пркимен што така силно одекна од певницата, веќе нѐ воведе во пасхалното славословие.

Да, навистина, неискажлива е длабочината на Светата и Велика Сабота – денот кога Господ се одмори од делата Свои, откако го создаде светот и човекот и го воведе него како цар во вселената. Тоа е и ден кога Он го заврши и делото на нашето спасение. Оваа Сабота е благословена. Во неа е сокриена победата и молкот пред тајната на Бога Кој се воплоти и стана човек: „Да замолкне секоја плот смртна и да застане со страв и трепет и ништо земно во себе да не размислува; зашто Царот над оние што царуваат и Господ над на оние што господарат приоѓа да биде заклан и да се даде за храна на верните“. Никој никогаш не зборувал така како Христос, како што сега зборува Он со Своето молчење. Сите Евангелски слова што се пропишани за овој ден, се заклучени во Неговото молчење. И многу повеќе од тоа – сето она што не е напишано во книгите и што ние не можеме сега да го сместиме во себе. Сета вистина, сета љубов, сета полнота на животот. Добра Пасха!