По благодатта Божја стоиме на последната станица пред да се нурнеме во сострадалната болка на срцето занемено пред Христовите страдања. Налик на древните Израилци, пред нас се надѕира духовниот Ханаан – Крсната Смрт и Воскресение на нашиот Господ. Колку време само Црквата нè подготвуваше за достојно да влеземе во таа ветена земја. Нè хранеше со манната на покајни молитви и песнопенија, како и со самото тело и крв Христови; ни го заслади горчливиот посен подвиг со дрвото на Крстот; нè охрабри со примерот на покајаната Марија Египетска, која за принесеното покајание од Господа се удостои за прекрасни чудотворни дарови на Духот; а сега еве ни зборува преку настаните со кои нашиот Господ ја промени историјата на светот. И одново пред нашите очи се изобразува една слика: човекот – тоа таинствено Божјо создание во својот најдобар и најлош облик. Оти иако како образ кој го носи на себе печатот на Творецот, тој може да достигне неискажливи духовни висини, љубејќи до пожртвуваност и проштевајќи до крај и смирено каејќи се што Го нажали својот милостив Добротвор, сепак покриен со раните што гревот и страстите му ги нанесуваат, тој секојдневно умира за доброто во себе и станува најголем предавник.
Денес во оваа Велика Среда, во пресрет на најголемата Своја жртва, Господ го прими и најдоброто и најлошото што човештвото можеше да Му го понуди – најголемата љубов и смирено покајание и најстрашното предавство. Љубовта дојде од онаа од која најмалку се очекуваше, од жената грешница што со трепет и покајни солзи ги обли нозете на Спасителот, со својата коса ги истри и со миро ги помаза, барајќи така прошка од Оној Кој сè гледа и ги познава срцата и намерите. Дарот е голем и мирото е скапо, дури и учениците Негови негодуваат за тоа трошење, но ниеден дар не е преголем, ниедна цена превисока кога срцето силно ќе возљуби. Таа љубов Он ја прими и благослови до крајот на времето да се слави нејзиниот спомен. Но колку што љубовта возвишува, току предавството ранува. А од кого? Од оној што со Христа трпезата ја делеше, што Неговите слова и поуки ги слушаше и Неговите чудеса ги гледаше. Истата онаа рака која од Својот Учител го прими лебот, подоцна се извалка примајќи ја цената за Него. Цена со која ученикот ја продаде својата душа на ѓаволот. Цената на среброљубието. Нема посилен пример од овој за разорната сила на таа погубна страст која и денес ги убива душите среброљубиви и од човек прави роб и најдолен престапник. Затоа денес Црквата низ вразумувачки стихири нè опоменува со уделот на Јуда и бара ние што одиме во пресрет на Христа Кој брза да се распне, да измиеме од нас секаква прељубна желба за земните блага.
А присутните во бигорското светилиште, со наведнати глави и смирени мисли стојат во храмот во свештен трепет пред страшното значење и тежина на денешниот ден, кој сите нè разобличува. Не еднаш сме Го предале Господа со своите гревовни слабости и страсти. Но голема е Твојата милост Човекољупче! Наместо праведна осуда ти Своите чеда ги воведуваш во Сионската горна одаја, каде им се приготвува бесмртна трпеза. Таму ќе ги измиеш нивните глави, како тогаш нозете на учениците, бришејќи ја и најситната прашина на земни грижи, ќе ги нахраниш со Своето последно завештание пред да тргнеш на доброволно Свое страдање, ќе им го ветиш мирот кој не е од овој свет и ќе ги осениш со благодатта на Духот. Така утврдени во Твојата љубов и поткрепени со силата што од Твоите Свети Дарови исходи, да се упатат надвор од градските порти на оваа светска суета кон ридот голготски каде светло се издигнува Христовиот Крст. Господ нè призива сите да ги оставиме делата на мракот и да Го следиме во Распетието за да земеме удел и во воскресната слава. Но претходно, уште еднаш да се погледнеме во очи со ближниот и да си побараме прошка еден од друг, за така измирени заедно да тргнеме по Оној што ни заповеда да го љубиме другиот повеќе од себеси. А нашиот возљубен Старец, кој ни е на сите пример за смирението и љубовта што се жртвува, и овој пат ни го покажа прв патот кон меѓусебното проштевање, смирено барајќи прошка и проштевајќи ни ги бројните прегрешенија.
А пред самиот чин на проштавањето, положен од отците токму во Светата и Велика Среда, нашиот Старец ја упати кон нас следнава поука, смирувајќи се пред сите и барајќи прошка од сите:
„Мили мои, измина веќе времето на Светата Четириесетница и по милоста Божја, влеговме во најсветата Седмица од Светиот и Велик Пост, во овие големи и единствени денови непосредно пред Светата Пасха. Од вечерва започнуваме да си спомнуваме за најголемите настани поврзани со земскиот живот на нашиот најсакан Спасител, за спасение на светот. Имено, утре, на Светиот и Велик Четврток ќе си спомнеме за Тајната Вечера и сите заедно, со чисти мисли и осветлени срца, помирени со Бога и еден со друг, ќе треба мисловно и благодатно да седнеме на Светата Трпеза, на Божествената Евхаристија и да се удостоиме со Светите Дарови на нашиот Господ Исус Христос. Добро е овие денови да ги поминеме во скрушеност, во свештено молчание, во богомислие, созерцание, во мир и почит едни кон други и во другарување со Бога. Затоа денес Светата Црква, пред да ги видиме благодатно најголемите и страшни таинства од животот Христов, уште еднаш нè повикува да се помириме еден со друг, да се опростиме, та да можеме во мир да седнеме заедно со Него на Тајната Вечера. Па така, најнапред јас барам прошка од сите вас.
Благословете ме, отци свети, браќа и сестри, и простете ми мене грешниот, за сè што згрешив во текот на целиот мој живот и во целата Света Четириесетница, со збор, со дело и помисли и со сите мои сетила“.
Господи, Ти Кој не нè презре заради нашите безбројни предавства и не нè лиши од сладоста на бесмртната храна, прими нè за сопатници кон крсното поприште и дај ни смирено да ги ставиме своите слаби рамена под Твојот тежок крст, како некогаш Симон Киринеецот. Не лишувај нè од честа да се сораспнеме со Тебе, за потоа да воскреснеме со Тебе и да ја наследиме радоста што си ја приготвил за оние што Те љубат. Амин.
Почитувани верници,
Бидејќи се наоѓаме во најсветите денови од годината, денови на сечесните страдања на нашиот Спасител Господ Исус Христос и на спасоносните настани од последните денови на Неговиот живот на земјата, ви принесуваме за духовна полза извадоци од култниот филм Животот на Христа.
Овој безвременски, величествен филмски приказ на евангелските настани од Страсната Седмица бил снимен во педесеттите години на минатиот век. Главниот продуцент, ирскиот свештеник Патрик Пејтон, презел огромен филмски проект за прикажување на животот на Спасителот на филмското платно. Овие филмски серијали биле гледани низ целиот свет и биле едни од првите филмови со христијанска содржина. Делото изобилува со импресивна кинематографија, сценографија и костимографија, а особено впечатлив е иконографскиот приказ на сцените, во кои личноста на Богочовекот е прикажана со должно достоинство, со мистика, секогаш сниман одзади грбот, а никогаш со лицето – што е карактеристично за старата христијанска кинематографија. Настаните се прикажани според евангелските сведоштва, при што е запазена точната хронологија, со теолошка оправданост од православно гледиште. Филмот бил често прикажуван на часови по веронаука. Се надеваме дека ќе ви биде и вам од полза.