Непосредно пред Своите спасоносни страданија, нашиот Спасител и Господ, откако влезе во градот Ерусалим весело пречекан со „Осана“, им зборува на Своите ученици за крајот на овој свет, искажувајќи параболи преку кои ќе се поучат. Имено, преку Евангелското читање за Светиот и Велик Вторник, светите и богоносни Отци одредиле да се чујат параболите за слугите на кои Господарот им го доверил имотот и им дал заповеди, па заминал на пат; за десетте девојки; за талантите; и за овците и козите и за Божјиот суд (Матеј 24,36 – 26,2).
Господ, предзнаејќи за настаните што ќе се случат со Него во следните денови, грижливо и татковски ги поучува Апостолите, а преку нив и сите нас, Неговите верни последователи, подготвувајќи нѐ за духовна будност, бодрост и борба, кои ни се неопходни за спасение. Он не нѐ остави во незнаење и неизвесност, туку нѐ обезбеди со сѐ што ни е потребно за живот и спасение.
Во овој ден треба да се поучиме од параболите искажани од устата Господова, упатени кон секого од нас. Во првата парабола Господарот им го доверува на Своите слуги имотот и им дава наредби како да се управува со него. Господ на секого од нас ни го доверува Својот образ: разумна и боголика душа, совест, слобода и духовно богатство. Треба да бидеме како верниот и благоразумен слуга кој праведно раководеше со дарот Божји, а не како лошиот и мрзлив слуга, кој почнал да го растура имотот, да ги бие и угнетува останатите Божји слуги (браќата свои), да се опива, живеејќи ненаситно и во немарност. Таквиот самиот се осудил на вечна пропаст.
Во втората парабола, десет девојки девственички го чекаат својот младоженец со запалени светилници. Пет од нив биле неразумни, затоа што немале со себе масло за светилниците, па почнале да им гаснат. Морале да отидат да купат, но во тој час дошол Младоженецот и тие останале надвор од свадбената одаја, тропајќи на затворените врати. Младоженецот им рекол дека не ги познава. Треба да се поучиме дека светилникот на нашата душа која свети со вера и девственост ќе почне да гасне, ако немаме масло, односно милост, љубов, покајание. Преку љубовта, милоста и покајанието нашите светилници – душите ќе светлат со пламенот на верата и ќе го сретнеме Младоженецот Кој ќе дојде изненадно. Одржувањето на нашиот светилник полн со масло на милосрдност и љубов и запален со вера треба да биде постојано, бидејќи не го знаеме часот кога ќе дојде Младоженецот на нашата душа – Господ Исус Христос.
Третата парабола е за талантите, односно за даровите на Светиот Дух, кои ни ги дал Господ на секого од нас според силите и сме повикани да ги умножиме. Да не бидеме како последниот мрзлив слуга кој го закопал талантот и не го умножил, бидејќи ќе ни се одземе и тој и ќе бидеме фрлени во крајна темнина на плач и крцкање со заби.
Последната, пак, четвртата парабола е едно откривање каков ќе биде судот Божји. На судот ќе бидеме поделени како што овчарот ги дели овците од козите. Да бидеме како оние од десната страна на кои Царот Господ ќе им рече: „Елате, благословени од Мојот Отец, наследете го царството…“ , а на тие од лево: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган…“ А од што зависи дали ќе бидеме од лево или од десно на Бога? Од љубовта и милосрдноста кон ближните: „Гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте; странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене. Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа – Мене сте ми го направиле“.
Ете, Господ ни кажа каков ќе биде крајот и каков ќе биде судот и критериумот за спасение.
Хранејќи се од Словото Господово и со поуките за спасение, Бигорски во овој Велик Вторник со трепетна душа и трезвеност се доближува до најсветите денови од годината. Нашиот возљубен старец и игумен, Епископ г. Партениј, заедно со своите монаси, монахињи и верниците, се поклонија пред крајното смирение на нашиот Господ Исус Христос, изобразен на икона како врзан осуденик кој ги разврзува нашите гревови и ни дарува вечен живот.
Удостој нѐ, Господи, сите подготвени да влеземе со Тебе во Твојата свадбената одаја.