„Крстот Господов – древно дрво и нова сила; некогаш најтешка казна, денес непобедлива победа; порано неискажлива болка, денес најслатка утеха; тогаш страшно распетие, сега светло воскресение“. Овие зборови, кои толку длабоко ја изразуваат парадоксалната слава и сила на Чесниот и Животворен Крст Христов, беа навистина едно живо присуство и сведоштво во средиштето на нашето духовно патување – среде пустинската стаза на Великата Четириесетница, во оваа трета, Крстопоклона недела, кога Црквата со родителска мудрост ни го изнесува спасителното Дрво за утеха, за крепкост и за благодатно напојување.
Изминатата ноќ, во умилителна атмосфера на непрестајно моление и славословење, под освештените сводови на Претечевиот храм, се одржа повеќечасовно бдение, запечатено со духовна бодрост и со покајничка радост и благодарност. Молитвите и стихирите се искачуваа во висините како благоухан темјан, а душите на верните беа приведувани во крстовоскресно созерцание.
А денес, во срцевината на светото богослужение се оставари таинствена средба што го преобразува времето и ги обновува силите и надежите: нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, победоносно го издигна Чесниот и Животворен Крст и го положи посреде храмот на славниот Претеча, за поклонение, утешение и обордување на верните. Во тој миг, воздухот како да се згусна од благодат, а свештената тишина им отстапи место на вдаховените воспеви во чест на Светиот Крст, коишто пренесуваа трепетна сила. Крстот, знак на срамот и поразот според овој свет, се воздигна како знаме на вечната победа, како трофеј на Божествената љубов.
По поклонението пред Животворното Дрво, нашиот крстољубив Старец тајноводеше со Божествената Литургија на Светиот Василиј Велики, во сослужение со браќата од манастирот. Богослужбата, облагодатена со силата на Крстот, стана жив извор на духовна снага и утеха, од кој се напоија многубројните притекнати души.
Под животрворните краци на Чесниот и Животворен Крст од каде што Спасителот го прегрна светот, владиката г. Партениј, заедно со целото братство и верниците, вознесе усрдни молитви, како и во изминатите денови, за блажен покој на душите на невино загинатите млади луѓе во стравотниот пожар во Кочани, за скорешно закрепнување на повредените и за утеха на оцрнетите семејства, погодени од оваа најголема трагедија во поновата историја, која со голема болка нè порази и сите нас.
По завршетокот на Литургијата, со посебна молитвена проникнатост, Старецот го изврши чинот на водосветот, благословувајќи го народот со светата вода и оросувајќи го со благодатна свежина среде жегата на подвигот.
И сега, со срца просветлени од Крстот, повторно потрчуваме напред, низ пустината на постот. Но веќе не сме исти – Чесниот Крст ни стана и кормило, и закрилник, и меч, и лоза таинствена од која потече обилна благодатна струја.
О Крсту Христов, трофеју спасителен, подигни нѐ кога паѓаме; заштити нѐ кога се колебаме, просветли нѐ кога се помрачуваме! Да се радуваме во тебе, да се утврдуваме преку тебе, да совоскреснеме со Оној Кој на тебе беше распнат – со Господа наш Исуса Христа!
Благословот од Чесниот и Животворен Крст да биде со сите кои Него Го љубат и кои со вера Му се поклонуваат!