Светол Петок во Пречиста

Еве сме на крајот од Пасхалната седмица и духовната радост и веселие добиваат нова сила во торжеството на Пречистата Владичица на Небото и Земјата, од чиј лик денес се излеваат потоци на непресушна благодат. Подобно на својот Живоносен источник – Балаклија, во Градот на царевите, од кој и ден денес течат реки на исцеленија, овде во Пречистанската Обител, потече река од народ кон агиазмата кај месноста „Господинец“, за со Преподобномачениците пострадани на ова место, да ја сподели пасхалната радост. И тие како живи храмови Божји се вградија во оваа светиња и сега со нас пасхално ликуваат, славејќи ја Онаа Која стана храм на Живиот Бог.

Благодатно вдахновен од убавината и светлината на денешниот празник, нашиот возљубен Старец, Епископот Партениј, ги искажа своите длабоки мисли за најзначајниот храм во кој Бог најмногу сака да пребива:

Да Му благодариме на Бога, мили мои, што по Неговата милост ја изминавме, во духовно веселие и славословие, најсветлата и најрадосна Седмица од богослужбениот, литургиски круг во годината. Денешниов ден, Светол Петок, кој ја приведува кон крај Светлата Седмица, е, како што знаеме, посветен на Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија, во чест на нејзиниот Живоносен источник – Балаклија, во Цариград.

Всушност, секое добро што го имаме во животот е благослов токму од Царицата Богомајка, преку Која Бог слезе во овој свет. Таа, вели Свети Јован Дамаскин, постана небесна врата, небо и храм на Божеството. Богородица е, впрочем, единствениот храм во кого се настани Божјата полнота. Во нејзиното човечко, но пречисто тело Несместливиот си најде место да се всели и на тој начин да ни ја даде можноста сите да станеме храмови Божји. Во Евангелието што секогаш се чита на Источен Петок, Свети Јован Богослов ни раскажува за случајот кога Христос влезе во Ерусалимскиот храм и со бич ги растера оттаму трговците, продавачите и менувачите на пари, бидејќи домот за молитва го беа претвориле во дом за трговија и во разбојничка пештера (сп. Јован 2,13-17 и Лука 19,46). Тогаш учениците се сетиле на старозаветното пророштво за Христа, дека ревноста за Твојот дом ме изеде.

Кој е најважниот храм за Бога, за кого тој особено ревнува?

Во евангелскиот настан Господ ги растера трговците, се разбира, од Соломоновиот храм –  каменото здание кое било градено 46 години, како што рекоа и самите Негови потсмевачи и непријатели. Меѓутоа, подолу Он говори за уште еден таинствен храм кој ќе биде урнисан од злобата и зависта на јудејските старешини, но за три дни повторно ќе биде воздигнат. Тоа е имено храмот на Неговото пречисто тело, кое ќе стане првина меѓу воскреснатите за сите, така што и ние, Неговите следбеници, да можеме да станеме живи храмови, обиталишта Божји. Ете, најмногу за тие храмови ревнува Христос и затоа, истерувајќи ги трговците од храмот, вели дека домот на Неговиот Отец е дом за молитва. Значи, молитвата како севкупност на светотаинскиот живот во Црквата е средството преку кое потполно се предаваме на Бога и преку кое можеме да станеме Негови обожени деца.

Во деновите од Светлата Недела, на Светата Литургијата, наместо трисветата песна Свети Боже, што вообичаено се пее пред читањето на Апостолот и Евангелието, пеевме: Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте (сп. Гал 3,27). Истава фраза ја испеал и свештеникот при нашето крштавање, во знак на тоа дека со тој свет чин ние сме очистени и облечени во Христа. Така, Црквата во оваа недела нè потсетува на светото Крштение; повторно нè повикува на чистота, на охристовување, како неопходен императив за да бидеме со Бога, да учествуваме во Неговата радост.

Радоста од Воскресението ќе продолжи да опстојува во нас доколку ние се трудиме да останеме чисти храмови Божји. Тоа е, всушност, нашето исконско предназначение. Не знаете ли дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе? (1. Кор. 6,19) – прашува Апостолот Павле. Во тој наш труд спаѓа, секако, и грижата за нашите ракотворени храмови како најголеми светињи, бидејќи срце на секоја црква е Светата Трпеза – местото каде што Христос ни се предава за спасение преку Светата Евхаристија. Неговите Божествени Тело и Крв ни се раздаваат како залог за вечното Царство Божјо токму во нашите храмови. Покажувајќи ревност кон камените храмови и кон таинствата што во нив се случуваат, ние истовремено треба да покажеме ревност за и нашето срце да постане света трпеза на Христа, каде Он ќе може спокојно да се всели и да обитава. Нашето срце, всушност, Му е најмилиот храм за Себе. Он таму сака да престојува и да почива.

Таков совршен храм на Неговата Светост била Пречистата Мајка Богородица, чијшто празник славиме денес. Животворниот извор Балаклија во славниот Константинопол, денешен Истанбул. Од тој извор станувале и до денес стануваат многу исцеленија и чудеса. Меѓутоа, сè што е овде на Земјата, вклучително и изворите и камените храмови, еден ден ќе премине. Ќе останат единствено живите храмови – луѓето, кои според Божјата благодат се неразрушливи. Моќна е симболиката на овој ден: Богородица како извор на вистинскиот и нетлен живот кој никогаш нема да престане. Преку нејзината чистота и непорочност дојде Спасителот Христос, а Таа постана најубав храм на Божеството. И затоа со Неа сè започнува и сè завршува. Новиот Завет, на пример, започна со Благата вест, кога Архангелот Гавриил ѝ соопшти на Пресветата Богородица дека ќе зачне во утробата од Светиот Дух и дека ќе Го роди Спасителот Христос – Емануил, што значи „Со нас е Бог“. На тој празник, впрочем, на Божественото Благовештение е посветен и овој прекрасен Манастир.


Нашата благодарност кон Царицата Мајка е огромна, затоа што и почетокот на нашето возобновено монаштво е со нејзин благослов, од нејзината Градина, Светата Гора Атонска. Во тој ред, и благата вест упатена лично кон мене, а изречена од устата на нашиот почитуван Митрополит, владиката Тимотеј, дојде од Пречистата, токму од овој нејзин Манастир. Имено, во една прилика уште пред да станам монах, дедо Тимотеј овде ми рече: „Реши се и ќе ти дадам манастир“. Така, благата вест за мене пристигна од Пресвета Богородица преку владиката. Таа постави почеток на нешто многу убаво и возвишено, со нејзините молитви кон Христа за нашиот народ. Го започна монаштвото кое е крвоток на Црквата. За ова нема потреба да веруваме на зборови. Просто, ние гледаме што сè постигна монаштвото во Македонија во изминативе три десетлетија. Вистинска преродба. Зашто Бог го чува и го поткрепува монаштвото и покрај сите искушенија и ветришта што сакаат да го разрушат. Од самиот почеток беше така. Нè осудуваа, нè озборуваа, нè клеветеа. Но, Христос беше со нас. На Великото повечерие секогаш пееме: „Со нас е Бог, разберете, народи, и покорете се, зашто со нас е Бог“. И сега е истото, злите јазици не престануваат. Како противсловијата во времето на Христа. Но, догматикот од први глас од Свети Јован Дамаскин што го спомнав во почетокот, во кој Богородица се воспева како врата, храм и небо на Божеството, на крајот завршува: „Бидете смели, луѓе Божји, зашто Тој ќе ги победи непријателите, како сесилен“. Родениот од Неа, Назареецот, Воскреснатиот ќе ги победи сите наши непријатели и неволи. Наше е во смирение и покајание да се молиме, да Му принесуваме слава Нему, да живееме во чистота како живи храмови Божји и така, по милоста и по молитвите на Пресвета Богородица, ќе го достигнеме спасението. Амин.

Христос Воскресе!