Традиционалното реканско бдение во пресрет на Богојавление

Веќе неколку дена наназад, Црквата, преку претпразничната богослужбена химнографија, ги повикува своите верни чеда да „одат и да нацрпат вода од изворите на спасението“, за да ги подготви за големото таинство на Просветлението, како што со право се нарекува празникот Водици. Преку боговдахновени песнопенија и пророчки слова, таа сака да ја разбуди и да ја допре човечката душа, воведувајќи нè во една чудесна и страшна по својата убавина глетка, на која со трепет се восхитуваат дури и ангелските сили: како „Оној Кој ја обеси земјата на водите“ Го примаат во својата утроба речните води; како „Оној Кој го облекува небото со облаци“, Самиот се облекува во водите Јордански; како Самиот Творец и Промислител на родот човечки се соблекува, за да ја покрие голотијата Адамова и повторно да го облече човекот во светлата облека на обновениот живот.

Во ова смирено слегување на Синот Божји во водите, Црквата го созерцава не само Крштението Христово, туку и почетокот на космичката обнова: водата, првата и основна стварност на создадениот свет, станува почеток на обновата; природата, која паднала заедно со човекот, започнува да се враќа кон својата првобитна цел. Бог ја осветува водата, не затоа што таа Му е потребна Нему, туку затоа што таа ни е потребна нам, кои сме облечени во тело и кои преку видливото оросување на телото сме повикани полесно да ја подготвиме и нашата душа за невидливото оросување од Светиот Дух. Но тоа осветување не застанува на површината; тоа треба да продре длабоко, да го засегне самото внатрешно битие на човекот, да го преобрази однатре, да го врати кон изгубената полнота на заедништвото со Бога.

Токму ваквите благодатни призиви за очистување на душата преку покајание и за нејзино молитвено подготвување за Богојавленското Таинство на просветлување и осветување, тивко, но моќно го проникнуваа и синоќешната целовечерно бдение во Бигорското светилиште. Особена празнична полнота му даде и фактот што традиционалното реканско бдение оваа година се совпадна со воскресниот богослужбен циклус за неделниот ден, па радоста на Богојавленското очекување беше озарена и со светлината на Воскресението, со онаа светлина што секоја недела ѝ дава смисла и насока на историјата.

Во таа литургиска полнота, бдението и светата Литургија беа благодатно сведоштво дека Црквата живее од настан, а не од спомен. На бдението претстоеше старецот на светата обител, нашиот најсакан духовен отец, епископот Антаниски г. Партениј, кој утрово и чиноначалствуваше со светата Божествена Литургија. Околу него, покрај многуте притекнати гости, традиционално се собраа и верните од околните села на Мијачијата, кои, предводени од своите кумови, пристигнаа во манастирот за уште еднаш да Му ја искажат својата верност на Христа преку древниот и жив обичај на врзување на крстовите. Заедно со нив, стоејќи простум на целото бдение, се молеше и група млади охриѓани, кои сакаа да се помолат на свети Јован и да си земат благослов од својот духовен татко пред да се положат во осветените води на Охридското Езеро на самиот празник.

Со своето пастирско слово, пак, Старецот ги воведе присутните во суштината и длабочината на претстојниот празник и во тајната на смиреното Крштение на нашиот благ Господ, Кој, безгрешен, застана во редот на грешните и прими да биде крстен од раката на Својот слуга, свети Јован Крстител. Така, преку богослужбата и словото, празникот не беше само најава, туку веќе започнато учество во тајната на обновениот живот, кој од Јордан се излева врз целиот свет.

Добро просвештение на сите!