Три јубилеи – една љубов

Во вчерашното спокојно навечерие на споменот на светиот маченик Лонгин Стотникот, во Бигорската свештен обител со радост и благодарност се собраа семејствата од Река и Дебар – духовни чеда на Старецот наш, епископ г. Партениј. Приредувајќи му пригодно изненадување, со светол плам во очите и топлина во срцата, тие дојдоа да му принесат на својот духовен родител и раководител дар на љубовта: не материјални нешта, туку зборови на благодарност и чест, како благоухан темјан и запалено кандило. Секое семејство, со трепет и умиление, му прочита по една лична порака со најтопли благопожелби, откривајќи колку нивниот живот е осветлен од неговите молитви и грижа.

Старецот, длабоко трогнат, со очи полни од солзи, возврати со вдахновени зборови од срце исполнето со Христова љубов. Тој говореше за онаа љубов што не бара свое, што не се гордее, туку секогаш простува и гради. „Вие сте мојата радост во Господа,“ рече тој, „мојата сила во молитвите и мојот благослов на земјата. Вашата вера е мојата награда, а вашето спасение – мојата цел.“

А денес, кога Црквата со благодарност го слави светиот Лонгин – стотникот што Го препозна Бога во Распнатиот на Голгота – во присуство на нашата монашка заедница од Бигорски, Рајчица и Пречиста, се отслужи Утрена богослужба и света Литургија. Со благодатен мир и восхит, верните ги насочија своите мисли кон молитва и богосозерцание. Светата Евхаристија ја возглави старецот владика, во сослужение со своите браќа свештенослужители, а на особена радост на сите нас, сослужуваше и отец Лука од светогорскиот манастир Ксенофонт – еден од најпознатите зографи на нашето време, кој во своите икони и живописи го впишува зракот на вечноста.

По завршувањето на Литургијата, Старецот изрече вдахновено слово за подвигот и преобразбата на свети Лонгин, кој во најтемниот час на Страшната Голгота го виде Сонцето на правдата и со едно сведоштво ги осветли вековите: „Навистина, Овој беше Син Божји!“

Во името, пак, на нашата монашка заедница, до возљубениот ни Старец се обрати нашиот најстар собрат, архимандритот Доситеј, кој со длабока почит му подари сребрена моштохранителница за чесните мошти на светата маченица Христина. Тие мошти, пак, како благослов од Светата Гора, ѝ беа подарени на нашата обител од светогорскиот старец Антипа. Во своето трогателно обраќање, отец Доситеј потсети дека оваа година за нас е особено знаменита и слана, исполнета со трократен јубилеј: пет и пол децении од раѓањето на нашиот Старец, триесет години од неговиот монашки потстриг, и пет години архиерејската служба. „И бидејќи,“ рече тој, „Вашето монашење, возљубен наш Старче, се случи токму на споменот на светата Христина, ние, вашите синови и ќерки по дух, решивме да Ви го принесеме овој скромен, но благословен дар – моштохранителница што ќе ги чува нејзините свети мошти, како знак на благодарност и љубов кон Вас, кој ни ја покажувате убавината на монашкиот подвиг и тивката преобразувачка сила на послушанието и на служењето.“

Во тој светол миг, сите почувствуваа дека празникот на свети Лонгин се спои со радоста на еден благословен живот – педесет и пет години на Старецот исполнети со крст и со воскресение, со молитва и љубов, со плодови и самозаборав. Така, празникот на маченикот кој прв од паганите Го исповедал Христа за Син Божји се претвори во благодарствено славословие за пастирот што и денес, како вистински стотник на духовната војска Христова, стои на стража за своето стадо и го води кон светлозарниот блесок на Воскресението.

На многаја лета, возљубен наш Старче! Нека Господ го укрепува Вашето срце, нека Ве ороси благодатта на Светиот Дух, а светиот Лонгин нека се застапува одозгора за сите што Го љубат Христа и се собираат под Вашата татковска закрила!